Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се сретна со Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада, Џастин Трудо, за Европската Унија и амбасадор на Канада во Франција и Монако.
На состанокот била изразена јасна поддршка за правецот во кој се развива нашата држава и очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи со натамошните чекори во евроинтеграциите, по членството во НАТО.
Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, поздравени се недвосмислените и цврсти политики на премиерот Ковачевски и на Владата, на линија на надворешната политика на Европската Унија, како и применливиот дијалог во државата и во добрососедските односи, преку кои се доаѓа до решенија.
– Оценето е дека Република Северна Македонија ѝ е потребна на Европската Унија како пример за принципиелна демократска држава, којашто применува европски, прогресивни политики и вредности и дека токму поради тоа и заслужува да биде дел од Унијата. При тоа е пренесена силна поддршка од премиерот Трудо и од Канада за натамошниот напредок на Северна Македонија во европските интеграции. Констатирано е и дека целиот Западен Балкан припаѓа на Европа и дека е од стратешко значење и за регионот и за Унијата, да продолжи проширувањето, со целосна интеграција, се подвлекува во соопштението.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за традиционално добрите односи со Канада, засновани на пријателство и меѓусебно разбирање и за големата поддршка што ја има нашата држава, од Канада и конкретно од премиерот Трудо, во сите важни процеси за демократскиот напредок.
Ова пријателство меѓу двете држави, рекол премиерот Ковачевски, има длабоки корени, ако се земе предвид дека заедницата на граѓани од Северна Македонија во Канада е вградена во развојот на Канада и дава значаен придонес во билатералните односи.
– Канада е земја на толеранција, признавање на различностите и почит кон сите луѓе, што нѐ прави уште поблиски како држави, иако сме на географска оддалеченост. Голема благодарност до Канада и до премиерот Трудо за сета поддршка за доброто и добрата иднина на граѓаните на Северна Македонија, рекол премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, соопштли дека во државата се формира европска коалиција која треба да го осигура европскиот пат, бидејќи другата опција е радикален национализам, за лични или туѓи интереси, што не е државен национален интерес, а е со штетни последици и во пошироки рамки.
Тој нагласил дека Владата продолжува со конструктивните политики и со јасна заштита на идентитетските определби. Паралелно со тоа се решаваат и тековните предизвици предизвикани од економско-енергетската криза. Изразил и очекување дека политичката и општествената јавност во земјата ќе бидат на висина на одговорноста кога станува збор за реализацијата на европската цел во интерес на квалитетот на живот на граѓаните во Република Северна Македонија.
Insightful read! I found your perspective very engaging. For more detailed information, visit: READ MORE. Eager to see what others have to say!