Со посетата на Шоле реафирмирана цврстата поддршка на САД, за „црната листа“ на санкции не било разговарано во Владата

Посетата на Скопје на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле доаѓа во еден клучен момент за регионот и за Европа. Ова е вчерашната оценка по заедничката средба на премиерот Димитар Ковачевски со Шоле. Премиерот смета дека нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, а која е исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално. И покрај тоа што Шоле и Ковачевски разговарале за борбата против корупцијата, „црната листа“ на САД за санкции не била спомената на средбата во Владата.

На состанокот била нагласена големата поддршка од САД во натамошниот напредок на Северна Македонија и било оценето дека традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на земјава.

Било констатирано и дека стратешкото партнерство на Северна Македонија со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

На средбата, Ковачевски и Шоле разговарале за напредокот што е направен во изминатите години во однос на борбата со корупцијата и за предизвиците на државата да ја оствари целта за врвно владеење на правото на ниво на ЕУ како аспирант за членство во Унијата во 2030 година.

Со Шоле разговарале и за европскиот пат на државата, за големото значење на политичката стабилност во земјава и за спроведувањето на сите реформи, носењето на одлуки што значат интегрирање на државата во ЕУ и за уставните измени. Според премиерот САД од самиот почеток на нашата независност, секогаш не поддржувале при носењето на сите вакви одлуки – и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, зачленувањето во НАТО  и со непреченото одвивање на преговорите со ЕУ.

Меѓу клучните теми на кои разговарале со советникот на Стејт депртаментот е и справувањето со економската и енергетската криза во текот на носењето на сите мерки, меѓутоа и во текот на обезбедувањето на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија со субвенционирани цели.

Листата за санкции или т.н. „црна листа“ не била тема на средбата. Премиерот вчера при посетата на компанијата „Пекабеско“ појасни дека тоа е активност што ја спроведуваат САД во рамки на нивната Стратегија за борба против корупцијата објавена од страна на американскиот претседател, во која се точно наведени активностите што �е преземаат во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата како во САД така и во држави што се нивни партнери, како што е и Северна Македонија.

По состанокот договорен е нов состанок во делот на стратешкиот дијалог што го има Република Северна Македонија со САД, што е предвидено да се случи во првата половина на оваа 2023 година.

Советникот на Стејт департментот Шоле вчера во Владата беше пречекан и оствари средба со премиерот Ковачевски придружуван од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за економија Крешник Бектеши.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Фејсбук-профил во врска со средбата во Владата со Шоле вчера напиша дека проектите и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог се солидна основа за понатамошно јакнење на стратешкото партнерство и унапредување на билатералните врски.

Советникот на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, од Скопје замина за Приштина на средби со владини претставници, политички лидери и претставници на граѓанското општество. Во фокусот на разговорите беа напорите на САД да помогнат во унапредувањето на косовската и евроатлантската интеграција, вклучително и преку дијалогот олеснет од ЕУ за да се постигне сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, фокусирани на меѓусебното признавање.

Шоле, денеска ќе продолжи во Белград, каде со раководството на српската Влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. Тој, исто така, ќе разговара за улогата на Србија во зајакнувањето на регионалниот мир и безбедност и нејзиниот континуиран ангажман во Дијалогот олеснет од ЕУ за нормализирање на односите со Косово.

Целта на посетата на Шоле на Западен Балкан, како што претходно соопшти Стејт департментот, е да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан.

Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер во понеделникот рече дека САД имаат план да ги реафирмираат заедничките приоритети како што е борбата против корупцијата и дека тоа ќе остане приоритет за Вашингтон и ќе покрене неколку прашања за време на посетата на советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле.

Агелер посочи дека ова биде ќе многу интензивна година, а, како што рече, советникот Шоле со неговата посета ќе ги потврди заложбите и поддршката на САД за Северна Македонија.

Шоле требаше да допатува во Скопје минатиот месец, но неговата посета беше одложена поради позитивен ковид тест.

– Жалам што морам да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен тест за Ковид. Ќе останам ангажиран по сите прашања во однос на регионот на Балканот, и со нетрпение очекувам патувањето да го направам на почетокот од наредната година, напиша тогаш високиот американски дипломат на неговиот официјален твитер-налог.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *