Најавен нов протест за „Македонија“ во Атина на 8 јули

„Илјадници граѓани низ цела Грција порачаа дека Македонија е грчка“, „24 градови, еден глас“, „Илјадници граѓани на улици, протестираа за Македонија“, „Македонија е грчка извикаа илјадници граѓани во над 20 градови“, „Мирно и масовно завршија протестите за Македонија“, „24 градови во ритамот на протестите за скопското прашање“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашните протести низ Грција на кои се „бранеше грчкиот карактер на Македонија“.

Медиумите во Грција, главно позитивно ги оценуваат протестите, како во однос на масовноста, така и во однос на пораките што беа испратени, а акцентот го ставаат на фактот што собирите завршија мирно и без партиски обележја, а граѓаните и демонстрациите добија поддршка од опозициски политичари, од локалната самоуправа во градовите, но и од митрополити и свештени лица.

Организаторите од своја страна се задоволни од одѕивот на граѓаните на протестите во 24-те грчки градови. Отон Јаковидис од „Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, за грчката телевизија Скај вели дека се покажа дека народот е „координиран, подготвен и бара да се почитува неговиот став“.

– Првите големи протести во Солун и Атина го покажаа големиот обем на народот што не го прифаќа предавањето на името Македонија на соседната земја, додека пак во вчерашната втора фаза, целта не беше да се покаже обемот, туку да се покаже дека народот е целосно координиран врз основа на одлуките донесени со резолуциите од првите протести, вели Јаковидис и додава дека народот не само што не се согласува „да се даде името на соседите, туку бара да се распише референдум во Грција“.

Според дел од грчките медиуми, за 8 јули закажан е нов протест во Атина, за кој стои организација под името „Комисија за заштита на правата на влашки Грци што живеат во Скопје и заштита на грчкиот карактер на Македонија“.