Во новата година со стари проблеми, младинските предизвици се решаваат со децении

Невработеност, иселување, недоверба во политичките актери, корупција, неквалитетно образование. Децениските проблеми со кои младите се „борат“, остануваат предизвик и во новата 2023 година.

Пописот во 2021 година покажа поразителни резултати. Населени места се празнат, населението старее, а паралелно со тоа интензивното иселување на младите не запира, ниту се намалува. Пописот направи пресек каде сме и сега останува на креаторите на политики да работат на намалување на овој тренд.

Зборувајќи за пописот, претседателот на државата Стево Пендаровски на состанок на државниот врв и градоначалниците организиран од Државниот завод за статистика за координација, оцени дека најзагрижувачки е бројот на иселени граѓани, млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата.

-Ако постои една работа која што навистина треба да не исплаши од овој попис сите нас, тоа е бројката на иселени граѓани, бројката на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага по подобар живот за себе и за своите семејства. Тоа претставува една од најголемите закани за иднината на Република Северна Македонија, порача Пендаровски.

Веднаш потоа следеше анализата на Младинскиот образовен форум (МОФ) презентирана во јануари минатата година која даде јасна слика за проблемите, а како алармантни ги посочи невработеноста, проблемите со слободата на изразување, недовербата во опкружувањето и институциите, недовербата во политичките партии, како и емиграцијата.

Истражувањето, воедно покажува дека младите луѓе најчесто се зависни од своето семејство и дека ретко кој живее самостојно.

Според истражувањето, средношколците се соочуваат со проблем во слободата на говорење во образовните институции поради страв од намалување на оценката.

-Средношколците во најголем процент својата иднина ја гледаат надвор од државава, што значи речиси две третини од одговорите на средношколците беа дека тие не се гледаат тука. Ова не е нов податок, но доколку ги споредиме со претходните години постои значителна тенденција за емиграција на средношколците, додека пак, речиси повеќе од половина од студентите би заминале, а една третина сакаат да останат во средината во која живеаат, објасни тогаш Марија Димитровска, учесник во истражувањето.

Таа додаде дека повеќе од две третини од младите сметаат дека државните функционери воопшто не се грижат за интересите на младите.

Еден месец подоцна истражување направено од страна на Млади инфо – Северна Македонија – „Студија за НЕЕТ и млади од ранливи категории“, изработено во рамки на проектот WB&T for EmploYouth, посочи дека лошото/несоодветно образование, апатијата и демотивираноста на младите, како и несоодветните знаења со потребите на пазарот се идентификувани како главни причини за високата младинска невработеност и емиграција, за што е потребна целосна и длабинска реформа на сите нивоа на образовниот систем, базирана на квалитетни анализи и заклучоци од сите засегнати страни, особено младите.

Дека младите ја гледаат идината надвор од државата се потврдува и со истражувањето изработено од Фондацијата за демократија на Вестиминстер, според кое педесет и осум проценти од младите би се иселиле од државата, а 64,8 проценти се незадоволни од своето место во државата.

И додека Државниот завод за статистика забележува намалување на бројот на запишани студенти на факултетите, универзитетот во Љубљана станува еден од најпосакуваните за младите од државава. Дури 800 македонски државјани ќе го надградуваат и развиваат своето знаење на универзитетот во Љубљана.

Деканот на универзитетот, професор Грегор Мајдич за МИА информира дека од вкупниот број студенти од Северна Македонија 454 се на додипломски студии, 305 на мастер и 41 подготвуваат докторат.

Контроверзни учебници во држава со аспирации за влез во ЕУ

Фокусот на Министерството за образование и наука измината година се сведуваше на ветувања за овозможување на квалитетно образование достојно за една држава која има за цел да стане дел од ЕУ семејството.

-Северна Македонија во моментов се соочува со најкрупните реформи во образовниот систем, со кои се опфатени сите сегменти, односно и основното и средното образование, но и високото. Суштината на тие промени е да се подобри квалитетот на наставата, учениците да се насочат кон учење со разбирање наместо кон фактографско меморирање податоци, да се насочат кон стекнување на вештини кои навистина се потребни и барани на пазарот на трудот, меѓу кои секако и претприемачките вештини, за кои сметам дека заедно со дигиталните вештини дури и се клучот за успешност на професионален план, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусија посветена на образованието во рамки на Форумот организиран по повод 100 дена Влада.

Сепак, МОН изминатата година ќе остане запаметено по доцнење со испорака на нови учебници и за јавноста загрижувачките пропусти во делот на содржините.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири две недели пред завршување на учебната година изрази надеж дека сите одобрени учебници пред завршување на учебната година треба да бидат достават.

Сепак, и оние учебници кои беа испечатени и доставени до училиштата, предизвикаа бура реакции поради наводни пропусти во содржината. И покрај тоа што ваквите грешки според анализите ќе го оштети буџетот, одговорност засега нема. Претстедателот на Владата испрати само апел за внимателност, посочувајќи дека авторите треба да обрнат поголемо внимание при пишувањето на учебниците, но исто така внимание да обрнат и рецензентите при рецензирањето на книгите.

Северна Македонија останува редовна на листите земји со најголема невработеност. „Лабораторија за млади од Западен Балкан“ покажа дека третина од младите на Западен Балкан се невработени „Лабораторија за млади од Западен Балкан“ покажа дека третина од младите на Западен Балкан се невработени.

Тим лидерот на првата Лабораторија за млади од Западен Балкан, во изјава за МИА потенцира дека младите од Северна Македонија како решение за подобрување на нивната положба во однос на невработеноста предлагаат амандмани на постоечкиот Законот за вработување.

Брисел го вклучи алармот, порача Западен Балкан да инвестира во младите

Од друга страна, Брисел го вклучи алармот и порача Западен Балкан да инвестира во младите. Во последниот извештај од пленарната јулска седница Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) се осврна на Западниот Балкан, и побара од владите во овој регион да се справат со проблемите со кои се соочуваат младите луѓе.

-Потребно е да се одвои доволен и транспарентен буџет за развој на младинската политика и вклучувањето на младите во процесот на пристапување кон ЕУ како предуслов за создавање позитивни промени и подобрување на состојбата на младите во регионот, вели ЕЕСК.

Извештајот констатира дека регионот се соочува со голем одлив на мозоци кај младите генерации, висока невработеност, недоволно образование и недоволни вештини. Извештајот констатира дека регионот се соочува со голем одлив на мозоци кај младите генерации, висока невработеност, недоволно образование и недоволни вештини.

ЕЕСК оцени дека образовните системи на Западен Балкан имаат “очајна потреба од реформи“ и “треба да бидат подобро поврзани со потребите на пазарот на трудот.

Трендот на иселување на младите останува тема на разговор и во јули. Па така, анализа направена од страна на Младинскиот сојуз во која учествуваа над 440 млади луѓе од целата земја, покажа поразувачки резултати, четири од десет млади би ја напуштиле државата поради степенот на корупција, додека секоја трета млада личност смета дека токму корупцијата е главна мотивација да се приклучи и да придонесе во борбата против коруптивните дејства.

Министерот за образование неколку недели подоцна излезе со охрабрувачка и позитивна нота, порачувајќи дека ученичкиот и студентскиот стандард ќе продолжат да се унапредуваат преку работната група МОН – Млади.

Охрабрувачки говор имаше и вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот, порача вицепремиерот.

Но, дали политичките ставови резултираа со круцијални решенија во 2022 година?! Младинскиот образовен форум (МОФ) излезе со ставот дека „Се расте, само студентскиот стандард опаѓа“.

Младински образовен форум (МОФ) реагира на предлог-измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо во врска со моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите, со апел до државните институции наместо да преземаат мерки кои, како што велат, дополнително ќе го влошат студентскиот стандард, да се посветат кон креирање на законски решенија кои ќе го подобрат статусот на студентите и вистински да покажат дека се залагаат за младите и студентите во државата, а не само декларативно.

Во меѓувреме желбата за иселување кај младите останува присутна. Причини – неварботеноста и сиромаштијата.

– Деведесет проценти од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат, оваа информација произлезени од вториот јавен настан во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.

Законот за високо образование сè уште не ги испорачува потребните промени во образовниот систем, посочуваат експертите.

-Голем број неажурирани подзаконски акти, недоволна имплементација, нефункционални работни тела, ова беа само дел од лоцираните проблеми на отворената дискусија на тема Законот за високо образование, искуства од примената и потреба од промени, одржана во организација на Независниот академски синдикат (НАкС) во Кинотека во Скопје.

Неда Здравова која е редовна професорка на Правен факултет Јусинијан Први истакна дека се забележани бројни проблеми кои покажале слабости во Законот за високо образование и во неговата имплементација.

-Законски текст можеби и не е многу спорен, но она што досега се случуваше во неговата имплементација покажа дека има недостатоци кои може и треба да се надминат особено ова се однесуваше на воспоставувањето на системите за обезбедување на контрола на квалитетот во високото образование, практично создавањето или формирањето на националните органи и тела како Националниот совет за високото образование и Агенцијата за обезбедување на квалитетот тоа е надминато, но не сме сигурни колку нивната подзаконска рамка која тие ја создаваат е воспоставена. Втората клучна работа, а која досега не е реализирана е прашањето на креирањето на концептот на финансирањето на високото образование, особено финансирањето на јавните високо образовни установи и кои се финансираат од буџетот на државата, изјави Здравкова.

Иако веќе постоечката Национална стратегија за млади е предвидена до 2025 година, сепак Агенција за млади спорт почна со изработка на нова за периодот од 2023 до 2027. Ќе има за цел подобрување на социекономската положба на младите и создавање на средина која ќе им овозможи на младите да ги остварат своите потреби и интереси.

Студентските домови остануваат под посакуваното ниво

Студентските домови останаа на незадоволително ниво. За лошата состојба на студентските домови во Скопје зборуваше и премиерот на државата, велејќи дека неговиот син е втора година на факултет во Скопје, но доколку бил од друг град секако дека не би го пуштил да живее во условите во студентите домови низ земјава.

Во период кога Владата почнува да создава механизми за справување со кризите, донесува одлука која „ќе ја прелие чашата“ и ќе ги изнесе дел од револтираните студенти на улиците.

– Зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно, реконструкција на студентските домови чии услови се лоши, изедначување на стипендиите и изземање на студентите од антикризните мерки на Владата побараа студентите кои протестира и го блокира сообраќајот пред Собранието.

По што беа примени во Собрание, но очигледно таа средба не беше задоволителна, бидејќи здружението „Студентскиот отпор“ како организатор веќе следниот ден повика на нов протест.

-Јавно соопштуваме дека не сме задоволни од крајниот исход и од одлуките кои се донесоа, порачаа студентите по средбата.

По повод Меѓународниот ден на студентите, дел од младите од државава излегоа пред институциите со барања за подобрување на нивната состојба. Потенцираа дека не смее да се дозволи да се штеди на младите луѓе.

„Добра политичка атмосфера“ е онаа во која младите се мотивирани и ентузијасти за учество во неа, сепак државите од Западен Балкан имаат тенденција да функционираат без потребната вклученост на младите во донесувањето на политичките одлуки. Кога политиката не ги гледа младите како политички актери, не ги ни препознава при донесувањето на одлуките.

Довербата помеѓу општеството и владата е критичен аспект на мирот и социјалната кохезија, тука особено важна е довербата на младите, кои во процесот на градењето на нивната иднина се во сржта на случувањата.

Сепак, истражување на Националниот демократски институт покажува дека дури 53 проценти од вкупниот број испитаници во државава изразиле доверба во „ниту еден“ политичар и бараат лидерство што ќе поттикне развој на демократијата. Воедно онлајн анкета за млади на НДИ и Младинската алијанса направена оваа година, увидува дека младите сакаат лидери кои се „одлучни, правични и транспарентни“ и дека четири од десет млади лица имаат намера да ја напуштат земјата како резултат на разочараноста.

Директорот на Националниот демократски институт за меѓународни односи (НДИ) во Северна Македонија, Роберт Скот Хејзлет во разговор за МИА вели дека незадоволството кај младите се должи на повеќе општествени појави.

-Младите се сè повеќе фрустрирани од малите шанси за висок квалитет на живот во Северна Македонија, наведувајќи го нееднаквиот пристап до пазарот на труд поради клиентелизам и непотизам, тие не уживаат активна вклученост од страна на политичките институции, а исто така им недостига политички и граѓански индивидуалец или колектив, кои што тие би сакале да ги предводи во борбата против корупцијата, изјави резидентниот директор за НДИ во Северна Македонија.

Политиколозите се согласни дека со цел полесно справување со апатијата и цинизмот на повеќето млади кон политиката, политичарите несомнено треба да најдат начин да се избегне „задушување од политиката“.

-Учеството на младите, од друга страна, има тенденција да се намалува од цинизмот, чувството дека постарата генерација има „задушување од политиката“ и дека нема доволно работни места или можности за напредување во животот за помладата генерација. Во тој амбиент, младите луѓе би можеле да бараат начини за бегство или промена на нивната ситуација надвор од политиката и формалната сфера, изјави Давид Симон, виш предавач по глобални прашања во универзитетот „Јеил“.

Дека младите се малку вклучени во процесите на носење одлуки потврдува и претседателот на Младинскиот образовен форум (МОФ), Петар Брлаковски.

Според него ова претставува проблем, бидејќи невклученоста на младите во политиката е доказ за грижата на државата за оваа категорија граѓани.

Дел од студентите во новата година побараа нов министер за образование

Здружението „Студентски отпор“ изрази разочарување од актуелниот министер за образование, и побараа нов министер.

-Штотуку започна исплатата за стипендиите на студентите, но само на тие што продолжуваат. Покрај тоа што беше ветено дека ќе се започне најпрвин со исплата на ланските средства кои не беа изедначени со новата сума, ниту тие средства беа исплатени, а ниту новите рати за стипендии кои ги добија студентите денес не беа по изедначената сума, односно ја добија истата сума како лани, за која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека е дискриминаторска. Резултати за новоподнесените апликации за стипендии се уште нема. Сè уште нема укинување на рестриктивните мерки кои важат за штедење на електрична енергија во студентските домови, и студентите таму сè уште живеат со рестрикции, со млако парно, млака/ладна вода и со исклучени лифтови и решоа, се наведува во соопштението.

Изразија разочарување со образложение дека повторно се извисени од надлежните институции и побараа неотповиклива оставка од Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и разрешување на директорот на ДСД „Скопје”, Виктор Велевски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *