Неделава во Солун нова средба Димитров – Коѕијас

Зачестените контакти на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, во последниот период, продолжуваат неделава во Солун. Двајцата в четврток и петок ќе учествуваат на квадрилатералниот форум на кој ќе бидат и нивните колеги од Бугарија и од Албанија.

Последната средба Димитров – Коѕијас беше минатата недела во Виена на новата рунда преговори за прашањето за името, но по состанокот министрите не дадоа никаков коментар. Изјава даде само медијаторот Метју Нимиц, кој кажа дека двете страни остануваат посветени на решавање на проблемот, без да презентира детали од разговорите.

Грчките медиуми пренесоа дека остануваат „тешките прашања“ односно опсегот на употреба на името што ќе се договори и барањето на Атина за промена на македонскиот устав. Коѕијас изјави дека „другата страна мора да сфати оти е неопходно да се согласи за ерга омнес“ што ќе овозможи да се постигне сеопфатен договор.

Македонија, пак, се надева дека прашањето за името ќе се реши до Самитот на ЕУ од кој очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и покана за членство на јунскиот Самит на НАТО.

Премиерот Зоран Заев викендот во интервју за Слободена Европа истакна дека  временска рамка за носење на одлуките е многу важна. Заев смета дека процесот мора да се води внимателно, но и да се покаже креативност во изнаоѓање на решенијата.

– Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија, рече Заев.

Нагласи дека е оптимист оти проблемот ќе биде решен до самитот на ЕУ во јуни.

– Јас сум поприлично убеден, кога веќе дојдовме до овие скалила до кои сме дојдени, дека е можно решение пред самитот на Советот на ЕУ, посочи Заев.

Скорешно решение очекува и меѓународната заедница. По изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан дека е можен договор во наредните две недели, и претседателот на Европската комисија на Жан Клод Јункер во обраќањето пред грчкиот Парламент повика прашањето за името итно да биде решено.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој во петокот беше информиран од Коѕијас за текот на разговорите за името, изјави дека вратите на Алијансата се отворени за Македонија, штом се реши проблемот. Американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајет, пак, викендот оцени дека е направен голем напредок во преговорите и се надева дека ќе резултура со решение. Повтори дека САД ги поддржуваат напорите за изнаоѓање решение што ги прават Метју Нимиц, премиерите Заев и Ципрас и министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас.

По претстојната средба во Солун, Димитров и Коѕијас повторно треба да се состанат и следната недела во Сунио близу Атина каде што ќе биде одржана конференција за иднината на Европа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *