Набљудувањата на третиот Извештај од исполнувањето на реформите од Планот 3-6-9 покажува дека има задоволителна реализација и дека од вкупно 130 активности исполнети се 78, односно 60 проценти, седум активности се делумно исполнети, 14 се неисполнети, додека 30 се немерливи.
Ова се наодите за реформската агенда од Планот 3-6-9 на Владата што денеска ги претстави Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“, „ИДСЦС“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Проектниот координатор при „ИДСЦС“ Зоран Нечев посочи дека е потребно да се забави со носењето реформи и да се насочи кон нивна соодветна имплементација.
– Нашата анализа покажува дека 66 активности или 51 процент ги адресираат препораките од извештаите на Прибе, додека 16 или 12 проценти од мерките покажуваат усогласеност со Националната програма. Заклучокот е дека Планот задоволително ги следи препораките на Прибе, а забележлива е ниска усогласеност со клучниот стратешки документ кој ги вклучува усогласувањето на националното законодавство со европското, изјави Нечев.
Посочи дека статистички најголем процент од неисполнетите активности припаѓаат на системските реформски закони во делот на правосудството за чие усвојување е потребна поддршка од опозицијата.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека Планот 3-6-9 ја постигнал суштината и ја вратил земјата цврсто на евроатлантската патека.
– Имам дилеми во однос на статистичкото мерење на Планот поради разликите во мерките и нивната тежина. Имате различна методологија во мерењата од нашата, според која ние имаме 94 проценти реализација. Сепак, најважно е дека земјата е стабилизирана, рече Османи.
Нагласи дека основата на Планот е што е инклузивен и ги вклучува сите од опозицијата и граѓанското општество.
– Подготвени сме Планот да го издигнеме на надпартиско ниво. Делот 3 беше за правење стратегија и фер избори. Делот 6 и 9 се реформските мерки и нивното носење, затоа може да имате впечаток дека забавува реализацијата, рече Османи.
Нагласи дека процесот на евроинтеграциите не го разбираат како штиклирање коцки од некој формулар, туку суштинско нивно рефлектирање во општеството.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние рече дека Планот 3-6-9 на краток рок не излегол од шини, но имало забавување, за кое верува дека се должи на политичката култура на обвинувања.
– Политичкиот систем не функционира добро, опозицијата се повлече од Собранието и се носеа забрзано закони. Во една модерна демократија опозицијата не треба да биде надвор. Амандманите не треба да се гледаат како средство за саботирање и треба да се прифатат и разгледуваат, рече Тимоние.
Посочи дека се неопходни инклузивни процеси поради разноликоста на заедниците кои живеат во земјата, ставајќи особено акцент на праксата на различно читање на Уставот.
– Мислам дека при спроведувањето на агендата 3-6-9 и носењето на законот за употреба на јазиците се случи одредена потешкотија, во процедурата. Не треба да се прави драма од тоа, но треба да се спроведуваат инклузивни практики, рече Тимоние.
Лукаш Холуб од Делегацијата на ЕУ изрази надеж дека ова ќе биде последната препорака од ЕУ за почеток на преговори.
– Не се работи за влез во ЕУ, вие веќе сте во Европа. Потребна е промена на начинот како се прават работите и тоа е суштината. Не се работи за закони, туку нивната имплементација, рече Холуб.
Посочи дека е клучно добрите вести за Македонија да продолжат и тие бидат пренесени и по Самитот на ЕУ во јуни.
Very interesting info!Perfect just what I was searching for!Leadership