Интервјуа и средби по повод десетгодишнината од основањето на фондацијата “Атанас Близнаков”

ИНТЕРВЈУА И СРЕДБИ ПО ПОВОД ДЕСЕТГОДИШНИНА ОД ОСНОВАЊЕТО НА ФОНДАЦИЈАТА

Ништо не може да ја замени упорноста.

ниту талентот, ниту генијалноста,

ниту образованието.

Упорноста и одлучноста се моќ 

Мудра изрека

По повод прославата на десетгодишницата од формирањето на Фондацијата „Атанас Близнакоф“, основачот и донаторот Атанас Близнаков, меѓу другото, рече:

Нашиот народ со векови се борел за слободата и правдата своја; многу од тие Македонци го дадоа и својот живот за слободата и честа на својот народ. Затоа и ние драги браќа и сестри треба да мислиме и да работиме за подобар прогрес и напредок во Република Македонија. Само така ние ќе го кажеме нашето достоинство, само така ние ќе исполниме заветите на постарите поколенија. Само така нија ќе поддржуваме стремежите и идеалите на нашите дедовци и татковци, на нашите братја и сестри, кои заедно со нашите братја, југословенските народи ја пролеаја својата крв, го дадоја својот живот за слободата и честа на сите југословенски народи и народности.

Јас апелирам кон Југобанка таму дека ќе се држат и чуваат средствата на Фондацијата, апелирам кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, таму каде се распоредуваат стипендиите на студентите, а највеќе апелирам кон Република Македонија да ја пази таа хумана Фондација вечно да продолжува да им помага, да им дава наука и просвета на младите девојки и момчиња, дека во иднина повеќе од 250 редовни студенти ќе се стипендираат и през таја Фондација ќе можат да добијат наука и просвета со која наука и просвета тие ќе бидат корисни како за себе си така и за целиот наш македонски народ.”

По повод 10-годишнината од фондацијата ,,Атанас Близнакоф, ТАНЈУГ го пренесе следниот текст на македонски за емисиите за странство:

Скопје, 8 февруари (Танјуг). Годинава се навршуваат 10 години од востановувањето на фондацијата „Атанас Близнакоф” на Универзи­тетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Имено, со ова видниот Македонец Атанас Близнаков, роден во револуционерното село Дмбени, Костурско, кој 57 години живееше и работеше во Соединетите Американски Држави, а од 1976 година засекогаш се врати во Македонија и стана граѓанин на Скопје, на Универзитетот во Скопје со свој тестамент ги подари паричните заштеди во вид на фондација.

Во текот на изминатата деценија 35 млади луѓе од СР Македонија завршиле високо образование, добивајќи стипендии од Фондацијата на овој хуман човек. Во моментов корисници на стипендии се 18 студенти кои студираат на различни факултети на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Името и делото на Атанас Близнаков добро им е познато на македонските иселеници и на пошироката македонска јавност. ѝ  припаѓа на напредната генерација од првите иселеници на американскиот континент кој, далеку од својата родна земја, целиот свој живот ѝ  го посвети на сободата и на напредокот на македонскиот народ. Најголемиот дел од животот во САД, Близнаков го има поминато во градот Гери, во државата Индијана, во тамошната Железарница сé до пензионирањето.

Деловната активност на Атанас Близнаков во САД се состоеше во купување недвижнини и акции. Кризата од 1929 година однесе сé  што создал и Близнаков мораше да почне наново.

Во 1935 година Близнаков го посетува својот роден крај и извесно време престојува и во Дмбени, каде што ја сретнува својата животна сопатничка Славка, која во изминатите 52 години постојано беше со него, го храбреше, живееше за неговите идеи и заеднички копнееја по Македонија. Заедно се вратија во САД, оставајќи го засекогаш родниот дом во Дмбени.

Близнаков е и еден од основачите на друштвото ,,„Александар Македонски” што активно се залагаше за формирање македонска црковна општина во Гери. Заедно со сопругата летото 1958 година првпат дојдоа да ја видат слободна Македонија збратимена во Југословенската федерација.

По 10 години, во 1968-та повторно дојде во Македонија, за во 1976 конечно да се врати за да го продолжи животот во својата татковина, меѓу својот народ. Во светот го одведе барањето за подобар живот, носејќи го со себе единственото дека е Македонец, дека ќе остане тоа на кој и да е дел од земјината топка и дека еден ден ќе се врати во својата Македонија.

desetgod2

На 18 декември 1991 година, пак Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” организираше средба со Атанас Близнаков, првиот сонародник кој својата печалба остварена во Америка ја стави во функција на создавање материјални услови за стипендирање на студенти.

Ректорот на Универзитетот д-р Драги Данев, говорејќи за хуманоста на Близнаков потсети дека тој во 1977 година ја формираше Фондацијата за стипендирање студенти „Атанас Близнакоф”. До денес преку оваа Фондација се стипендирани повеќе од 100 студенти, а само годинава е распишан конкурс за доделување на нови 32 стипендии. Во оваа пригода тој, меѓу другото, рече:

Минатото уште повеќе го отсликува хуманиот лик на Атанас Близнаков. Тој бил активен член на Македонско-американскиот народен сојуз кој водел борба против реакционерскиот режим на Балканот, материјално и морално ја помагал борбата на македонскиот народ во време на Втората светска војна, а во слободна Македонија ја помагал изградбата на Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Скопје.

Деведесет студенти на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, чии родители не биле во финансиска состојба да го плаќаат школувањето на своите деца, дипломите ги стекнаа благодарените на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Уште петнаесетина стипендисти се пред дипломирање, а 45 се редовни студенти на некои од факултетите на Скопскиот универзитет.

Но, без оглед дали веќе се здобиле со факултетска диплома или тоа наскоро ќе им се слсучи, тие најдобро знаат што конкретно значи хуманиот гест на донаторот Атанас Близнако, кој сиот свој капитал, стекнат во изминативе 91 година од својот живот им го подари на талентираните студенти од Републиката.

Досега стипендиите на овој донатор, кои изнесуваат 20 американски долари (во денарска противвредност) ги користеле и ги користат 150 талентирани студенти од Републиката. Доколку се суди, пак, според износите кои Атанас Близнаков со тестамент и завештанието ги пренесе на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, тие се големи дури и за американски прилики  над 600.000 долари орочени во Југобанка и повеќе од 1.500.000 долари кои во акции и во готовина се во Америка.

desetgod3 

Матица на иселениците од Македонија

Хуманоста на овој навистина редок човек, ќе ја чувствуваат уште илјадници стипендисти во наредните децении. По желба на г-дин Близнаков, по неговата смрт, средствата во вид на акции вложени во Националната банка  Гери, Индијана, ќе се продадат и ќе се пренесат на трајно користење на Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

Заблагодарувајќи се на честитките за неговиот роденден, Атанас Близнаков, покрај кратката ретроспектива на својот животен пат укажа и на потребата од максимална концентрација за надминување на политичката и економската криза во Републиката.

По повод 90-от роденден на Атанас Близнаков, претседателот на Република Македонија г. Киро Глигоров го прими овој Македонец од Гери, Индијана, Соединетите Американски Држави, кој ја основа Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за помагање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето, преку доделување стипендии.

На приемот, на кој присуствуваа и ректорот и проректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, претседателот Глигоров беше запознат со досегашната работа на Фондацијата која овозможила да дипломираат над 200 надарени студенти чии родители не биле во состојба да им овозможат материјални услови за студирање.

Исто така, претседателот Глигоров беше информиран за одлуката на донаторот Атанас Близнаков на Фондацијата да пренесе дел од својот имот на девизни штедни книшки во Републиката, како и целокупниот имот во акции и во готовина во Соединетите Американски Држави, кој изнесува повеќе од еден милион и петстотини илјади американски долари.

Претседателот Глигоров срдечно поздравувајќи го донаторот Атанас Близнаков подвлече дека неговата Фондација за стипендирање студенти во Македонија претставува голем патриотски гест и дело со кое можат да се гордеат сите Македонци во Републиката и оние што живеат на другите континенти и во Европа.

Токму поради неговите особени заслуги и севкупниот придонес на полето на јавната дејност со која се придонесува за општиот напредок на Републиката, Атанас Близнаков е добитник на повеќе признанија на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, како и на Орденот на Републиката со златен венец и на највисоката Републичка награда ,,11 Октомври”, беше речено во кабинетот на претседателот Глигоров.

 

Продолжува

KatS

 
Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

 

Десетгодишнина од основањето на Фондацијата “Атанас Близнаков”

Наша работа не е да гледаме

што се надзира во далечината,

туку она што е јасно поставено пред нас

Мудра изрека

На 13 мај 1987 година, во просториите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се одржа свечена седница на Советот на Фондацијата „Атанас Близнакоф” во знак на одбележување на 10-годишнината од формирањето на Фондацијата за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето.

Притоа, во присуство на повеќемина истакнати општествено-политички и културни работници на градов и Републикава, на донаторот Атанас Близнаков му беше врачена Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, во знак на благодарност за несебичниот и хуман придонес во подобрувањето на материјалната состојба на десетици студенти на Универзитетот кои постигнуваат натпросечни резултати во студирањето, а се од послабо ситуирани семејства.

Плакетата му ја врачи и пригодна реч по тој повод одржа ректорот на Универзитетот проф. д-р Тодор Џунов. Во своето излагање ректорот, покрај другото, рече:

Почитуван донатор Близнаков,

Другарки гости,

На 18 април оваа година се навршија десет години од основањето на Фондацијата „Атанас Близнакоф” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. На тој ден 1977 година нашиот сонародник Атанас Близнаков од Гери  Индијана во САД, кој сега живее во Скопје, изразувајќи ја поврзаноста и љубовта кон својата татковина и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје со последното завештание и тестаментот остава средства за основање фондација за стипендирање студенти кои покажуваат посебни резултати во студиите.

До стапувањето во сила на тестаментот и последното завештание на Атанас Близнаков висината на средствата ќе ги одредува именованиот. Со тогаш донесената одлука на Универзитетскиот совет за основање на Фондацијата е определено со нејзините средства да управува и политиката на инвестирањето да ја контролира Советот на Фондацијата кој го сочинуваат тројца постојани членови, и тоа: Атанас Близнаков, Димче Стојанов  Мире и Томе Буклески, како и четворица членови именувани од Универзитетскиот совет со мандат од две години. На Фондацијата можат да ѝ  пристапат и други физички и правни лица од земјата и од странство.

Врз основа на оваа одлука и последното завештание и тестаментот, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” изготви Правилник на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Денес ја  славиме десетгодишнината од основањето и дејствувањето на оваа Фондација.

Атанас Близнаков долго копнеел да ја посети слободната Македонска република и таа своја желба првпат ја реализирал 1958 година, а повторно дојде по десет години во 1968 година, за време на одбележувањето на 65-годишнината од Илинденското востание.

Овие посети ја подгреале неговата желба дефинитивно да се врати во својата татковина, што со својата сопруга го направија во 1976 година, придружен и со желбата на некој начин и натаму да го помага својот народ. Така, кај него се роди иницијативата за основање Фондација за помагање и стипендирање студенти на Скопскиот универзитет.

Универзитетскиот совет на 18 април 1977 година, почитувајќи ја желбата и решеноста на овој наш хуман сонародник, донесе одлука за основање на Фондацијата „Атанас Близнакоф” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во учењето и чии семејства не се во состојба да им пружат материјални услови за студирање. Притоа, Атанас Близнаков со своето завештание и тестамент својот имот му го довери и остави на Универзитетот во Скопје.

Ова е единствен случај на нашиот Универзитет да се создава традиција во нашиот образовен и културен живот на овој начин да се манифестира приврзаноста на нашите сонародници кон Социјалистичка Република Македонија и нејзините институции кон својот народ.

Овој чин треба да се цени, и уште повеќе затоа што Атанас Близнаков, како и голем дел наши сонародници, тогаш со маки ја напуштил својата родна земја и со мака и тежок труд се здобил со она што му го завештал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во скопје. Од учебната 1977/78 година, согласно оваа одлука и според утврдени критериуми во Правилата, се доделуваат стипендии на студенти кои студираат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

desetgodisnina2

Проф. д-р тодор Џунов му ја врачува на Атанас Близнаков Плакетата на Универзитетот

Со помош на стипендиите од Фондацијата „Атанас Близнакоф” досега дипломирале 15 студенти по медицина, филологија, историја на уметност, новинарство, математика, драмски и ликовни уметности, земјоделски науки и македонски јазик. Сега стипендии користат уште 14 студенти од рударство, електротехника, македонски јазик, национална историја, етнологија и друго.

За севкупниот придонес и за особените заслуги за остварување на вековните идеали на македонскиот народ,  како и заслуги на полето на јавната дејност, со која се придонесува за општиот напредок на земјата, на предлог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во 1980 година, Претседателството на СФЈ го одликува Атанас Близнаков со Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда.

Исто така, по повод десетгодишнината од основањето на Фондацијата за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студиите, на предлог на Советот на Фондот, Универзитетскиот совет на седницата одржана на 8 мај 1987 година донесе одлука да му додели на Атанас Близнаков Плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје”.

desetgodisnina3  desetgodisnina4  desetgodisnina5

Во таа пригода ректорот проф. д-р Тодор Џунов исто така рече:

„Почитуван сонародник Близнаков, врачувајќи Ви ја Плакетата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во име на Универзитетот и во свое име уште еднаш Ви благодарам за Вашето возвишено длео, Ви го честитам ова општествено признание и Ви пожелувам добро здравје и долг живот”.

Заблагодарувајќи се на големото признание, Атанас Близнаков, меѓу другото рече:

„При све што ние Македонците отидовме во Америка, не заборавивме дека ние ги оставивме нашите браќа и сестри, ние не заборавивме дека го оставивме нашиот македонски народ, да стекне под тешкото национално, политичко и економско ропство. Тие мисли и чувства направија доста од нас да се организираме во македонски национално-политички организации и през тие организации да се бориме и да помагаме за национална и политичка слобода на нашиот народ во Македонија.

Како през Втората светска војна така по подир војната, нашите прогресивни организации во Америка направија многу за доброто на нашиот народ во Македонија. Кога нашиот македонски народ, заедно со нашите братја југословенските народи се бореа за живот или смрт, против најголемите врагови на човештвото, германските и внатрешните фашисти, ние бевме на страната на нашите народи и им помагавме со сичко што можевме.

Јас сум среќен дека доживеав за да видам македонскиот народ во овој дел на Македонија, да се радва на својата слобода и независност, да гради и да создава своја национална историја, култура и прогрес и да говори на убавиот македонски литературен јазик.

Затова јас и мојата сопруга дојдовме тука во слободна Македонија за да си ги прекараме последните години од нашиот живот помеѓу нашиот македонски народ.

Уште пред 25 години и повеќе јас почнав да мислам, подир мојата смрт што ќе стани со мојот имот? Јас помислив ќе биде најдобре да го подарам за во полза на нашиот македонски народ; дека тој народ ми е најблизок до моето срце; така мислеше и мојата сопруга Славка. 

През 1977 година нија ја основавме Фондацијата која го носи моето име „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Јас Димче Мире, Томе Буклески, ректорот и секретарот при Универзитетот го приготвивје Уставот и ја туривме основата на Фондацијата, а професорот Иво Пухан го приготви тестаментот. Целта на Фондацијата е да дава стипендии на талентирани студенти и што немаат средства за да се поддржуваат; и само студенти што учат при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Јас сум мошне доволен од досегашната работа на Фондацијата, задоволен сум и од односите на студентите; тие се студенти кои редовно и успешно ги завршуваат годините.

Драги братја и сестри Македонци, нека мојот подарок, моите добри мисли и чувства кон нашиот македонски народ, да се вдахнат во душата и срцето на целиот наш народ, да мислат и да работат за заедничкото добро на целиот наш македонски народ. Само кога ние сите мислиме и работиме како за себе, така и за целиот македонски народ, само тогај ќе има братство и единство помеѓу нас, само тогај ќе има прогрес и напредок, рече Атанас Близнаков.

Продолжува

 KatS
Пишува: СЛАВЕ  КАТИН