Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Обединети Нации за животна средина, во соработка со Град Скопје и општините во градот денеска се вклучија во глобалното одбележување на 5 Јуни-Светскиот ден на животната средина, кое годинава се одбележува под мотото „Да го запреме користењето на пластиката“.
На забавно-едукативниот настан во Градскиот парк во Скопје, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на учениците им порача да користат едно шише во кое ќе носат вода на училиште, храната да не ја пакуваат во пластика или најлонски ќеси и да не пијат со пластични сламки.
– Министерството за животна средина брзо ја следеше препораката на ЕК и подготвен е националниот план за помалку генерирање на отпад под мотото „Ако не знаете да го рециклирате, подобро да не го употребите“. Во тој национален план ќе бидат опфатени колективните постапувачи за хартии, за пластика, за отпадни батерии, отпадно масло, отпаден текстил, школките од автомобилите кои секаде се расфлани и отпадните гуми, изјави Макрадули.
Тој информира дека заедно со колективниот постапувач со отпад „Пакомак“ поставиле мрежа на реката Треска во општина Македонски Брод за да се спречи нелегалниот дотур на пластични шишиња во езерото Козјак. Најави дека таква мрежа ќе биде поставена и на реката Вардар во општина Зелениково.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон соопшти дека употребата на преку еден милион пластични ќеси и пластични шишиња низ целиот свет претставува голем проблем и ризик за загадувањето на океаните и воопшто на животната средина. Апелираше да се избегнува користењето на пластиката.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов информира дека Секторот за животна средина на Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање соработуваат за почиста животната средина. Посочи дека од нивна страна се мапирани проблемите за кои, како што рече, треба да бидат извршени законски измени со цел барем пластичниот отпад да биде посоодветно и покомерцијално третиран.