Болат: Се надеваме дека турските инвестиции ќе продолжат да даваат голем придонес за македонската и турската економија

Делегација на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) викендов во Истанбул оствари средба со министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат. 

-Многу сме задоволни што имавме можност дополнително да ги зајакнеме трговските односи меѓу нашите земји. Овие силни односи, засновани на историските релации на двете земји, ни го олеснуваат преземањето важни чекори на полето на трговијата и инвестициите. Во согласност со нашата цел да го зголемиме обемот на нашата трговија од 875 милиони долари на една милијарда долари во 2023 година, се утврди проширување на опсегот на нашиот Договор за слободна трговија и фокусирање на трговијата со услуги како патоказ, истакна Болат. 

Тој укажа дека дополнително, проектите што ги преземаат турските изведувачи во Република Северна Македонија, вклучуваат инфраструктурни инвестиции и реконструкција на градовите. 

-Се надеваме дека со зголемување на договорните и другите турски инвестиции во Република Северна Македонија на одржлив начин, тие ќе продолжат да даваат голем придонес за економиите на двете земји, рече Болат.  

Делегацијата предводена од претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски, го информираше министерот Болат за активностите кои ги спроведува МАТТО. Беше наведено дека ажурирањето на Договорот за слободна трговија и студиите за слободните зони се меѓу главните приоритети и дека конвертибилноста на турската лира е од голема предност во Република Северна Македонија. Целта на трговската размена, според Адемоски, е да се достигнат барем 2-3 милијарди долари обем меѓу двете земји.

Од делегацијата на МАТТО беа и заменик претседателите на МАТТО, Есер Џевахир и Имер Селмани, како и членот на Управниот одбор на МАТТО, Аккан Махмут.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *