Џејмс О Брајан: САД ќе бидат многу поактивни во дијалогот меѓу Скопје и Софија штом Бугарија добие стабилна влада

САД се очекува да бидат многу активни во разговорите за точниот начин на спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија штом Бугарија има постабилна влада, најави помошник – државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан.

 О`Брајан, како што јави Гласот на Америка на македонски јазик, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, рече дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и влијае на менување на условите постојано.

Тој беше прашан од демократската сенаторка од Њу Хемпшир Џин Шахин, што САД можат да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија.

-Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни, одговори О`Брајан.

Бугарија вели дека нема намера да поставува нови услови на патот кон ЕУ, но оти нема да дозволи отстапување од постигнатите договори, од кои првиот е вклучување на Бугарите во македонскиот Устав.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, рече дека нема да преговара со диктати и ултиматуми, и оти Бугарија треба да ги почитува правата на македонската заедница, за чие прекршување има 14 пресуди од Меѓународниот суд за човекови права.

САД работат да се одржи и договорот со Грција, кажа О`Брајан.

-Дел од нашата дипломатска работа е да подготвиме пат за да го одржи договорот што го има со Грција, и мислам дека вашата средба и другите помогнаа да се задржи тоа Грција да стане пријател на патот на Северна Македонија напред, наместо критичар. Исто и со Албанија, изјави О`Брајан.

Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рекоа дека ќе го користат уставното име на државата во официјален контекст, но оти ќе го употребуваат името Македонија во изјави и како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на Самитот на НАТО во Вашингтон на почетокот на овој месец, кажа дека еден од најважните аспекти од Преспанскиот договор е името Северна Македонија да се употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата. Тој рече дека во овој момент Грција „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на лидерството на соседната земја“.

Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер изјави дека договорите со Грција и со Бугарија нема одново да се преговараат.

-Тие договори се направени. Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно, рече амбасадорката Агелер во интервју за Радио Слободна Европа минатиот месец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *