Премиерот Димитар Ковачевски побара национален консензус за уставните измени, кои се предуслов за одржувањето на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со Европската Унија. Опозицијата, пак останува на ставот дека уставни измени под бугарски диктат не прифаќа. Ставовите се непроменети, а дали тоа ќе се потврди или не јавноста ќе дознае за помалку од две недели кога ќе почне седницата за утврдување на потребата за уставни измени закажана за 18 август.
Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА вчера изјави дека е потребен национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Говорејќи за уставните измени, кои се дел од Преговарачката рамка и услов за одржување на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со ЕУ, за ставот на опозицијата дека не прифаќа „уставни измени под бугарски диктат“, но и за политичките превирања во ДУИ и како сето тоа ќе влијае на овој процес, Ковачевски нагласува дека пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, како што рече, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче.
-Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, нагласува Ковачевски.
Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а Ковачевски очекува, како што вели, искрена, квалитетна и плодна парламентарна дебата „низ која ќе се разјаснат сите аргументи, со цел сите заедно да дојдеме до една натпартиска одлука, каква што ни доликува, а со која ќе ја покажеме нашата сериозност и одговорност пред моментумот кој тешко дека ќе се повтори“.
Според Ковачевски опозицијата треба да изгради став и да одлучи дали е за интеграција во ЕУ, реално и суштински или за изолација.
-Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку, додава тој.
Во однос на можноста за нови блокади од Софија и доколку се донесат уставните измени Ковачевски е на став дека понатамошните барања ќе се однесуваат на реформите.
-Така што нема простор да размислуваме во насока дека влегуваме во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните, нагласува премиерот.
ВМРО-ДПМНЕ реагираа нагласувајќи дека остануваат на ставот дека консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен и оти единствено е можен консензус за избори.
Од партијата во прилог на својот став наведуваат и дека „над 80 проценти од граѓаните, јавноста и експертите се против промена на Устав под бугарски диктат“.
-Тоа што е суштинско и што недостасува во ламентирањето на Ковачевски во интервјуто е зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има можност и ќе ја искористи таа можноста да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски, додаваат од опозициската партија, само за ден повеќе на власт и одржување на коалиција со ДУИ ја доведе Македонија во подредена положба и ја загрози нејзината европска интеграција, уште повеќе нејзината вековна јазична, културна и историска посебност. Но, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа се прашања за коишто ќе мора да одговори кога ќе се врати од луксузното одморалиште далеку од очите на јавноста, кога ќе се соочи со неизбежноста од одржување предвремени парламентарни избори.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во саботата објави видео на својот профил на Фејсбук со кратко објаснување, како што посочува, на суштината на преговарачката рамка за преговори со ЕУ, како одговор на бројните шпекулации поврзани со нејзината содржина.
Она што е поважно, потенцира меѓудругото Османи, е што во ниту едно од овие одредници, патокази или скалила во специјалниот дел од преговарачката рамка нема никаква референца или поврзаност со Договорот за пријателство со Бугарија, никакви референци по прашањето на работата на Историската комисија, ниту пак прегледите од член 12 од истиот Договор.
Во јавноста беа објавени повеќе реакции за видеото и објаснувањето на Османи. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара Османи да си ја реализира оставката, што, како што наведе портпаролот на партијата Наум Стоилковски, „сепак нема да го спаси од одговорност“.
-Бујар Османи, земи креда и со големи букви напиши: уставни измени под бугарски диктат нема да има, повтори Стилковски.
Very well-written and funny! For more details, click here: EXPLORE NOW. Looking forward to everyone’s opinions!