Делегат бара судско одложување на Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

Директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасоски, како делегат на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен член на партијата, до Основниот суд  1 доставил предлог за времена забрана за одржување на Вонредниот конгрес во Валандово.

Како што рече денеска, одговорајќи на новинарски прашања по јавната седница на Агенцијата, причина за ваквиот чекор е неговото право на Конгресот да ја искаже својата слободна политичка волја што во моментов не е можно зашто има, нагласи, директни закани од некои делегати, а за тоа е известено и МВР.

Судот, нагласи тој, треба да му одговори до денеска.

– Не може да не добијам одговор, смета тој.

Во спротивно, додаде, бидејќи барањето е за времена мерка, освен од политички интерес, за заштита на материјално-правните права на мојата политичка партија, вклучува и заштита на моите права со оглед дека во меѓувреме наведов докази според кои е доведена во прашање мојата лична и безбедноста на моето семејство.

– Сакам својата слободна политичка волја да ја изразам на конгресот. Ако Судот не ги вреднува моите докази и не го забрани таквото одржување, ќе морам поинаку да се обратам на тој конгрес. Ако присуствувам меѓу 544 делегати од кои некои директно упатија закани, не можам таму да бидам слободен и да не се грижам за својата безбедност, нагласи Атанасоски.

Ако Конгресот не се одложи, веројатно, тој, сепак, ќе оди и ќе присуствува на него

Амди Бајрам ќе биде пратеник од Сојузот на Роми, а не дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од Сојузот на Роми, Амди Бајрам пред почетокот на продолжението на собраниската седница најави дека од денеска во Собранието ќе делува како пратеник на оваа партија, а не како дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

– До денеска бев пратеник од Сојузот на Ромите во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а од денеска ќе делувам како пратеник од Сојузот на Роми, истакна пратеникот Бајрам.

Формиран Совет за реформа на јавната администрација

Во Владата на РМ денеска се формираше Совет за реформа на јавната администрација, што ќе ја следи реализацијата на Стратегијата за реформи во јавната администрација, дел од Планот 3-6-9.

Целта на Стратегијата, како што се согласи Советот за реформа на јавната администрација е ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација, соопшти владината прес-служба.

Претседател на Советот ќе биде премиерот Зоран Заев, а членови се Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања, Хазби Лика, вицепремиер задолжен за рамковен договор и политички систем, Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Драган Тевдовски, министер за финансии, Билен Саљији, министер за правда, Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, Сухејл Фазлиу, министер за локална самоуправа, Роберт Поповски, министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Драги Рашковски, генерален секретар на Владата на Република Македонија, Спасе Глигоров, директор на Агенција за администрација, Петре Шилегов, претседател на ЗЕЛС и Лила Пејчиновска Миладиновска, секретар на Секретаријатот за законодавство.

– Да поттикнеме мотивираност и посветеност, преку почитување на професионалноста и стручноста, преку напредување во кариера и награди, преку продуктивност и ефикасност на јавната администрација, со цел квалитетни услуги кон граѓаните на Македонија, порача премиерот Зоран Заев.

Манчевски рече дека Стратегијата за реформа на јавната администрација е достапна на веб страницата на Министерството, отворена за јавноста и дека во неа се внесени искажани сугестии и забелешки.

Тој додаде дека документот води кон ефикасна, професионална и посветена јавна администрација и ја објасни динамиката со којашто се очекува да биде усвоена оваа Стратегија, како дел од реформскиот План 3-6-9, се додава во соопштението на Владата.

На средбата е договорен начинот на работа на Советот што ќе ја следи реализацијата на оваа важна реформа, согласно насоките од ЕК.

Поглаварот на МПЦ-ОА се сретна со бугарскиот патријарх Неофит

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан денеска бил примен од патријархот на Бугарската православна црква (БПЦ) Неофит, јавува бугарската агенција БГНЕС.

Ова е прва средба на поглаварите на двете цркви, откако БПЦ прифати да и биде мајка црква на МПЦ, како чекор кој треба да доведе до признавање на нејзината автокефалност.

Поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан, се заблагодарил на сите во Бугарија кои ја поддржуваат желбата на МПЦ да добие признание за својата незавиност и истакнал дека писмото со барањето до БПЦ било едногласно прифатено од Синодот на Македонската православна црква.

– Писмото што го испративме до Бугарската патријаршија дека таа може да е наша црква-мајка едногласно е прифатено од нашиот Свет синод. Некои од соработниците можеби и имаат свое видување, но важно е што решава и вели мнозинството, изјави архиепископот Стефан.

Бугарскиот патријарх Неофит за емисијата „Вера и општество” на бугарската телевизија, рекол дека „не е лесен крстот кој бугарската црква го презема, зошто досега ништо не е направено за решавање на проблемот со македонската архиепископија“. – Сега со Божја мудрост, учесниците во меѓуцрковната комисија, нека го постигнат резултатот што сите го сакаме, рече Неофит.

Тркалезна маса за родово одговорно буџетирање

Тркалезна маса посветена на „Стратегијата за воведување родово одговорно буџетирање – 5 години потоа”, ќе се одржи денеска во организација на Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на UN Women во Скопје.

На тркалезната маса ќе се обратат министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, раководителката на Канцеларијата на UN Women во Скопје, Доминика Стојаноска и координаторката на Клубот на пратенички при Собранието на Република Македонија Ѓулумсер Касапи.

Дополнетиот предлог буџет на пленарна седница во Собранието

Дополнетиот предлог буџет за 2018 година денеска е на дневен ред пред пратениците на пленарна седница. Дополнетиот предлог буџет за 2018 година беше на дневен ред закажан минатата недела но поради објективни причини седницата беше презакажана за денеска. На седницата како што најави опозицијата нема да учествува.

Во Дополнетиот предлог буџет се вградените шест амандмани прифатени во расправата во прво читање во собраниските комисии и со амандмани од страна на Владата со кои се направени зголемувања на финансиските средства за гасификација во висина од 120 милиони денари, кај блок дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи за 200 милиони денари, кај Фондот за здравство за 100 милиони денари и кај Инспекторатот за животна средина за 10 милиони денари.

Вкупните приходи во Буџетот за 2018 година се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.

Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека треба да има конструктивна дебата и оти би требало во неа да учествува и опозицијата.

– Би сакал да има конструктивна дебата бидејќи буџетот е  најсериозниот акт што се донесува во една година. Мислам дека за да имаме подобро функционирање на државата би требало и опозицијата за учествува и да дава критики и коментари за документот, изјави вчера министерот Тевдовски.

Заев и Села без договор – Алијансата не прифаќа вицепремиерско место за реформи

Алијансата на Албанците вчера не го прифати понуденото вицепремиерско место за реформи во Владата. Ова е исходот од вчерашната средба на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.

Во информацијата од Владата се наведува дека на состанокот Села информирал дека Алијансата на Албанците не го прифаќа понуденото вицепремиерско место за реформи на Владата на РМ.

По средбата со Заев, Села изјави дека Алијансата на Албанците останува на своите ставови за задржување на министерското место за здравство.

Лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, по денешната средба со премиерот Зоран Заев изјави дека партијата останува на своите ставови и сака и натаму да го задржи министерското место во здравство.

Села не кажа дали ќе излезат или ќе останат во владината коалиција.

– Имавме средба со премиерот. Јавноста веќе е запознаена за што се работи. Ние остануваме на нашите ставови дека нема да прифатиме позиции кои  се токмат преку ноќ и да се омаловажува Алијансата за Албанците. Такво нешто нема да прифатиме. Му дадов предлог на премиерот да стокми уште една позиција за што би било заменик премиер за носење бурек и после таа позиција ќе и ја дадам на ДУИ за да именуваат некој нивен министер. Ние остануваме на нашите ставови  дека ќе го држиме Министерството за здравство  и нема да правиме договори и наддоговори. Договорот за формирање Влада е направен кога се направи Владата, изјави Села.

Села кажа дека поранешниот министер за здравсто, Арбен Таравари, кој е од Алијансата на Албанците, со успех и правилно менаџирил со ова министерство.

Села не кажа што му одговорил Заев на ова негово барање и посочи одговорот да го побараме од премиерот. Тој не кажа дали Алијансата на Албанците останува во Владата или не, туку рече дека тие остануваат во процесите на реформи и оти ќе продолжат да ги поддржуваат.

– Бевме главни актери во падот на режимот и уште ќе бидеме фокусирани и остатоците од тој режим, кои се останати во оваа Влада, да сносат одговорност пред лицето на правдата, рече Села, додавајќи дека правдата е целосна ако се однесува на сите.

Уште еднаш потврди дека кандидат на Алијансата на Албанците за министер за здравство е Вулнет Ферати.

На прашањето што доколку Заев испрати предлог до Собранието со името на министерот за здравство што веќе беше објавено,Села рече дека тогаш Алијансата на Албанците ќе заземе став по тоа прашање и како се однесува кога ќе биде испратен предлогот.

– Се надеваме дека предлогот за министер за здравство ќе биде од Алијансата на Албанците бидејќи на таков начин премиерот ќе се покаже сериозен и ќе докаже дека не потклекнува под притисоци кои некој му ги прави за да игра политички игри, рече лидерот на алијансата на Албанците.

Од Владата завчера официјално објавија дека за министер за здравство е предложен Венко Филипче, актуелен советник на премиерот Заев, место кое повеќе од три месеци е испразнето, откако Арбен Таравари од Алијанса за Албанците стана градоначалник на Гостивар.

Пред два дена Артан Груби од ДУИ најави дека заменик министер за образование и наука ќе биде Арбр Адеми и потенцира дека „ситуацијата е решена, и оти парламентарното мнозинство е стабилно и без и со партијата на Зијадин Села“.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ во средата во интервју за ТВ21 ја нарече Алијансата несериозна партија која има само два пратеници.

Заев: Турската заедница значаен дел од Македонија, историјата спои држави и народи

Премиерот Зоран Заев на синоќешната прослава по повод Денот на турски јазик порача дека припадниците на турската заедница се значаен и конструктивен дел од општеството, а Турција е земја со која Македонија гради пријателски односи.

– Турција беше прва земја која подаде пријателска рака на самиот почеток на осамостојувањето на Република Македонија. Земја која изрази подготвеност за соработка и помош во сите сфери на општественото живеење. Република Македонија секогаш ќе го има тоа предвид. Отвореноста и блиската соработка се најзначајната алка во градењето на стратешките односи помеѓу двете земји, истакна премиерот Заев пред турскиот вицепремиер Хакан Чавушоглу и турската амбасадорка во земјава Тулин Еркал Кара.

Осврнувајќи се на односите меѓу двете држави, Заев рече дека Македонија и Турција се пример како треба да се соработува и да се влијае врз соработката во регионот и пошироко. Посочи дека Турција придонела Македонија да стане активен учесник во обезбедувањето на глобалниот мир и безбедност и оти Турција постојано и дава безрезервна поддршка на Македонија за исполнување на нејзините аспирации во Европската унија и НАТО.

Турција, како што потсети Заев, е и меѓу најголемите донатори на опрема за АРМ и согласно договорот потпишан пред два дена за воена финансиска соработка меѓу министерствата за одбрана на двете земји е предвидена поддршка од 1,5 милиони долари од Турција за Македонија.

– Освен денешниот празник, Македонија и Турција секоја година одбележуваат значајни датуми поврзани со една од најзначајните личности во историјата на Турција – Мустафа Кемал Ататурк. Историските околности посакаа нашите две земји да бидат поврзани и преку ликот и делото на творецот на модерна Турција кој точно пред 118 години се стекна со диплома на воената гимназија во Битола, Република Македонија. Историјата спои држави и народи, нагласи премиерот Заев.

Нагласувајќи дека годинава се навршуваат 25 години од вопоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, премиерот Заев изрази надеж дека наскори ќе ја посети Турција.

Мијалков и Јанкулоска дојдоа во Кривичен суд за „Таргет – Тврдина“

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот шеф на наговиот кабинет Тони Јакимовски, претпладнево дојдоа во Кривичниот суд каде што треба да се одржи  рочиште за споениот предмет на СЈО „Таргет – Тврдина“ за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето.

Покрај нив, во овој предмет обвинети се и поранешните началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

За овој предмет судско рочиште е закажано и на 17 јануари следната година.

Мицковски единствен кандидат за наследник на Груевски на конгресот во Валандово

Христијан Мицковски, генералниот секретар на ВМРО- ДПМНЕ, е единствен кандидат за нов претседател на партијата на вонредниот конгрес што ќе се одржи денеска и утре во Валандово.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека членовите на Централниот комитет на вчерашната седница биле информирани оти согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ доставил целосна документација до партиската правна комисија.

Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не била доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата.

Централниот комитет ја разгледал и усвоил анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работеше поширок тим, која со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата како би се корегирале пропустите во иднина.

Централниот комитет дискутирал и околу актуелната политичка состојба и политиките на актуелната власт.

Претходно, на седница на Извршниот комитет во средата, не беше прифатена иницијативата на Илија Димовски, Антонио Милошоски и други 50-тина партиски функционери и пратеници Конгресот да биде одложен за февруари и за колективно претседателство.

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да го замени Никола Груевски кој поднесе неотповиклива оставка од лидерското место во партијата.