Македонија домаќин на меѓународна конференција за геотехничките предизвици

Геотехничките предизвици, наоѓањето практични и применливи решенија, светските стандарди  и надградбата на капацитетите на надлежните институции, се клучните теми на  16. Подунавско-европска конференција за геотехничко инженерство, што се одржува од денеска во Скопје.

На  тридневната меѓународна конференција посветена на темата „Геотехнички хазарди и ризици: искуства и пракса“,  учествуваат повеќе од 250 научници геотехничари и инженери од 46 држави.

Според Милорад Јовановски, претседател на Друштвото за геотехника на Македонија, проблемите со чести поплавувања на сообраќајници, свлечишта и  покрај  напредокот на геотехниката и техничко-технолошкиот развој, не се карактеристика само за државава.

– Тоа не е само наш „специјалитет“, туку се случува насекаде во светот. На вчерашните презентации од областа на тунелоградбата беа претставени такви примери, далеку потешки од нашите и во Сан Паоло, и во Бразил и во Америка. Непогодите не може да се спречат до крај, но ако добро се пристапи може да се намалат последиците. За жал, природата понекогаш може да изненади и баш оваа конференција дава доста начини и примери како може да се намалат тие последици, со примена на соодветни техники, научни и други постапки кои ќе помогнат сигурно да се намалат, изјави Јовановски, одговарајќи на новинарски прашања.

Според него,  Македонија ги следи светските трендови. И на ниво на образование имаме посебна програма за геотехника каде студентите се едуцираат и скоро целосно, а во некои делови сме и блиску до светските достигнувања насекаде во светот. Во однос на геотехничките делови сме на исто ниво како и другите држави, а во некои делови и најдобри,  рече Јовановски.

Претседателот Ѓорге Иванов, кој е покровител на конференцијата, укажа на важноста на ангажманот и експертизата на геотехничките инженери и порача дека за ефективна и ефикаска превенција треба да се работи на јакнење на  институциите со знаења, капацитети и ресурси.

Иванов потенцираше дека Скопје по катастрофалниот земјотрес пред 55 години беше обновено благодарение на солидарноста на светот и професионалноста на геотехничките инженери како најодговорни за поставување на здрави темели на новиот и поотпорен град.

– Република Македонија денес се поврзува со европски транспортни коридори. Се градат патишта, тунели и мостови, се развиваат индустриски капацитети. Се разгранува и продлабочува протокот на луѓе, стоки, капитал и услуги. Сето тоа има цел за повисок економски раст и развој за македонските граѓани, но за тој да биде одржлив повторно ни е неопходна експертизата на геотехничките инженери, рече Иванов.

Нашиот регион, посочи претседателот, за жал, не е имун на катастрофите, а драстичните климатски и метеоролошки промени што се на повидок ќе го зголемат ризикот од хидролошки непогоди во Европа.

– И покрај сиот научен техничко-технолошки развој, како човештво се уште не можеме да ги спречиме сите непогоди,  но можеме да спречиме тие да прераснат во катастрофи. Тоа ќе го постигнеме ако ги зајакнеме нашите институции со знаења, капацитети и ресурси, неопходни за ефективна и ефикасна превенција, одговор и ублажување на последиците во согласност со Рамката од Сендаи, рече македонскиот претседател.

Конференцијата ја организира Друштвото за геохетника на Македонија, во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и методиј“, Градежниот факултет, Комората на овлчастени архитекти и овластени инженери и Инженерската институција на Македонија.

Конференцијата се одвива под закрила на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство (ISSMGE), поддржана и од Меѓународната асоцијација за тунелоградба и подземни конструкции (ITA).

Конференцијата првпат е организирана во  1964 година.