Поглавјето 23 клуч за добро владеење и прв чекор кон ЕУ

Правосудството,  борбата против корупцијата и човековите права се трите теми содржани во поглавјето 23 на кои е работено во изминатите две и пол години во рамки на проектот спроведуван од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Институтот за европска политика во соработка со 15 организации и девет грантисти.

Во Скопје денеска се одржува завршната конференција на проектот Мрежа 23+ насловена „Поглавје 23: Пандорина кутија или клуч за одбро владеење?“ на која меѓу другите учествуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, министерката за правда Рената Дескоска и претставници од сферата на правосудството и невладиниот сектор.

– Преговорите за пристапување се конечна фаза од процесот на интегрирање на земјите кандидатки на ЕУ, порача премиерот Заев пред присутните учесници на завршната конференција.

Потсети дека по шестиот бран на проширување ЕК одлучила во преговорите со земјите кандидатки поглавјата 23 и 24 да бидат отворени први.

– Нам како земја која почна со овие реформи и како земја која доби чиста препорака и очекува датум, ни е сосема јасно дека ниту ЕК, ниту земјите членки нема да прифатат половично реализирани реформи. Ниту нам не ни се потребни половични реформи. Зборуваме за коренити реформи. Сите на крајот треба да ја отвориме кутијата на правосудството и без разлика дали е Пандорина и храбро и отворено да продолжиме со реформите, само така може да градиме европска држава, нагласи премиерот.

Тој додаде дека 2018-та ќе биде година на најважните правосудни реформи откако земјата е кандидаткна за членство во ЕУ.

Тука ги спомена реформите во Судскиот совет, на начинот на избор и разрешување на судии, работата на Академијата за судии и обвинители и посочи оти тоа е само почеток.

– Пристапот до правдата за сите мора да биде целосно гарантиран, порача Заев и додаде дека поради тоа се покренати и измените на Законот за бесплатна праван помош.

Потенцира дека Република Македонија мора да биде земја со нулта толеранција за корупцијата, а законските пакети од оваа сфера мора да бидат сеопфанти и ефикасни и во таа насока е потребно да се обезбедат и поголеми  ингереници на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Вицепремиерот Османи истакна дека пристапувањето во ЕУ е долгорочен процес, но не бескраен и процес кој е врзан со една Влада или една политичка партија.

Тој истакна дека земјата преку  Планот 3-6-9 ги спровела реформите соджрани во него, а сега се раководи од Планот 18 кој вчера бил презентиран пред Делегацијата на ЕК.

Планот 18, кој како што рече Османи, е во драфт веризја, утре тој ќе го презентира во Брисел, а од петок со него да биде запозната и опозицијата.

Министерката Дескоска пак посочи дека на Поглавјето 23 не смее да се гледа како на Пандорина кутија, туку како на отворање пат за добро владеење што нема да биде лесен и на кој ќе има многу препреки, но чие отворање е потребно заради воспоставување на добро владеење на правото и правна сигурност на граѓаните.

Директорката на Инситутот за европска политика Симонида Кацарска нагласи оти со завршување на проектот работата на ова поглавје допрва започнало и додаде оти владењето на правото е тема која што се отвора и во самата ЕУ,  каде дури се размислува тоа да се услови со финансирање на европската помош.

Пред присутните се обрати и професорот Гордан Калајџиев кој е претседател на Хелсиншкиот комитет и кој истакна оти ако ситуацијата во оваа сфера се прифати онака како што политичарите ја прикажуваат тогаш „најдобро би било сите да си одиме дома“.

Тој добил впечаток дека спроведувањеето на овие реформи како да сакало да се направи преку ноќ и додаде оти интенциите се добри, но проблем секогаш биле роковите.

Посочи оти не само што во Македонија постои болест во првосудниот сектор што континуирано бил нагризуван во изминатите десет години, туку во земјата постои и јаз меѓу секторите внатрешни работи и правосудство.

– Постои стриктна поделеност меѓу овие два система кај нас и тоа е најголемиот проблем, рече Калајџиев.

Изрази надеж дека во целиот овој процес на реформирање на правосудниот систем ќе има поголема вклученост на научната фела.