Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседател на претстојните избори закажани за 24 април, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, смета дека за Преговарачката рамка за продолжување на преговорите со ЕУ може да се најде решение. Таа во интервју за МИА потенцира дека е за влез во Европката унија, но дека „може да се договориме“ и оти за тоа има многу варијанти.
-Јас не можам вака да ви одговорам, меѓутоа јас мислам дека може, истакна проф. Силјановска Давкова.
-Значи, сакам да кажам се разбира дека сум за ЕУ, но не гледам јас фаталистички на ЕУ за да се плашам да кажам дека ако предавам уставно право како да им кажам на студентите дека темелните вредности и принципи заштитени што ви се пред суд не важат за некој непослушен од вашата фамилија, ама и вие велите не важат за земјите кои се кандидати да бидат почитувани. Тогаш тоа не е во ред. ЕУ треба да биде заедница на принципи, не е на бирократски машинерии. Значи, мислам дека може да се договориме околу стапување на сила, варијанти има многу. Околу тоа кога ќе стапат во сила, околу обврската на Бугарија со закана со членот 7 дека мора да ги почитува пресудите на Судот во Стразбур. Како може да не почитувате пресуди на суд, а имате судија во судот и вие им судите на другите? Па тоа не е европски. Значи, мислам дека може да се најде решение, како што на Србија и велат дека ќе се смени, па им ги сменија со методологиите и преговарачките рамки. Ама сега има нова промена велат во однос на односите со Косово итн, вели Силјановска Давкова.
На прашањето дали промените што би можеле да се случат на изборите за Европскиот парламент, но и кај нас може да придонесат за еветуална промена на Преговарачката рамка и целиот тој процес за преговори за поглавјата, Силјановска Давкова посочува дека Преговарачката рамка не е Библија, Куран или Талмут.
-Деновиве ги слушам. Сите одлучиле, што можете вие. Сега еве и претседателот го слушам за некој нов реализам. Реализам па нов. Интересна работа. Значи вака, јас знам дека се тие практични и прагматични и дека сакаат да си решат некој проблем, ама решавањето понекогаш може да биде под наводници и да отвори нов проблем. Значи дури и со интерпретација на оваа преговарачка рамка поинаква, оти не зборуваме за Библија или за Куран, не зборуваме за Талмут, за Тора. Не. Зборуваме за Преговарачка рамка. Значи ако во преговарачката рамка напишале дека влегува и Договорот за пријателство и добрососедство и во тој Договор за пријателство и добрососедство има преамбула во која се вели дека Бугарија се обврзува дека ќе ја помага Македонија на патот…ако е вето помош тогаш јас имам проблем со познавањето на европското право, вели професорката.
Замислете, посочува претседателската кандидатка, да го употребувале ветото една над друга Германија и Франција не знам дали воопшто тогаш ќе можеше да има исчекор од основачите на Европската заедница, па понатаму немаше да има проширување.
Претседателската кандидатка нагласува дека таа го соопштила ставот и на сите дипломати и министри кои доаѓале во Собранието и оти се повикува на темелните вредности и принципи на Европската унија на нивните основачки документи.
-Тоа е европското уставно право и тоа е заштитено во судот во Луксембург, Судот на правдата на Европската унија и важи за сите. Значи, не можам, а да не потсетам, меѓутоа шокирана сум од одговорот, кој најчесто го слушам дека разговаравме со претседателот, со министерот за надворешни работи, за евроинтеграции и со други тие велат дека нема проблем. А како нема проблем ако се вели дека во тие принципи влегува признавање, бидејќи сликата на ЕУ е единство на различности и тие велат дека нема да се мешаат во внатрешните работи, ќе ги почитуваат уставните и политичките структури, самоопределувањето, дигнитетот и интегритетот, да не бројам, националниот и културниот идентитет, реципроцитетот во почитувањето во склучувањето на договорите итн. Се разбира дека тоа што важи за нив треба да важи и за сите и важеше и треба да важи и за нас, вели Силјановска Давкова.
За информациите што деновиве се појавија во јавноста дека би можело да има уставни измени дури и со се уште актуелниот состав на Парламентот, или предлозите политичарите да се „затворат’ веднаш по инаугурацијата на новиот претседател и да се договорат или за оној за уставни измени до Нова година, Силјановска Давкова вели дека „тоа е страшно бидејќи кажуваме дека не го почитуваме Уставот односно постапката за промена на Уставот“ и прашува дали ние имаме правна држава. За формирање идна влада, додава, прво треба да се види резултатот.
-Ако ЕУ мисли дека на ваков начин преку постојано менување на Уставот однадвор ќе решиме проблеми… значи ова околу добрососедските односи не е ни дел од копенхашките критериуми туку е дел од оној Договор за асоцијација и стабилизација бидејќи уставните демократии се најважни. Како тоа, знаете како е постапката? Три читања за промена на Уставот, па јавна расправа, па има рокови, амандмани… Јас ништо не разбирам. Е така некои ликови го подразбираат владеењето – на конзулски начин. Прво ќе се договориме, па после ќе одглумиме формално дека имаме институции. Значи тие ги носат одлуките надвор од институциите. Затоа се институциите слаби, а тие ликови прејаки. Затоа ние имаме проблеми со европската демократија, рече кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Професорката Силјановска Давкова верува дека ќе влезе во вториот круг на претседателските избори и дека согласно анкетите и резултатите од минатите избори, логично и се наметнува заклучокот дека повторно Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, има најголеми шанси да биде еден од оние што ќе влезат во вториот круг на претседателските избори.
-Ако ги имам предвид минатите резултати, ако ги имам во предвид анкетите, тогаш некако логично ми се наметнува заклучокот дека повторно господинот Пендаровски има најголеми шанси да биде еден од оние што ќе влезат во вториот круг. Инаку, со кого за вториот круг веднаш не можам да кажам меѓутоа имало различни разговори. Јас мислам дека политиката е и практична и прагматична активност, дека понекогаш се склучуваат и интересни сојузи, но јас едно можам да кажам дека ќе се однесувам натпартиски, непартиски, дека во трагањето по коалициони партнери нема да дозволам да се прават пазари со мене, ветувања кои се непристојни бидејќи ситуацијата во која што сме е резултат и на пазарно ориентирана политика, а не на политика како уметност на можното, истакнува таа.
На прашањето како го оценува досегашниот тек на изборната кампања, посочува дека тоа зависи од кој агол ќе гледаме и оти е невозможно претседателските и парламентарните избори кои се преклопуваат да се одвојат.
-Јас отсекогаш сум велела дека до максимум ќе се држам до програмата, до целите, до она што имам намера да го правам, но ако е потребно некогаш и ќе одговорам. Добро забележавте, јас веќе сум истерала многу митинзи, меѓутоа не говорам на митинзите за другите луѓе, но кога ќе праша одговорив се обидувам повторно тоа да биде пристојно, да не биде навредливо. Меѓутоа, проблемот постои уште во стартот, вели Силјановска Давкова, потсетувајќи дека еден од кандидатите не го потпишал Кодексот за фер и демократски избори.
Понатаму, таа посочува дека „луѓе кои се на функција на претседателска, на градоначалничка функција, особено на тие инокосните се во позиција и својот статус да го искористат намерно или ненамерно за целите на кампањата“.
Што се однесува до говорите, посочува проф. Силјановска Давкова, некои кандидати зборуваат за програмата, а други кандидати главно коментираат.
Во интервјуто за МИА, таа вели дека е задоволна од одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за нејзината претставка, како и дека очекува Академијата за судии и јавни обвинители да поднесе жалба до Управниот суд, како и дека таа да биде потврдена.
-Да, очекувам, очекувам. И однапред кажувам дека јас немам доверба во Управниот суд особено во претседателот на Управниот суд, кој во некои пресуди тој цитира членови што не постојат, што се укинати, не верувам. Инаку, да, првата средба со новиот состав на Антикорупциска комисија мене ми ветува дека ќе продолжи таму каде што претходниот состав застана. Јас имав голема почит кон претходниот состав и покрај ограничените овластувања, навистина се однесуваа како борци за заштита на Уставот и законите во борбата со корупцијата и криминалот. Инаку, јас без оглед на пресудата на Управниот суд ќе ги информирам за ова ОБСЕ/ОДИХР, ама и донаторите на Академијата, вели таа.
Силјановска Давкова потенцира дека претставката не ја поднела како кандидатка за претседателка, туку како професорка бидејќи изборните правила, Законот навистина треба да се почитува во секој момент, а особено за време на изборниот процес.
– И затоа мислев дека на мојот приговор со наводи ќе добијам контра работи и одговор, ама слушав… не знам раскажување зошто била формирана Академијата, како таа била посебна институција, како тоа бил специфичен атипичен нетипичен работен однос и да бидам искрена кога си дојдов дома на што се загрижив – да, таму има и образовна димензија, едукативна димензија, да, но се шокирав од негирањето на еден ноторен факт дека во сегашниот состав на судии и јавни обвинители влегоа стотина луѓе кои беа на Академијата без да исполнуваат услови. Бидејќи без завршен факултет положиле правосуден испит, без двегодишно работно искуство си положиле правосуден испит, рече, меѓудругото, таа.
Зборувајќи за програмата и за тоа со што ќе привлече повеќе гласачи особено меѓу неопределените, проф. Силјановска Давкова посочува дека светот и Европа се борат со апстиненција, но и со антиполитика и оти голем дел од луѓето не сакаат да се вклучат дури ни во изборниот процес.
-Ние немаме задолжително пасивно избирачко право да мора да гласаме како во некои држави. Јас сум против таквото право. Меѓутоа, ова навистина треба да делува освестувачки за сите. Значи, јас не им се обраќам само на оние кои застанале зад тие кои ме предложија, туку и минатиот пат и добив од нив можеби повеќе од 60 илјади гласови, од неопределени луѓе, од аполитични луѓе кои решиле можеби заради идентификување со некои од моите ставови да излезат на гласање. Во текот на овие четири години јас се однесував автономно. Неколкупати гласав и поинаку и од партијата и од сите. Зошто? Бидејќи сметав дека за некој на кој му е животна филозофија владеењето на правото тоа е нормално, рече проф. Силјановска Давкова.
Вели дека е добро да се вратат народните канцеларии, дека не е добро решение само пред Нова година претседателот да се обраќа во Парламентот, ќе го употреби ветото ако не помогнат нејзините укажувања на неуставноста на законите, па дури и ќе покренувам иницијативи пред Уставен суд, ќе бара дипломатите пред да заминат на одредена дестинација да се појават пред надлежната Комисија за надворешна политика…
Wow, amazing blog format! How lengthy have you been blogging for?
you made blogging look easy. The overall glance of your web site is wonderful, let alone
the content! You can see similar here dobry sklep