Маврово има уште еден, многу значаен аргумент за да биде неодминлива дестинација за посета и катче за духовно поклонение на православните верници. Селото Маврово е родното место на г.г. Доситеј, возобновителот и прв поглавар на возобновената Охридска архиепископија – Македонска православна црква.
– Иако мавровскиот крај несебично низ времињата изнедрил многу значајни личности за македонската историја, една од најзначајните фигури несомнено е г.г. Доситеј. За жал, тоа во пошироката јавност не е многу познат факт. Овој великан, направил многу за македонскиот црковен живот и воопшто за македонскиот народ. Неговата посветеност кон црквата и православието се доволно големи за да заслужат чествување и пиетет, вели Душко Шарески, претседател на Здружението за развивање, промоција и едукација „гг дедо Доситеј“.
Здружението во спомен на г.г. Доситеј во соработка со Федерацијата на планинарски спортови се обидува да направи промоција на оригинален начин. Во изминатите три години организирани се вкупно шест планинарски маршеви по падините на Бистра и околните планини. Таква е планинарската тура од манстирот св Пантелејмон во Ниќифорово-Св. Ѓорѓија во Кнежино-Св Богородица Пречиста во Кичевско.
Шарески како активен планинар и туристички работник смета дека во промоцијата на мавровскиот регион и во туристичката понуда, неизбежно треба да да се облагороди со посебна содржина за запознавање со духовниот живот, кој како што вели е доминантен белег.
– Сметам дека е неправеден односот како на државата, така и црквата кон возобновителот и прв поглавар на Охридската архиепископија, Македонска православна црква. Овој духовник заслужува поголема почит и генерациски незаборав. За почеток, тоа може да биде спомен соба и спомен обележје на местото на неговата родна куќа. Тоа ќе биде поттик за дополнително афирмирање на вредностите на делото на г.г. Доситеј, подвлекува Шарески.
Како дел од идеите кои би придонесле во промоцијата, Шарески наведува отворање на спомен куќа со црковна библиотека, пораките на г.г. Доситеј и експонати кои се врзани за животот на поглаварот, а кои би биле само еден сегмент. На ова, според Шарески можат да се додадат и други комбинирани духовно автентични содржини, како собири и манифестации кои би привлекле посетители и верници.
Богатиот животопис на г.г. Достиеј, по многу нешто единствен и неповторлив, започнува на почетокот од минатиот век. Роден пред 112 години (7 декември 1906 година) со крстено има Димитар Стојкоски како четвртто дете од осумте во семејството на Лазар и Софија. Духовниот живот го започнал со неговото замонашување во 1924 година. Г.г. Доситеј останал на Света Гора до 1932 година. Подоцна по Втората светска војна ќе биде крунисан со изборот за прв поглавар, востоличен на архиерејскиот трон на св. Климент (4-5 декември 1958 година) со титула Архиепископ Охридски и Скопски и прв митрополит Македонски, а на 17 август 1967 година на прогласувањето на автокефалноста, архиепископот Доситеј ќе стане поглавар на автокефалната МПЦ. Тој со МПЦ ќе раководи 23 години сé до неговото упокојување на 20 мај 1981 година. Тој е заслужен и за возбновување и формирање на сите нејзини витални органи на МПЦ: епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, отворање на Богословијата, Богословскиот факултет во склоп на УКИМ, изградбата на соборниот храм во Скопје.