Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска утре ќе престојува во Софија, Република Бугарија каде ќе има средба со министерот за одбрана Красимир Каракачанов и ќе учествува на меѓународната конференција „Кон нов одбранбен идентитет на ЕУ“.
Во фокусот на средбата со бугарскиот колега Каракачанов ќе бидат повеќе прашања од соработката меѓу двете земји како и претстојниот самит на НАТО во Брисел и предизвиците што го очекуваат регионот.
На конференцијата освен Шекеринска обраќања ќе имаат и германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен, претседателот на Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и поранешен министер за одбрана на Австрија Вернер Фаслабенд и поранешниот амбасадор на САД Филип Рикер.
Оваа година меѓународната одбранбена конференција во Софија ќе се посвети на потребата на ЕУ за развој на нов безбедносен и одбранбен идентитет, кој ќе се носи со предизвиците како нестабилноста на јужните и источните граници на ЕУ, тероризмот и радикализацијата, мигрантските бранови, враќањето на борците-терористи од боиштата и новите хибридни и кибер-закани.
Конференцијата е организирана од Софискиот одбранбен форум, Австрискиот институт за европска и безбедносна политика, фондацијата „Конрад Аденауер“ и Вилфрид Мартенс центарот за европски студии.