Турковиќ: Веруваме во Берлинскиот процес, не се потребни нови иницијативи

Ние веруваме во Берлинскиот процес, иницијатива која веќе дава резултати. Не гледаме зошто би постоела потреба сето тоа да се удвојува со уште нови иницијативи, оцени денеска во Скопје заменик претседавачот на Советот на министри и министерка за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи, Бујар Османи прашана дали ќе се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“ во која се со статус на набљудувачи.

Турковиќ истакна дека Босна и Хецеговина многу силно ги поддржува сите иницијативи кои ќе го зајакнат Западен Балкан ако придонесат за забрзување на европските интеграции и да не ги удвојуваат настојувањата кои веќе постојат.

-Ние веруваме во Берлинскиот процес, цврсто веруваме во иницијативата која веќе има дадено резултати во многу нешта и која дава перспектива, многу конкретна, вклучувајќи и финансиски сегмент за се она што на Балканот му е многу потребно. Ако имаме иницијатива која сега делува многу позитивно, која овозможува она што е многу потребно, посебно на младите во регионот, која овозможува не само економска соработка, туку и признавање на сите квалификации и можност за студирање на разни факултети и размена на студенти, значи многу елемени кои се во игра, не гледаме зошто би постоела потреба сето тоа да се удвојува со уште нови иницијативи. Знаете ние сме мали земји кои имаат ограничени економски можности, нема потреба покрај постоењето на Берлинскиот процес и активности да се основа нешто што се вика Отворен Балкан, полуотворен Балкан. Може БиХ утре да излезе со некоја трета иницијатива, но мислам дека ние немаме толку луѓе ни средства за да удвојуваме нешто што и тоа како добро работи, вели Турковиќ.

Во однос на резолуцијата на Европскиот Парламент околу одгворноста на еврокомесарот Оливер Вархеји дека им прогледал низ прсти на БиХ и на Србија во однос на прашањето на владеење на правото Турковиќ вели не е запознаена со сите детали во однос на тоа обвинување но треба да му се посвети посебно внимание.

-Пред нас е да видиме што всушност се случило и дали се основани обвинувањата, и во однос на тоа да се преземат понатамошни активности доколку постојат докази, рече Турковиќ.

Министерот Османи прашан во однос на изјавата на Вучиќ дадена на Светскиот економски форум во Давос дека е тоа политички клуб чиј интерес е само личен и испорачува политички барања кои се однесуваат на национален идентитет и територијални барања алудирајќи на Србија и на Северна Македонија, Османи со став дека како еден од бројните меѓународни форуми Давос овозможува  лидерите да разменуваат ставови и очекувања по однос на случувањата во разни региони во светот и генерално може само да помогне со нови идеи и разјаснување на дилеми.

-Во однос на Западен Балкан мојот став е јасен. Мислам дека време е државите, народите во ЗБ да се помират и да ја прифата реалноста во која што се наоѓаме и да продолжиме на патот кон членство во ЕУ и НАТО на сите шест земји од регионот бидејќи тоа е единствената алтернатива за стабилен и просперитетен регион. За жал, се уште има политичари насекаде низ регионот кои се уште јаваат на бранот на темите од минатото, од историјата, на говорот на омраза, генерално. Затоа е крајно време да имаме еден нов поглед кон иднината, рече Османи, посочувајќи на примерот на Франција и Германија.

Двајцата министри разговарале за теми поврзани со унапредување на билатералните односи, претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, како и за други актуелности од регионот и меѓународните односи.

Во рамки на посетата на државава, Турковиќ ќе биде примена и од претседателот Стево Пендаровски и од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *