ШЕСТО ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО ВЕЧНИОТ РИМ ВО 1974 ГОДИНА (23)

2n5556

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ВО ЧЕСТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА – АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

И во 1974 година прекрасниот Рим, тој вечен град, како многумина го нарекуваат, беше место каде се презентираше дел од македонската култура. И сето тоа по повод традиционалните денови на културата од Македонија посветени на македонските и словенски просветители свети Кирил и Методиј Солунски.

Во текот на манифестацијата „Денови на македонската култура” во Рим, на италијанската јавност, или поточно на пријателите на поетскиот збор им беше презентиран дел од македонската современа поезија. Притоа, значаен белег на манифестацијата даде отслужувањето на молебенот пред гробот на свети Кирил Солунски.

Овогодишната црковна делегација ја предводеше митрополитот американско-канадско-австралиски г. Кирил, а членови беа протојереј-саврофор Методи Гогов и ѓаконот Јован Каровски (денешниот преспанско-битолски архијереј г. Петар), додека делегацијата од културата на Македонија ја предводеше проф. д-р Александар Спасов, заедно со членовите-поети Славко Јаневски, Матеја Матевски и Петре Андреевски. Во музичкиот дел, пак, настапија првенците на Скопската опера Ѓорѓи Божиков и Искра Божиновска-Савин, во клавирска придружба на Јасмина Георгиевска-Чакар.

Црковната делегација на 21 мај пристигна на аеродромот „Леонардо да Винчи” во Рим, а на 22 мај со авион отпатува за Бари, каде што беше пречекана од секретарот на Патристичкиот институт падре Дамјано Бова, од југословенскиот конзул г. Г. Поповиќ и други претставници  на југословенската дипломатија. Всушност, делегацијата отпатува во Бари како гостин на Патристичкиот институт и, по краткиот престој во доминиканскиот калуѓерски ред, во црквата „Свети Николај “, каде што се наоѓаат моштите на овој голем христијански светител, македонската црковна делегација отслужи благодарствен молебен на македонски јазик.

Во Патристичкиот екуменски институт делегацијата на Македонската православна црква имаше средба и водеше разговори со ректорот и професорите. Оваа институција е од понов датум, основана е пред пет години со цел да се запознае богатата ризница на светото православие, а со желба за екуменско зближување во православната црква.

Во рамките на Институтот дејствуваат четири институции: Институтот за патристичка литература и догматско учење на црквата; Инстититут за патристичка литература и коментарите на Светото писмо; Институт за патристичка литература и богослужението и Институт за патристичка литература и современиот христијански екуменизам.

Во текот на престојот на Бари, црковната делегација имаше средба и заеднички ручек со епископот Генадиос, епархиски архијереј за православните Грци  во Неапол под јурисдикција на Вселенската патријаршија од Цариград и професор на Патристичкиот институт во Бари. Притоа делегацијата го посети архиепископот на Бари Амброзио Алберто Балесреро, а потоа со авион се врати повторно во Рим.

Во Рим, пак, на 24 мај на Денот на свети Кирил и Методиј, делегацијата на Македонската православна црква официјално беше примена од секретарот за единство на христијаните при Светата столица кар диналот Вилебрандс и неговите соработници. Притоа, митрополитот г.

Кирил ги пренесе поздравите од архиепископот Доситеј и членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква и ја изрази благодарноста за разбирањето и братската помош. Митрополитот Кирил, исто така, ги запозна домаќините и со постигнувањата

на Македонската православна црква и нејзините настојувања на екуменски план .

Делегацијата од Македонија беше примена и во нејзина чест беше приреден ручек од југословенскиот амбасадор при Светата столица г. Стане Калман. На ручекот присуствуваа и југословенскиот амбасадор во Република Италија г. Мишо Павиќевиќ, кардиналите Шепар и

Вилебрандс и нивните блиски соработници, заменикот на кардиналот Казароли, како и професорите од понтификалните просветни институции: д-р Иван Жужек, г. Михаил Лацко и г. Антонио Корен. За време на ручекот беа водени опширни разговори со кардиналите Вилебрандс и Шепар и со нивните соработници.

Истиот ден во 17 часот беше отслужен благодарствен молебен над гробот на свети Кирил Солунски во базиликата „Свети Климент Римски“. На гробот беа положени венци и свежо цвеќе, а во придружба на хорот на Институтот „Русикум” митрополитот Кирил со свештените лица го служеше молебенот на македонски јазик. По молебенот, митрополитот Кирил го одржа следното пригодна слово: 

…Се наоѓаме во големо светилиште. Пред малку се приклонивме пред светиот престол во кој почиваат светите мошти на св. Кирил, а сега стоиме пред гробот во кој со векови почивале. Еве веќе шест години Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква испраќа своја делегација да се поклони и да се помоли од името на православниот македонски народ пред гробот и моштите на светитепот и првоучителот на сите словенски народи рамноапостолот свети Кирил Солунски.

Изминаа цели единаесет векови од блаженото упокоение на свети Кирил. Овде, во овој свет град, во кој почившџ моштите на илјадници христијански маченици, во кој се и гробовите на врховните свети апостоли Петар и Павле, го завршил својот земен живот овој свет човек, за кој свети Климент Охридски во своето похвално слово за него вели: „Уште од младост беше чист како ангел, се оддалечуваше и одбегнуваше од животните наслади … одеше само по оној пат по кој се искачува на небото“.  

Украсен со силна вера во Бога, деноноќно трудољубив, љубов кон Христовата вистина, со силна желба да Му биде послушен на Бога во се, да им служи и послужи на своите блиски, уште од најраната младост почнал да се подготвува за ова возвишено служење. Неговиот висок научен и духовно-морален авторитет е вистинската причина за да му бидат доверени одговорните мисионерски задачи кај Хазарите, Сарацените и кај други источни народи. 

Најпосле, откако со успех ги завршил сите дотогашни мисионерски задачи, му била овозможена најголемата и најодговорната задача: заедно со својот брат Методиј да го проповеда, словото Божја на словенски јазик на словенските племиња во Моравија и Панонија. Пред заминувањето во овие западни словенски земји, свети Кирил ја создал првата словенска азбука и ги превел најпотребните богослужбени книги од грчки на словенски. Најголемата негова заслуга е во тоа што истовремено подготвил и не мал број ученици последователи.

Во текот на престојот црковната делегација повторно го посети Институтот „Русикум”, при што му подари дрвена статуа со фигура на свети Климент Охридски и албум од репродукции на македонски икони.

Потоа делегацијата го посети Понтификалниот ориентален институт, каде беше пречекана од ректорот Јурај Дежефе, а во разговорите учествуваа и професорите Алберт Аман, Вилјам Деврие, Роберт Тафит, Пелопидас Стефану, Џон Режат, Михаил Лацко, Винцент Поги и Алфоне Раес, коишто живо се интересираа за дејноста на Македонската православна црква.

Црковната делегација имаше средба и со ректорот на Словачкиот институт г. Доминик Хрушковски и професорот г. Михаил Лацко, а во разговорите учествуваа и професорите: Андреј Павлини, Андреј Шандор, Лудвик Мацак, Алојз Андрејка, Стефан Враблез, Стефан Нахалка, Јозеф Томко, Франтишек Шкода и Антон Ботек. Митрополитот Кирил заедно со свештените лица отслужи молебен на македонски јазик во капелата на Институтот, која е посветена на свети Кирил и Методиј и на чијшто престол се наоѓаат моштите на свети Климент Охридски, подарени со специјална грамота од поглаварот на Македонската православна црква.

Посебен впечаток на делегацијата ѝ остави средбата со г. Антонио Јерков, човекот со силна љубов и почит кон македонскиот народ, кон Македонската православна црква, кон македонското народно творештво и современите културни вредности. Инаку г. Јерков го преведуваше излагањето на митрополитот Кирил во Понтификалниот институт, а на оваа посета ѝ посвети голем простор во своите публикации.

Во поетскиот дел од „Деновите на македоската култура” што се одржа само во Рим, свои лични творби читаа истакнатите поети од Македонија: Матеја Матевски, Славко Јаневски и Петре Андреевски, додека песните на италијански ги читаа поетите Елио Филипа Акрока, Лина Курчи и Марио Сократе. Претставувајќи ја македонската поезија поетот Елио Филип Акрока истакна: ,,Ова е вечер на пријателите со Македонија, со поетите од Македонија, со земјата со која се имам запознаено на Струшките вечери на поезијата”.

Во продолжение поетот Акрока со воодушевување зборуваше за Македонија како мост и како престолнина на поезијата од целиот свет, каде што се среќаваат поети од разни земји и континенти, затоа, рече тој, со право се вели дека поетите од Македонија, навистина, се браќа на сите поети од целиот свет.

Во воведното излагање за современата македонска поезија проф. д-р Александар Спасов, покрај другото, нагласи: „Многу значаен резултат, имајќи ги предвид искуствата од пред три децении на повоената македонска поезија, претставува достигнатата рамнотежа меѓу минатото и сегашноста. Со невиден замав се надминати сите пречки и тешките наследства во несреќното минато.

Поставен е солиден мост преку бездната на заостанатоста. Можеше да се случи поезијата да западне во инерцијата на провинцијализмот, меѓутоа, се забележува спротивното. Македонската денешна поезија најде видно и значајно место во констелацијата на балканската лирика”. Во истата сала беше отворена изложба на избор на мапите „Реч љубовна” и „Мостови”.

Во чест на манифестацијата „Денови на македонската култура” беше отпечатена публикацијата „Слава на свети Кирил“.

Климент Охридски; Житија. Слова. Поуки, Предговор: Харалампие Поленаковиќ. Избор, превод и коментар: Радмила Угринова-Скаловска, изд. „Македонска книга – библиотека „Од македонското книжевно наследство: Скопје 1974, стр. 165.

Овој зборник од книжевни творби на Климент Охридски формира поширока претстава за делото на овој наш книжевен деец. Книжевните творби се преведени на современ македонски јазик, со што се овозможува со нивните содржини да се запознаат поширок круг читатели.

Изборот е пропратен со предговор што го напиша Харалампие Поленаковиќ. Во предговорот вниманието е задржано врз изворите за реконструкција на Климентовата биографија, на коментирањето на неговиот животен пат и на богатиот книжевен опус. Изборот, преводот и коментарот го направи Радмила Угринова-Скаловска. Веднаш по предговорот, Угринова се осврнува кон изборот и преводот (што ги изврши на современ македонски јазик) од каде што се согледуваат начелата и методите со кои се служела при работата.

Оттаму ја согледуваме и идејата, изборот да ги опфати сите книжевни родови од книжевниот опус на Климента. Така се предадени книжевни творби концентрирани во четири циклуси: Похвали и житија на Кирила и Методија; Општи поуки за празници, на апостоли и маченици; Поуки за големите христијански празници и Похвални слова на христијански светители. Вкупно се застапени дваесет и три книжевни творби.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *