СИНИША СТАНКОВИЌ ГО НАПРАВИ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ПОЗНАТО ВО ЦЕЛИОТ СВЕТ (11)

Во научните истражувања на професорот Синиша Станковиќ е забележано дека тој не се ограничил само на истражувања на Охридското Езеро, туку тој вршел истражувања и на Преспанското, на езерата во егејскиот дел на Македонија и на други водени средини на Балканот.

Особен интерес покажал за езерата во Егејска Македонија. Меѓутоа, по војната, поради здравствени причини, неговата желба не можела да се оствари. Затоа бил иницијатор за испраќање на хидролошки групи научници од Хидробиолошкиот завод, со цел да се извршат лимнолошки истражувања на поголем број езера.

Сето тоа тој го правел по дипломатски пат, но и покрај неговиот авторитет, имал големи тешкотии во врска со добивањето дозвола од страна на грчките власти. Сепак, тој успеал да добие дозвола за седум научници од Заводот, меѓу кои биле: Ѓорѓи Козаров, како тогашен директор на Заводот, Славе Хаџишче, Јонче Шапкарев, Борис Оцевски, Јорданка Серафимова-Хаџишче, Милчо Точко и Иван Чадо.

Тие се првите македонски научници кои извршија обемни истражувања што се од историско значење за Егејска Македонија и за езерата Костурско, Островско, Петерско, Рудничко, Зазерци, Ајвасилско и Бешичко, како и на Јанинското Езеро на Епир.

Во текот на едномесечниот престој тие извршиле микробиолошки истражувања, ги проучиле и органската продукција, фитопланктонот и зоопланктонот на сите овие езера. Од истражувањата произлегле десетина научни трудови, кои претставуваат голем придонес за расветлување на некои лимнолошки проблеми, а во исто време тоа е голем  придонес и за лимнологијата во целина.

Професорот Станковиќ последен пат дошол во Охрид во летото 1969 година, но бил изнемоштен и немал доволно сила да ја продолжи својата педесетгодишна работа. Меѓутоа, тоа го направил во минатото, кога секоја година летниот период го минувал во Охрид, во интензивно работење. Многу бил ценет, почитуван и заслужен граѓанин и научник.

Уште во времето на првите откритија на вредностите на Охридското Езеро, па речиси до крајот на својот живот, професорот Станковиќ бил негов страствен популаризатор. За многумина останале незаборавни предавањата за Охридското Езеро што ги држел на Коларчевиот народен универзитет во Белград, пред членовите на Студентската колонија во Охрид, меѓу логорашите на Бањица, во преполнетата сала на старото кино во Охрид, во Горица – на неколку километри од Охрид.

Тој бил извонреден говорник со високи ораторски способности и со дарба за предавање, а неговите излагања биле мошне интересни за слушателите.

Фактот што и во тешките моменти од животот кога професорот Станковиќ бил изложен на страдања во логорот на Бањица и, во сенката на смртта, држел предавања за Охридското Езеро, покажувал колку длабоко биле проткаени нишките што него го врзувале за Охридското Езеро, за Охрид, за Македонија, а во исто време колку тие го одржуваа и го збогатуваа неговиот дух.

Костурско Езеро

Можеби е добро на крајот да се опише еден детаљ од неговиот живот. Имено, при предавањето на Дипломата за посебни заслуги од страна на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, кога професорот бил во многу тешка здравствена состојба, меѓу  другото, тој рекол:

 „Ова признание го сметам како последно и како најдрагоцен подарок за сè она што го сторив во науката и во наставата сврзани со македонското поднебје и тоа токму кога мојата здравствена состојба е најлоша. Немам веќе надеж дека ќе можам овој болнички кревет да го оставам. Затоа, молам Дипломата да ја однесете во мојот стан, на работната маса на која постојано ја чувам потребната литература, а, која, веројатно, нема уште еднаш да ги видам.“

Академикот, професорот д-р Синиша Станковиќ, ја напушти неговата „рамка на животот“ на 24 февруари 1974 година, но неговите ученици и градот Охрид му остануваат трајно благодарни што токму тој, со своите истражувања, го направи Охридското Езеро познато во целиот свет. Затоа Македонија и македонски народ, заедно со  научниот свет од Македонија и од Балканот му благодари за неговата величина во лимнологијата и во научната мисла воопшто.

Крај

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *