ЕНХЕЛЕИТЕ, ПЕЛАГОНЦИТЕ И ПЕОНЦИТЕ -ПРАИСТОРИСКИ НАРОДИ (15)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

По неговиот брат, називот го има Алмопија (αλμη, als, alme, αλμυρος, almiros-солен и пοιεω, pieo-да се создава, прави, работи) во Долна Македонија. Името на Пеон како божество се споменува многу рано, уште околу 1400 година пред Христа, на глинените таблици испишани со линеарно Б писмо (Ventris, Chadwich, 1956 г., 122).

Пеонците го населувале Балканот јужно од Дардан, меѓу Тракијците, Пелагонците и Македонците. Живееле во средниот тек на реката Аксиј (Вардар), околу Еригон (Црна) и Астибос (Брегалница), во чии води се правело обредното крунисување на пеонските кралеви, како и во долината на Стримон.

Меѓу племињата кои се истакнувале биле Агрианите (αγριος, agrios-суров, жесток, див), кои живееле околу изворот на Стримон и учествувале во походот на Александар Македонски со 1000 стрелци.

Следат Сирипеоните (σιρος, siros-јама за жито), кои живееле во рамницата на градот Серес, потоа, Пеоплите, Доберите и др.

Во Пеонија се споменуваат кралевите: Астропевс, Ликеј, Патраи, Никрах, Бастареј, Андолеон, Леон, Допеон и други.

Археолошките ископувања во Гевгелија и Марвинци во Македонија ја потврдуваат нивната висока култура и трговските врски со Мала Азија, а, пред сé, со Троја, Јонија и Микена. Многу богатите археолошки наоди во Демир Капија откриле златен и сребрен накит со висока вредност и ковани пари со ликовите на веќе споменатите пеонски кралеви (Микулиќ, 1989 година).

Во Тројанската војна Пеонците биле сојузници со Троја. Хомер во поглавјето за „Составот на тројанската војска“ (II, II, 848), за Пеонците вели: „А Пеонците криволуки Пирехмо ги водеше јунакот /, од далечниот Амидон до Аксиј широка река /, Аксиј кој земјата ја оплодува со најубава вода.“ По смртта на Пирехмо, поетот во епот (I 1. XVII, 348), за смртта на вториот пеонски јунак Аписаон вели „. . .и Аписаон, човечки пастир, син на Хипас /, во црниот дроб го рани. . . тој е од плодната земја Пеонија. . . “

Главни градови на Пеонија биле Астибо, денешен Штип, и Стоби. Други градови биле: Арг, Вилазора (Велес), Карпи (Демир Капија), Евристус, Баргала, Армохија, Запара, Добер, Астреон итн. Реки: Аксиј (Вардар), Еригон (Црна), Стримон (Струма), Астибос (Брегалница) итн.

За Пеонците и нивните обичаи постојат податоци од Херодот (IV, 33) кој ги обиколил тие краишта. Тој зборува за постоење лавови во Паонија, дека при принесувањето жртви на божицата Артемида ветените дарови ги виткале во пченична слама. Во време на персиската окупација на Пеонија, некои нивни племиња давале жесток отпор, па Сириопеонци и Пиплии биле преселени во Фригија, во Мала Азија. По нивната успешна буна, тие се вратиле во Пеонија. Во време на кралот Филип II Пеонија била приклучена кон античка Македонија.

Интересни се и податоците кои ги дал Херодот (V, 16): „Оние околу Пангејската Планина и Прасиадското Езеро не паднале во рацете на Мегабаз. Тој се обидел да ги покори и оние кои живееле на езерото и тоа вака: во сред езеро се наоѓале древни скелиња на високи колци, а пристапот од копното бил овозможен со помош на еден тесен мост.

Колците под скелињата, во старо време, ги донесувале сите жители на населбата заедно, а подоцна создале и таков обичај. Кога некој ќе земел една жена, од планината, чие име било Орбел, донесувал три колци и ги ставал под скелињата; а кај нив секој човек се женел многупати.

Секој имал на скелето по една колиба во која живеел и од која низ скелето еден отвор водел долу во езерото. Коњите и говедата ги хранеле со риба, а риба имало толку многу што кога ќе се спуштела корпата за ловење риби низ отворот во езерото, по кратко време, кога ќе се извлечела, била преполна со риба. . .

Меѓу палеобалканската популација на Централниот Балкан биле Бригите и Тракијците. Доаѓањето на Бригите на просторите на Балканот, најверојатно се случил од север, со бранот индоевропски миграции, во средината или крајот на Вториот милениум пред Христа. Бригите биле индоевропски народ. Тракијците, пак, биле најброен народ на светот и би биле непобедиви да биле сложни и да имале еден поглавар.

Меѓу палеобалканската популација на Централниот Балкан, Бригите заземаат значајно место, а меѓу малоазиските, Фригите. Етнонимот потекнува од сложениот палеобалкански збор  bri-рoj, bri-мов и ge-земја, област. Инаку, бригите се антички народ северно од Бореја во Македонија, во околината на Преспанското Езеро. Со миграцијата во Мала Азија го добиле називот Фриги.

За Бригите, Херодот ( VII, 73) ги дава следните информации: “На Фригите, по кажувањата на Македонците, во времето додека живееле во Европа и им биле соседи на Македонците, името им било Бриги, а кога се преселиле во Азија, истовремено ги смениле и родниот крај и името, и се нарекле Фриги.”

Шеснаесет-зрачното сонце со кралската розета во сончевата топка –

симбол на античките Македонци и Античкомакедонското Кралство

Според археолошките и историските истражувања, најголемиот број автори (Страбон, VII,7,9; Папазоглу, 1957 г.; Гарашанин, 1983 г., 467-170) прото Бригите ги лоцираат на просторот меѓу Преспанското и Охридското Езеро, Драч, Јужна Албанија и Епир или попрецизно, во горниот тек на реката Еригон, а нивни соседи биле: Енхелеите, Партините, Линкестите и Деуриопите.

Главен град на Бригите бил Кидрај (kidros-славен), на северозапад на планината Варнус ( Баба, со висина 2177 м.), покрај Преспанското Езеро ( limne brigeis), по кого добиле својот етноним, додека пред тоа се викале Мосиничани, по топонимот Мосна кај Ѓердап на Дунав.

Доаѓањето на Бригите на просторите на Балканот, најверојатно се случил од север, со бранот индоевропски миграции, во средината или крајот на Вториот милениум пред Христа. Бригите биле индоевропски народ, сроден на Тракијците (Томсон, 1954 г. 291). Во митологијата и во историјата тие се попознати како Фриги, народ во Мала Азија, отколку како Бриги, народ на Балканот.

Во преданијата на Кадмо, епонимен херој на Кадмејците, жители на беотска Теба (1313 г. пред Христа), а во неговото кралување кај Енхелејците, кои живееле долж Црн Дрим, како и во борбите со Илирите, Бригите не се сомневаат. Тие не се споменуваат ниту како учесници во Аргонаутската експедиција во 1225 г. пред Христа.

На овие простори тие најверојатно дошле меѓу Кадмовата миграција, 1313 г. пред Христа и Аргонаутската експедиција, 1225 г. пред Христа (Томсон, 1954 г., 291), а нивната миграција хронолошки се врзува со 1200 г. пред Христа кога се случило паѓањето на хетитската држава.

Најзападниот дел на нивната покраина на Хелиспонд и Тројада се викал Мала Фригија, а поголемиот дел во долината на реката Сангариј, Голема Фригија. Во Тројанската војна Фригијците биле сојузници со Пријам против Грците. Од друга страна, младиот Пријам им помогнал на Фригијците во борбата против Амазонките.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН