Пратеникот Панчо Минов кој доаѓа од ГРОМ и е дел од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, денеска се вклучи во работата на Собранието. Тој присуствува на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците каде се разгледуваат измени на закони за администрацијата и законот за амнестија.
Category: Вести
Законот за амнестија го помина првото читање во Комисијата за политички систем
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го усвоија Предлог-законот за амнестија во прво читање, а ги прифатија и измените и дополнувањата на неколку закони што се однесуваат на администрацијата.
Со Предлог-законот за амнестија се опфаќаат група лица осудени на казна затвор до шест месеци односно кои сториле лесни кривични дела, а за останатите затвореници е предвидено намалување на вкупната казна за 30 отсто освен за дела кои се изземени од амнестија.
Со предложениот текст на закон, како што објасни заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на убиство, за кривични дела против избори и гласање, против половата слобода и половиот морал за кривични дела против државата, против јавниот ред и за кривични дела против човечноста и меѓународното право.
Со овој Закон се очекува да бидат ослободени од издржување казна затвор приближно 670 правосилно осудени лица на казна затвор до шест месеци, а на 3.907 лица ќе им биде намалена казната за 30 проценти.
Пратеникот на ДУИ, Реџел Исмаили посочи дека за прашањето за амнестија се разговарало исто така и во претходниот парламентарен состав и оти тоа е на некој начин граѓанска иницијатива. Побара одговор дали има простор да се интервенира во Предлог-законот и со него наместо да бидат опфатени лица осудени на казна затвор до шест месеци, тоа да важи за лица со законски казни до една година и евентуално да се зголеми и процентот на намалување на вкупната казна.
Според пратеникот Сашко Костов од СДСМ, треба да се разгледаат можностите за интервенција во Законот. Посочи на случајот „Детонатор“ кога беа уапсени 17 момчиња од кочанскиот регион и кои веќе се правосилно осудени. Смета дека треба да се разгледаат сите можности на овие лица да им се излезе во пресрет.
Костадин Ацевски пак, исто така од СДСМ, смета дека опфатот на законот е добар и оти со него не смее да се наруши функционирањето на правосудниот систем. Доколку е оценето дека неправилно некој лежи во затвор, тоа треба да се решава на многу посуштински начин, смета Ацевски.
На натамошно читање беа дадени и измените на Законот за административни службеници, на Законот за управна инспекција, на Законот за инспекциски надзор и на Законот за архивски материјал.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека во Законот за административни службеници се прават мали измени, но најави дека во јануари следната година ќе биде објавена уште една верзија на Стратегијата за јавната администрација и оти до крајот на следната година по поширока дебата би можело да се очекуваат и други измени на законите за администрацијата.
Една од измените се однесува на укинување на барањето за сертификатите за странски јазици што треба да ги поседуваат вработените во државната администрација.
Државата, како што посочи Манчевски, ќе организира соодветни тестирања за вработените во администрацијата. Оценувањето на администрацијата ќе остане, но се укинуваат казните.
Според Манчевски, не се пополнети над 40 проценти од раководителските позиции, а има превработеност во пониските ешалони. Раководните места во администрацијата, смета министерот, треба да се пополнат со постоечкиот кадар.
Пратеничката Соња Мираковска од НСДП смета дека овие измени само ќе стават во функција луѓе кои долго време работеле во администрацијата и ја чекале својата шанса додека пак дел од пратениците од СДСМ сметаат дека е потребен сосема нов закон за администрација.
Пратеничката од ДПА Мерал Узеири – Ферати го образложи законот за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија, посочувајќи дека пратеничката група на ДПА го поднесува овој закон, бидејќи според нив, Законот за употреба на јазиците не е доволен и целосен што се однесува до употребата на албанскиот јазик.
Димовски: Нема да се кандидирам за лидер на ВМРО-ДПМНЕ дури и да се одложи конгресот
Илија Димовски вечерва пред одржувањето на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не планира да се кандидира за претседател на партијата дури и да се одложи конгресот.
– Не планирам да поднесам кандидатура дури и да се одложи конгресот затоа што мојот став не е базиран на персонални прашања. Мојот став е базиран на концептуални прашања. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ мора да смогне сили да покаже поголема зрелост од СДСМ. Мора да покаже концепт којшто ќе значи широка транспаретност, голема демократија, отвореност…. изјави Димовски.
Според Антонио Милошоски, кој е еден од потписниците на отвореното писмо, на партијата и е потребен кредибилен конгрес за легитимен избор на претседател. – Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ без разлика кој и да биде, не треба да ја има хипотеката на претседател марионета. Затоа сметаме дека сите можни недостатоци и сомненија треба да се отстранат пред да се одржи конгрес на кој поширокото членство би дало еден суверен избор, изјави Милошоски пред седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со фејсбук статусот на лидерот во оставка Никола Груевски во кој тој посочува дека одлуката за конгресот е донесена едногласно, Димовски изјави дека гласале за одржување на конгресот во декември, но во меѓувреме добиле информации за нефер и недемократски избор меѓу кандидатите, поради што се залагаат за нов датум.
Пратеничката Ане Лашкоска очекува конгресот да се одржи викендот и тврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане компактна. – Мислам дека ќе има конгрес и дека се ќе заврши во најдобар ред. Не сум сведок на ниту една закана, изјави Лашкоска
Ибрахим: „Образованието на турски јазик е наш императив “
За да се постигне континуиран развој на културно, социјално и економско поле на Турците од Македонија; пред се образованието мора да се спроведе квалитетно и да се базира на научна методологија. А тоа е можно само преку нашите наставници.
Наставниците со огромна пожртвуваност, несебично и посветено учествуваат во развојот и созревањето на децата кои несомнено ја претставуваат нашата светла иднина. Затоа и заслужуваат секаква почит.
Турските наставници во сите региони од Македонија и покрај сите недостатоци и пречки служат со идеалистички дух, притоа претставувајќи едно насмеано лице се трудат да откриваат нови хоризонти за сите граѓани.
Нашата најголема желба и цел е да се елиминираат огромните финансиски проблеми, недостатокот на образовни ресурси, алатки и помагала, проблеми со кои наставниците секој ден се среќаваат.
Секој во својот домен треба да се залага за изнаоѓање на решенија на наставата на турски јазик. Образованието на турски наставен јазик треба да го издигнеме на самиот врв.
Нужно е личните амбиции да ги тргнеме на страна и заедно со сигурни чекори да зачекориме кон иднината.
Нашата желба и очекување е дека во иднина нема да се повторат погрешните политики и постапки од минатите години.
Со овие чувства и мисли го честитам Денот на Образованието на турски јазик.
Најмалку транспарени министерствата што потрошиле најмногу на јавни набавки
Министерствата за внатрешни работи, за здравсто, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за обрзование и наука биле најнетранспарентни во процесот на јавни набавки.
Ова го покажува анализата за мерење на транапареноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки спроведена од Центарот за граѓански комуникации за спроведени јавни набавки во текот на 2016 година.
Според истражувањето, четирите најниско рангирани институции трошат најголем дел од парите за јавни набавки, односно 75 проценти од вкупните средства што ги потрошиле опфатените институции. Додека седумте институции со највисока проценутална исполнетост трошат само пет проценти од вкупните средства за јавни набавки.
Анализирани се 21 институција кои покажале средно ниво на транспареност.
– Институциите се рангирани во пет нивоа. На оскудно и највисоко ниво нема ниту една институција што значи дека ниту една институција не остварува од 80 до 100 проценти исполнетост на критериумите, ниту пак има некоја која има од 0 до 20 проценти. Сите се во средно ниво од 20 до 80 проценти. Најмногу институции има во ограниченото ниво, односно од 40 до 60 проценти исполнетост на критериумите за транспареност на јавните набавки, изјави Герман Филков од Центарот на денешната презентација на анализата.
Според истражувањето, ниту една институција не го запазила критериумот за направена проценка за потребата за набавка и контролата и следење на спроведувањето на договорите.
Со анализата се опфатени министерствата, Службата за општи и заеднички работи, секретаријатите за законодавство, за спроведување на Рамковниот договор, за европски прашања и Собранието на РМ.
Идејата е да се понуди алатка на институциите за самоевалуација колку ги запазуваат овие основни принципи во јавната набавка, а следната година оваа алатка ќе ја применат и други невладини организации што ќе ги рангираат општините.
– Тие се многу повеќе од процедура, администрација и бирокаратија. Поентата е да се фрли светло на ефикасноста на јавните набавки и целисходноста. Со запазување на овие приницпи ќе се види дали институциите навистина го купуваат она што им треба во таа количина, во тој обем, во тој рок и дали тоа било функционално, односно ја извршило намената за која е купено, истакна Филков.
Рангираните институции во 2016 година потрошиле 170 милиони евра. Вкупно биле склучиле 1823 договори.
Мотивот за анализата, како што рече Филков, е јавните набавки да се подигнат на повисоко ниво како инструмент, како нешто што реба да им служи на сите, а не само да се сведе, како што рече, на слепо купување производи и услуги за функционирање на институциите.
УСАИД ќе ја засилува меѓуетничката кохезија меѓу младите во Струмица
Зајакнување на меѓуетничката кохезија меѓу младите и развој на демократските и граѓанските однесувања е главната цел на петгодишната иницијатива која ќе се спроведува во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието преку УСАИД во партнерство со Министерството за образование и наука, како и клучните образовни институции во општините и училиштата низ Македонија, беше истакнато на средбата меѓу градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски со проектниот тим.
– Преку програмата за мали грантови, Проектот ќе поддржи активности кои придонесуваат за интеракција и соработка, а истовремено и за развивање на демократски вредности кај младите од различни етнички заедници. Како дополнителен стимул за училиштата и заедниците да учествуваат во вакви активности, преку програмата за реновирање на училишта ќе се подобри средината за учење во училишните објекти, вели Небојша Мојсоски, програмски директор на Македонскиот центар за граѓанско образование.
Оваа активност е дел од Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД). Имплементатор на проектот е Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја одби иницијативата за одложување на вонредниот конгрес
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја одби иницијативата на повеќемина актуелни и поранешни функционери за одложување на вонредниот конгрес на партијата и оваа иницијатива нема да се најде на дневен ред на денешната седница на Централниот комитет на партијата.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја разгледал и информацијата околу подготовките за одржување на Вонредниот 16. Конгрес, што треба да се одржи на 22 и 23 декември во Валандово.
Повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои основачи на партијата, пратеници и други функционери, завчера, во пресрет на партискиот Конгрес, во јавно писмо посочија дека се фаворизира еден кандидат за претседател на партијата. Тие побараа на претстојните состаноци на највисоките тела на партијата да бидат прифатени предлозите за зголемување на бројот на делегатите кои ќе го бираат првиот човек на партијата, како и одложување на Конгерсот за февруари следната година.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ги осуди и, како што наведе, „нехуманите услови во кои власта ги држи уставобранителите кои политички беа притворени со монтирани обвиненија за тероризам“.
Извршниот комитет ги осуди и „обидите на полицијата да ги спречи протестите, со закани и провокации, обидувајќи се да го задуши секое изразување на незадоволство“.
ИК ја разгледа и усвои и анализата за одржаните локални избори, која денеска ќе биде презентирана на состанокот на Централниот комитет.
Османи: Постои сериозна можност во 2018 да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ
Секретаријатот за европски прашања (СЕП) ја подготвува својата администрација, заедно со Кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи, за предизвиците на Република Македонија на патот на европските интеграции во 2018 година со работилница „Предизвици 2018“, што денеска ја одржа во Струга.
– Следната 2018-та е историска година за евроинтеграциските процеси во Република Македонија, кога, како никогаш порано, ни се отвора прозорец на можности за да направиме сериозен исчекор и, конечно, да ги затвориме прашањата за ЕУ и НАТО, изјави Османи на отворањето на работилницата.
Тој додаде дека СЕП, неговиот Кабинет, но и целата структура на администрацијата е потребно да се подготви за предизвиците што ги носи 2018 година, како година во која ќе се носат клучните одлуки од телата на Европската Унија во однос на европските интеграции на Република Македонија.
– Доколку успешно ги адресираме предвидените реформи, но и согласно успешноста во адресирањето на отворените политички прашања, постои сериозна можност уште во 2018 година да ги започнеме преговорите за полноправно членство во Европската Унија, изјави Османи.
Според него, Секретаријатот за европски прашања, како најстручна и најподготвена административна структура, треба навремено да ги антиципира овие настани и соодветно да го подготви тимот, структурата и администрацијата за евентуалниот почеток на преговорите.
Работилницата „Предизвици 2018“ се изведува со директна поддршка од Германската агенција за меѓународна соработка – ГИЗ, т.е., од Отворениот регионален фонд за промоција на европската интеграција во Југоисточна Европа кои воедно се и целосни донатори на работилницата.
Секретаријатот за европски прашања е главно координативно тело на Владата на Република Македонија за надгледување и спроведување на обврските на земјата за приближување кон Европската Унија.
Жбогар: Ако има обединување за реформите, може да има и почеток на преговори
Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово заедно со Делегацијата на ЕУ и амбасадата на Италија во Македонија денеска во фоајето на Факултетот за бизнис и економија на УЈИЕ ја поставија изложбата „Уште поблиска Унија“.
Настанот се организира по повод 60-годишнината од потпишувањето на Договорите од Рим како основа и предвесник на она што Унијата претставува денеска.
Според амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар 60-годишнината на договорите од Рим има две значења – првото дека е почеток на она што е ЕУ сега и второто како Унијата се развивала низ годините и напредокот и постигнувањата на земјите членки и нивните граѓани во изминатите години.
– ЕУ не е само за економија и економски развој туку таа се залага и за принципите на човековите права, демократијата, еднаквоста и социјалната вклученост на сите граѓани. Овие принципи на ЕУ сите земји аспиранти за членство треба да ги почитуваат и реализираат особено земјите од Западен Балкан. Како што неодамна рече високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини вратите на Унијата се ширум отворени, а 2018 година преставува единствена можност за секоја земја да направи неповратен чекор напред кон евероинтеграциите, рече Жбогар.
Посочи дека ако сите политички партии и етнички групи обединат околу оваа главна цел и кон спроведување на неопходните реформи во судството, јавната администрација, безбедносниот сектор и да се промени на подобро однесувањето на сите, очекува во процесот на присоединување кон ЕУ следната година да се случи очекуваниот почеток на преговорите за членство.
Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео посочи дека Договорот во Рим доаѓа по долг период на меѓусебни недоразбирања на земјите во Европа и додека дел од градовите се уште ги чуствуваат полседиците од Втората светска војна, но оти со него се покажало дека по длабока криза може да се изнајдат заеднички вредности и меѓусебна доверба што овозможува подобра иднина за идните генерации.
Во рамките на денешната посета на УЈИЕ во Тетово Жбогар одржа и дебата „Иднината на Европската унија – 60 години од потпишувањето на договорите од Рим“, со студентите и професорите на УЈИЕ.
Османи се сретна со новиот технички експерт Франсоа Лафонд
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Секретаријатот за европски прашања се сретна со новиот технички експерт Франсоа Лафонд и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимониер.
Повод за средбата, како што информираат од СЕЦ е започнувањето со работа на новиот технички експерт од Република Франција Лафонд, кој во следните две години ќе биде советник на Османи.
Назначувањето на нов експерт е потврда за отворената поддршка на Франција, не само на Секретаријатот за европски прашања, туку и на Македонија во нејзината евроатлантска интеграција и напорите на Владата да ја врати земјата на европскиот пат, се вели во соопштението.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата ја нагласил досегашната успешна соработка на Македонија со Франција, за која реле дека очекува продлабочување и унапредување согласно заложбите добиени и од новиот советник Франсоа Лафонд.
– Франција е една од клучните политички фактори во рамките на Европската Унија и нејзината улога во процесот на проширување има фундаментално значење за успешност на процесот, истакнал Османи на средбата.
Во таа насока поддршката што новиот претседател на Франција Емануел Макрон, ја дава за проширувањето на Европската Унија, влева силен поттик за реформските процеси во Македонија, но влева оптимизам и кај останатите земји од Западен Балкан.
За време на средбата Вицепремиерот Османи ги повторил амбициите на Владата, до крајот на годината на декемврискиот Самит да биде отстранета условеноста на препораката, натаму позитивен извештај и чиста препорака од страна на Комисијата во април наредната година, како и добивање на датум за почеток на преговорите до крајот на наредната година,.
За ова, како што се вели, Осамни очекува и поддршка од страна на новиот експерт, кој со својата експертиза, знаење и искуство ќе претставува дополнителна вредност на Секретаријатот за европски прашања, во неговата подготовка на тимот, структурата, но и на целата администрација за евентуалниот почеток на преговорите со Унијата.