Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград во рамки на официјалната посета на Србија ќе има разговори со премиерката Ана Брнабиќ, претседателот на државата Александар Вучиќ и со претседателот на Народното Собрание Владимир Орлиќ. Пред средбата со премиерката Брнабиќ ќе бидат потпишани меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
Ковачевски ја предводи делегацијата во која се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
Пред Палата Србија, Ковачевски ќе биде пречекан на церемонија со највисоки државни и воени почести, по што ќе има тет-а-тет средба со претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ.
Двете владини делегации, предводени од премиерите ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите. По пленарната средба, предвидено е потпишување на меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, по што ќе следува заедничка прес- конференција на двајцата премиери, Ковачевски и Брнабиќ.
Ќе бидат потпишани Меморандум за разбирање меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Србија, за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница, Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и Меморандум за соработка во рударството и енергетиката.