Средба Арта Точи – Јосип Бркиќ

Билатералните односи, економската соработка, регионалните и меѓународните случувања беа теми за кои денеска во Скопје разговараа замениците министри за надворешни работи на Македонија и Босна и Херцеговина, Арта Точи и Јосип Бркиќ

Точи на политичките консултации изрази уверување дека пријателските односи меѓу двете земји ќе го одржат позитивниот тренд на развој и ќе се збогатат со нови содржини од заемен интерес.

Соговорниците констатираа одлични билатерални односи, потврдени со засилената динамика на размена на посети на високо и највисоко ниво, заемните заложби за збогатување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во делот на европските и евроатланските интеграции на двете земји.

На средбата акцент беше ставен на економската димензија на билатералната соработка.

Точи и Бркиќ ги подвлекоа напорите на двете влади за креирање поволни можности, меѓу кои, воведување авио линија Скопје -Подгорица – Сараево, олеснување на патувањето на граѓаните на двете земји со биометриски патни исправи, меѓусебно признавање на возачките дозволи.

Соговорниците разменија мислења и за актуелните состојби во двете земји, како и за актуелните регионални и меѓународни случувања.