Заев: Виенскиот економски форум, добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката

Иницијативите и заедничките проекти на земјите од Западен Балкан се резултат на суштински реформи и на соработката на земјите од регионот, порача премиерот Зоран Заев на Виенскиот економски форум во Софија што се организираше како дел од Самитот за Западен Балкан на ЕУ на темата „Поврзување“.

Премиерот Заев во Софија беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, и од министерот за економија Крешник Бектеши. Заев и Анѓушев и бугарскиот премиер Бојко Борисов присуствуваа на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за спојување на пазарите на електрична енергија меѓу Република Македонија и Република Бугарија, што го потпишаа министерот Бектеши и Министерката за енергетика на Бугарија Теменушка Петкова.

Во работата на пленарната сесија на форумот, на која присуствуваа и премиерите од земјите од регионот, Заев истакна дека еден од главните приоритети на македонската Влада е да ги зајакне соседските односи, за да се зајакне капацитетот и подготвеност на регионот да ги оствари стандардите на ЕУ како заедничка цел на сите земји од Западен Балкан.

Премиерот Заев истакна дека Виенскиот економски форум, е добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката со заедничките иницијативи со што се создаваат партнерства меѓу владите и општествата на земјите од Западен Балкан за иднината на граѓаните од регионот.

– Дозволете ми да ви дадам еден пример: Со Бугарија, потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Без странска медијација. Сега ги жнееме резултатите: Трговијата меѓу двете земји порасна за 12 отсто. Ова е добар пример и поттикнување за подобрување на билатералните односи за другите во регионот, рече премиерот Заев.

Тој, како што информираше владината прес служба, информираше за заедничките меѓувладини сесии (Г2Г) со Бугарија и Албанија, како и за позитивниот развој на односите со Србија и Косово.

Премиерот Заев, во тој контекст, зборуваше и за разговорите со Грција и информираше дека на последните средби се презентирани повеќе опции за можни решенија, а една од нив најавува решение кое може да биде прифатливо и за двете страни.

– Во минатата година работевме напорно за да им покажеме на нашите соседи и пријатели дека Македонија е на вистинскиот пат, рече премиерот Заев, и ги запозна присутните со главните придобивки од реформските процеси во земјата опфатени со Планот 3-6-9, и потенцираше дека најголемото признание за напредокот на Македонија дојде од Европската комисија со препораката Советот на ЕУ да донесе одлука да отвори пристапни преговори со Република Македонија.

Премиерот истакна дека една од најважните мисии на лидерите и на политичките раководства од регионот на Самитот на ЕУ е да ги мотивираме и убедиме лидерите на ЕУ да го прифатат Западен Балкан во европската визија за Западен Балкан.

Вицепремиерот Анѓушев, пак, подвлече дека за економски раст и развој на земјава покрај имплементирање на економски мерки, од особено значење е да се обезбеди политичка стабилност и владеење на правото и додаде дека во таа насока Владата спроведува низа реформи во сите сектори.

– Република Македонија, како мала земја, треба да ја зголемува соработката со земјите од регионот и преку зголемена регионална соработка да се забрзаат европските интеграции. Зголемувањето на регионалната соработка е нешто кон кое сите влади во регионот треба да бидат посветени. Тоа подразбира активности во надминување на административните бариери кои сега постојат, но и реализација на капитални инфраструктруни проекти за наше меѓусебно поврзување, нагласи вицепремиерот Анѓушев

Тој посочи дека Владата ќе биде посветена на реализација на проекти со кои ќе се придонесе кон подобра регионална соработка, а особен фокус ќе биде ставен на реализација на патна и железничка инфраструктура на паневропскиот коридор осум.

– Добивме позитивни сигнали од меѓународните финансиски институции за поддршка во реализацијата на инфраструктурни проекти.  Тие средства ќе бидат наменети за изградба на патишта, железница, како и за гасоводна мрежа и конектирање со Транс Јадранскиот гасовод (ТАП) и терминалите за природен гас во соседна Грција. Работиме и на зацврстување на инфраструктурата во електро-енергетскиот пренос и во таа насока се инвестира во изградба на 400 киловолтен далекувод кој ќе ги поврзе Македонија и Албанија, посочи Анѓушев.

Министерот Бектеши посочи дека потпишувањето на меморандумот е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика во Република Македонија и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

– Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности за прекугранична трговија за постигнување ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги, рече Бектеши.

Покрај приклучувањето на нашата земја на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа, додаде, операторите на системот за пренос ќе ги зголемат капацитетите за прекуграничен пренос во регионот со изградба на нови водови, а националните регулаторни органи ќе ја хармонизираат регулаторната рамка за интеграција на пазарот.

– Како резултат на сето ова да се зголеми сигурноста во снабдувањето со електрична енергија како клучно прашање за успешното функционирање на електричната мрежа во случај на оперативни ситуации кои тешко може да се предвидат, потенцира Бектеши.

Според него и Петкова, двете страни во наредниов период ќе ги финализираат сите потребни договори за навремено спроведување на пазарно спојување меѓу Македонија и Бугарија во предложената временска рамка, во вториот квартал од 2019 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *