Руска агресија врз Украина и состојба во регионот на Блискиот Исток се главните теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел со кое ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, делот од заседанието на Советот посветен на руската агресија врз Украина ќе започне со неформална размена на мислења на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ со нивниот украински колега Дмитро Кулеба преку видео конференциска врска, по што тие ќе ја продолжат дискусијата со фокус на долгорочните безбедносни обврски и воената поддршка на Унијата за Киев.
Во однос на оваа тема, министрите ќе разговараат и за користењето на руските блокирани средства, за рестриктивните мерки поврзани со агресијата на Русија врз Украина, како и за мировната формула за конфликтот.
На декемврискиот Самит на ЕУ, европските лидери донесоа одлука за старт на пристапните преговори со Киев и ја повторија својата решителна осуда на руската агресија и „непоколеблива солидарност“ со Украина и нејзиниот народ.
Во делот од средбата посвета на состојбата на Блискиот Исток, европските шефови на дипломатии ќе имаат одделни неформални размени на мислења со министрите за надворешни работи на Израел, Израел Кац, на Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан Ал Сауд, на Египет, Самех Шукри, на Јордан, Ајман Сафади и на палестинската автономна управа Ријад ал Малики, како и со генералниот секретар на Лигата на арапски држави, Ахмед Абул Геит.
За ова прашање министрите ќе разговараат за влошената хуманитарна ситуација во Газа, за потребата од доставување непречена хуманитарна помош за цивилното население, за случувањата на теренот во Појасот, на Западниот Брег и во поширокиот регион и за начините за спречување на прелевањето на конфликтот низ Блискиот Исток, вклучително и во реонот на Црвеното Море, како и да го повторат повикот за ослободување на израелските заложници киднапирани од страна на Хамас и за целосно спроведување на резолуциите на ОН.
Шефовите на дипломатиите, исто така, ќе разговараат и за поддршката за Палестинската автономна управа, за идните чекори, можните мировен план и конференција, како и за потребата од преземање конкретни чекори за заживување на предлогот за мировен договор врз основа на решението за формирање две држави – Израел и Палестина.
Во согласност со позицијата на усогласена на Европскиот совет лани во октомври за почитување на принципите на меѓународното право, стабилизација на состојбата во Газа, поддршка на Палестинската управа и заживување на мировниот процес на Блискиот Исток, вклучително и преку задржување на одржливоста на решението за две држави, Борел на претходното заседание на Советот за надворешни работи минатиот месец предложи „збир на елементи“ врз основа на која ќе се базираат активности на ЕУ во регионот.
Тие елементи опфаќаат заложба за спречување на принудно раселување на цивилното население од Појасот Газа и негова повторна окупација од страна на Израел, за рестриктивни мерки против Хамас и екстремистичките еврејски доселеници на Западниот Брег, како и поефикасно користење на мисиите на ЕУ на теренот – Координативното биро на ЕУ за поддршка на палестинската полиција и Мисијата на ЕУ за погранична помош во Рафа.
Покрај за двете главни теми, европските шефови на дипломатиите ќе разговараат и за тековните состојби во сферата на надворешните работи, вклучително и за последните случувања во односи меѓу Азербејџан и Ерменија по септемвриската азербејџанска воена операција во Нагорно-Карабах, како и да ги одобрат заклучоците за приоритетите на ЕУ во релевантните форуми за човекови права на ОН во 2024 година.
Дополнително министрите ќе ги разгледаат и одлуките на Советот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) за поддршка на активностите за разоружување и контрола на оружјето во Југоисточна Европа со цел да се намали заканата од малокалибарското и оружјето со недозволен калибар и за рестриктивните мерки поврзани со ситуацијата во Сирија и во Судан.
На маргините на Советот, европските шефови на дипломатии ќе одржат и неформална размена на мислења со египетскиот министер за надворешни работи Шукри посветена на односите меѓу ЕУ и Египет во пресрет на утрешното 10-то заседание на Советот за асоцијација ЕУ-Египет во Брисел.
Според дипломатски извори, на денешниот Совет Борел ќе презентира План од 10 точки за „кредибилно сеопфатно решение“ на израелско-палестинскиот конфликт, подготвен од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Бриселскиот портал „Еурактив“, кој имал увид во документот, посочува дека во него се наведени низа чекори кои би можеле „да донесат мир во Појасот Газа, да воспостават независна палестинска држава, да доведат до нормализација на односите меѓу Израел и арапскиот свет и да гарантираат долгорочна безбедност во регионот“.
– Со оглед на актуелната ситуација и покрај очигледните тешкотии и несигурности, сега е време да се подготвиме за сеопфатен израелско-палестински мир, се наведува во воведот на документот, при што се додава дека „само политичко, одржливо и долгорочно решение на израелско-палестинскиот конфликт ќе донесе мир за двата народи и стабилност во регионот“.
Според планот, мировниот процес треба да резултира со создавање независна палестинска држава што ќе постои паралелно со израелската и со целосна нормализација на односите меѓу Израел и арапскиот свет.
– Нереално е да се претпостави дека Израелците и Палестинците во блиска иднина директно би се вклучиле или би почнале билатерални мировни преговори за сеопфатен мир, без силно меѓународно учество. На Палестинците ќе им треба ревитализирана политичка алтернатива на Хамас, додека Израелците ќе треба да покажат политичка волја да се вклучат во значајни преговори за решението за две држави, се наведува во документот.
Во тој контекст се предлага продолжување на напорите за одржување на „Подготвителна мировна конференција“ во која се вклучени ЕУ, САД, Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Арапската лига и ОН, кои би биле во постојан контакт со израелските и палестинските претставници, а кои пак на почетокот не би биле принудени да седнат заедно на преговарачката маса. Како претставници на Палестинците би биле признати Палестинската автономна управа и Палестинската ослободителна организација (ПЛО), но не и движењето Хамас, кого ЕУ и САД го сметаат за терористичка организација.
Според планот, оваа „Подготвителна мировна конференција“ би имала рок од една година да ја усогласи „Рамката за мировен план“, врз основа на „повратните информации од сите вклучени страни, резолуциите на ОН, заклучоците на Европскиот совет и претходните посреднички напори“.
Откако ќе биде изработена Рамката, таа би им била претставена на Израел и Палестинците како основа за преговори за финалниот текст на мировниот договор.
– Суштински елемент на мировниот план треба да биде поставување на силни безбедносни гаранции за Израел и за идната независна држава Палестина, условени со целосно меѓусебно дипломатско признавање и интеграција и на Израел и на Палестина во регионот, се наведува во документот, при што се потенцира дека мировниот план треба да вклучи и „Пакет за поддршка на мирот“.
Европскиот парламент минатата недела со тесно мнозинство усвои Резолуција во која се повикува на „траен прекин на огнот во војната на Израел против Хамас“, но како предуслов за тоа се наведува ослободување на сите заложници што ги киднапираше исламистичкото движење при нападите на израелска територија на 7 октомври минатата година, како и целосна демилитаризација на Појасот Газа.
Your humor added a lot to this topic! For additional info, click here: FIND OUT MORE. What do you think?