Алаѓозовски: Формирање албански државен ансамбл во согласност со концептот за едно општество

Проектот за создавање албански државен ансамбл за песни и ора ќе се реализира во наредниот период и за тоа се обезбедени пари во буџетот. Тоа е во согласност со владината програма за унапредување на културата на сите заедници и  градење едно општество, изјави за МИА министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

– Генерално ние ја унапредуваме културата на сите заедници во Македонија и претставници од ДУИ одговарајќи на барањата на граѓаните од албанска етничка националност побараа создавање на еден професионален национален ансамбл, кој што би се занимавал со негување на албанскиот фолклор и албанските традиции. Ние поаѓајќи од тоа барање од втората најбројна заедница немавме никаков проблем да им излеземе во пресрет на тие нивни барања. Така што проектот за создавање еден таков ансамбл ќе се реализира во наредниот период и за тоа се обезбедени пари во буџетот,  вели министерот Алаѓозовски..

Тој нагласи дека тоа не значи дека ние излегуваме во пресрет само на едните, а ги запоставуваме другите етнички заедници.

– Истовремено, во нашите програми и фолклорните ансамбли на сите други етнички заедници, исто така, ќе бидат поддржани во годишните програми. Во таа смисла за нас, по логиката на нашата програма дека градиме едно општество, се разбира дека сме подготвени и имаме инструменти и политичка волја, преку програмите повторно ги задоволиме и потребите за негување на културниот идентитет на етничките заедници, рече министерот за култура.

Според него, прашањата дали ансамблот на албански песни и ора треба да биде секција во Танец или посебен ентитет е техничко прашање.

– Некои од дилемите во јавноста дали треба да има секција во „Танец“ или треба, на некој начин да ги интегрираме, или тоа да биде само чисто етничка репрезентативност, за нас тој пристап е повеќе прашање на техника. Но, ние не би сакале како Министерство, ние да ја наметнуваме солуцијата која што на крај не би го решила прашањето, туку можеби би создала нови проблеми, вели Алаѓозовски.

Тој упатува и на примерот со Театарот на народностите, од кој подоцна произлегоа три засебни театри.

– Ние имавме во минатото таков пример со Театарот на народностите каде што Пралипе не си го најде местото. Потоа имаа голем проблем меѓу себе Турскиот и Албанскиот театар што, еве, после толку години дојдовме во ситуација тие да имаат одделни згради. Така што изнаоѓањето на решенијата секогаш треба да доаѓаат од долу. Значи оние што се најблиску до граѓаните, културните работници и тие најдобро знаат на кој начин ќе го дадат најдоборо од себе. Ако сметаат дека треба да бидат секција или дел од националниот ансамбл се разбира дека ќе видевме дали можеме да им излеземе во пресрет на тоа барање. Кога бараат да имаат посебен ансамбл, а бидејќи сметаме дека нема ништо проблематично во таа нивна потреба, решивме на овој начин да му пристапиме на прашањето, појаснува Алаѓозоски.

Се очекува во следниот период да се направат консултации во однос на законските односи за овој ансамбл и за неговото седиште.