За Скопје земјава има реална европска перспектива, реториката на Софија е во контекст на предизборната кампања

Северна Македонија ги почна преговорите за членство во ЕУ и има јасна европска перспектива, смета Скопје. За Софија земјата е во состoјба на вето дури не се впишат Бугарите во Уставот на земјава.

Премиерот Димитар Ковачевски изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, дека земјава е во состојба на вето ја стави во контекст на изборите во Бугарија и порача дека за влез во ЕУ ние не преговараме со Бугарија, туку со Унијата во Брисел и вето нема да има, бидејќи ќе ги почнавме преговорите.

– Бугарија не би ја коментирал, бидејќи тие се наоѓаат во избори и таму секој дава изјава само за да собере глас плус. Кога ќе завршат изборите кај нив, во првата недела на април, ќе можеме да воспоставиме комуникација со новата влада, која што ќе ја изберат и да продолжиме со институционалната комуникација во делот на проектите кои што ги имаме на билатерално ниво, бидејќи ние со Бугарија не преговараме за влез во ЕУ. Ние преговараме со ЕУ во Брисел за влез во ЕУ. Вето нема да има бидејќи ние веќе ги почнавме преговорите, дециден е Ковачевски прашан за изјавата на Радев  дека преговорите не се започнати, а ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во нашиот Устав и оти земјата е „во состојба на вето“.

Ковачевски информира дека Северна Македонија го отпочна скринингот со ЕУ и веќе се наоѓаме во поодмината фаза од истиот, а сите извештаи се позитивни. Од него ќе произлезат патокази, меѓу кои и за правата на малцинствата и етничките заедници, којшто очекува дека ќе го исполниме на највисоко врвно ниво.

– Ако се споредиме со која било држава во Европа, правата на помалите заедници кај нас се издигнати на највисоко  можно ниво. Бидејќи ние имаме изградено институции за правата на помалите заедници, имаме закони за остварување на правата на помалите заедници во делот на нивното рамноправно учество во јавната управа, употребата на јазиците итн. И тоа се однесува за сите. Ние имаме и Министерство кое се занимава со тие прашања. Затоа сметам дека барањето на кој било политичар во тој дел за нас не претставува никаков проблем со оглед на тоа дека правата кои ги имаат сите поединци или групи во оваа држава, а кои што не се дел од мнозинскиот народ, се на многу повисоко ниво од голем број држави во Европа, па и членки на ЕУ, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Варус Бионика Фармацеутикалс“ во Скопје.

На редовниот годишен состанок со шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир и со резидентните амбасадори на земји членки на ЕУ, премиерот Ковачевски вчера доби уверување дека европската перспектива на земјата е реалност и може да смета на поддршката од европските партнери за натамошните исчекори во евроинтеграцискиот процес. Било истакнато, меѓу другото, дека се почитува лидерството во напредокот на државата и во храбрите и мудри одлуки што се носат во таа насока и дека се вреднуваат постигнувањата на рефомски план.

– Отворени сме како Влада да ги зајакнеме капацитетите на Владата и да го зголемиме парламентарното мнозинство. Наши стратешки партнери се ЕУ и САД и ќе продолжиме да ја развиваме државата во таа насока, којашто носи сигурност и квалитетен живот на граѓаните, со фокус и кон сите реформи и во делот на владеењето на правото. Ние сме граѓанска држава, успешен пример на функционална, мултиетничка демократија, држава на рамноправни граѓани, со еднакви права и обврски и во тоа е нашата големина и вредност. Ќе продолжиме по патот напред, притоа, со категорична заштита на идентитетските одредници и на достоинството на граѓаните, истакнал Ковачевски.

Бугарскиот претседател Румен Радев пред состанокот на Европскиот совет во Брисел, одговарајќи на новинарско прашање за последните случувања во односите меѓу Софија и Скопје и дали Бугарија планира ново вето, изјави дека „во моментов сме во состојба на вето.

– Со решението што успеавме со голем труд да го вметнеме во преговарачката рамка, преговорите ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во Уставот на нашиот сосед. Тие се уште не се впишани и преговорите не се започнати. Тоа е состојба на вето, рече Радев.

Тој изјави дека иако темата за Северна Македонија не е на дневен ред на Советот, сепак ќе се обиде да го покрене прашањето за, како што рече, „зголемената агресија и ескалирачката антибугарска кампања во Република Северна Македонија“ и ќе побара ЕУ да воведе мониторинг и гаранција за почитување на правата на македонските Бугари.

Во меѓувреме, Комитетот на министри на Советот на Европа усвои Резолуција за националните малцинства во Северна Македонија со која паднаа во вода обвинувањата од страна на Бугарија дека во земјата се врши системска дискриминација врз малцинствата.

Резолуцијата содржи препораки за земјава дека треба да преземе дополнителни чекори кон унапредување на едно интегрирано општество базирано на почитување и доверба меѓу различните заедници, засилување на напорите за спречување случаи на кршење на човековите права од страна на полицијата против Ромите, подобрување на пристапот за ромските деца до квалитетно образование, а за жените Ромки пристап до здравствени услуги. Во неа не се споменува бугарското малцинство.

Од МНР по повод Резолуцијата потенцираа дека земјата останува посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права.

Воедно, информираа дека во процесот на усвојување на Резолуцијата на Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ) за национални малцинства во Северна Македонија, биле поднесени многубројни амандмани од друга заинтересирана делегација, кои не наишле на поддршка од мнозинството земји членки. Аргументацијата на високото мнозинството претставници, меѓу останато, била дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку треба да се засноваат на принципите на меѓународното право и стандарди и објективните наоди на независните експерти кои ја одразуваат реалната состојба.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве изјави дека Бугарија се обидела со амандмани на Резолуцијата да се вметне формулација „системска дискриминација“, во контекст на бугарската заедница во земјата, но тоа не било прифатено од земјите-членки, бидејќи, според Османи, аргументите се на наша страна.

One thought on “За Скопје земјава има реална европска перспектива, реториката на Софија е во контекст на предизборната кампања

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *