Владата пресмета висока реализација на капиталните инвестиции, опозицијата оспорува

Старт на изградбата на автопатите на Коридорот 8 и на Коридорот 10д, завршување на автопатот Кичево-Охрид, на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце, се дел од капиталните проекти за годинава што ги најавува Владата, а со Буџетот се проектирани во вкупен износ од 800 милиони евра. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и вчера ги повтори критиките до Владата дека повторува исти проекти и оти нема капацитет за реализација .

Според премиерот Димитар Ковачевски, капиталните расходи лани забележале највисок износ на реализација во последните 10 години, од речиси 90 проценти, односно 465 милиони евра. Тоа, како што вели, е резултат на воведениот КАПЕФ механизам и зголемената посветеност за реализација.

-Фактите покажуваат дека и покрај тоа што минатата година беше критична од повеќе аспекти, што оставаше сомнеж дека нема да се успее, сепак имаме реализација  на капитални проекти  од речиси 90 проценти од проектираното, што е највисок процент во споредба со претходните 10 години. Сето ова го направивме со цел да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните, рече  Ковачевски на прес-конференцијата во Владата соопштувајќи ја одделно реализацијата по ресори за минатата година и плановите за годинава.

Во клучните проекти за годинава, тој ги спомена Коридор 8 и Коридор 10.д,  за изградба на автопатските  делници Тетово-Гостивар, Гостивар-Кичево, Требениште-Струга -Ќафасан, како и Прилеп-Битола. За нивната изградба вчера и официјално беше потврдено дека надзор и консултант ќе биде ИРД инженеринг, избрана на повторениот тендер од страна на Јавното претпријатие за државни патишта. Од Буџетот за  новите автопатски делници што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка се предвидени 234 милиони евра.

Во план е годинава да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид каде има реализација од над 75 проценти, проект почнат пред шест години во време на претходната Влада.

-Во овој момент активно тече изградбата на автопати во должина од 59 километри. Динамиката на изградба на коридорот од Кичево до Охрид, кој е во должина од 57 километри и во вредност од 598 милиони евра е навистина забрзана. Таму веќе 75  проценти од патот е завршен и се работи со забрзана динамика откако беа отстранети сите пречки, рече премиерот.

Ковачевски вели дека оваа година ќе привршувааат и работите на Коридор 8 кон Бугарија, каде исто така се работи на комплетно нова делница, како и дека привршува и првата фаза на автопатот кон Блаце каде се градат првите два километра, а во тек се активности за проектирање на втората. Премиерот ветува дека ќе биде пуштена и браната Конско, што е втора по големина направена во државата. Ги спомена и активностите за железничкото поврзување и доизградба на Коридорот 8, каде за изградбата на пругата кон Бугарија, вкупно се планирани 600 милиони евра, во три фази, како и завршениот гасовод од Жидилово до Битола.

За инвестиции во образовната инфраструктура се предвидени 18,3 милиони евра и се ветува дека ќе почне изградбата на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје,  како и дека ќе продолжи изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје.

– Ќе се гради нов објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите девет државни студентски домови, кои во рок од 30-тина месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни, најави премиерот и дополни дека ќе почне реконструкцијата на 118 училишни објекти и ќе стартува изградбата на 10 нови спортски објекти.

На информациите и најавите од премиерот реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде оценија дека повторува исти проекти од годините наназад.

– Повторно ги слушаме истите проекти како автопатот Кичево – Охрид, автопатот од два километри кон Косово, железнички пруги и слично, единствено различно е што во ветувањата за оваа година ја нема споменато изградбата на нов клинички центар во Скопје. Владата на Ковачевски ниту има капацитет ниту знаење да реализира капитални проекти во државата. Тие единствено што знаат е да ги трошат народните пари. За пет години потрошија над 20 милијарди евра а проекти нема, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија сметаат дека власта во 2022 година во најголем дел како капитални инвестиции ги книжи набавките на воена опрема, а нема ништо од реализација на нови клинички центри, училишта или автопати.

-Апсурден пример е дека министерство кое реализирало најголем процент од капитални расходи е министерството на Груби, што нема апсолутно никаква врска со капитални инвестиции кои ќе го подобрат стандардот на живеење на граѓаните. Дополнително друг поразителен податок е дека нивото на капитални инвестиции е помало од буџетскиот дефицит, односно разликата е околу 140 милиони евра. И за 2023 година владата на Ковачевски ги повторува истите проекти од претходната година и од ветувањата давани од владата на Заев. Само пролонгираат рокови, само трошат пари, а завршница нема никаква, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што соопшти Ковачевски, веќе се работи на нов концепт на книжење на инвестициите и ќе има порамномерна месечна распределба при нивната регистрација.

Принципот на книговодствено водење на капиталните инвестиции е врз основа на завршени и платени работи, а реализацијата на фактурите, односно плаќањето во најголем дел се врши на крајот на годината и затоа секогаш е најголема во последниот квартал.

-Веќе работиме на нов концепт на книжење на инвестициите, така како што е во голем број држави и во корпорациите, а тоа значи инвестициите да се книжат како реализирани во моментот на нивната реализација и прием врз основа на времени ситуација или врз основа на прием во употреба, а не во моментот кога се плаќа фактурата. Кога тоа ќе биде направено ќе има и порамномерна месечна распределба на капиталните инвестиции, информираше премиерот.

Во последните три години, според Владата, во услови на пандемија и светска енергетска и економска криза, се реализирани капитални инвестиции во вредност од 1,1 милијарда евра.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *