Утврден Предлог-законот за ратификацијата на Договорот со ФРОНТЕКС

Владата на денешната 112-ра седница го утврди Предлогот на Закон за ратификацијата на Договорот со Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС)) во земјава.

Овој Договор, според образложението од МНР, отвора можност за воспоставување на заеднички операции на ФРОНТЕКС на територијата на земјава.

– Позитивно се оценува склучувањето на овој меѓународен договор којшто ќе придонесе да се воспостави правна рамка согласно новата Регулатива 2019/1896 за Европската гранична и крајбрежна стража, којашто ќе овозможи Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража да ги распоредува своите тимови на територијата на Република Северна Македонија, управување со границите, како и заедничко спречување на прекуграничниот криминал, информира владината Прес-служба.

Со влегувањето во сила на овој Договор, се овозможува, на барање на нашата држава, да се распоредат полициски службеници на Европската агенција на критичните точки на границата, заедно со наши полициски службеници и тој исто така ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на ФРОНТЕКС.

– Најважен придонес со потпишувањето на овој Договор, според посоченото од МНР, е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји-членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа, се додава во соопштението.

Договорот треба да се ратификува за да биде дел од внатрешно правниот поредок на државата, а по спроведувањето на постапката за ратификација, за тоа ќе биде известена правната служба при ЕК.

Владата, на денешната седница донесе и одлука за воспоставување дипломатски односи помеѓу земјава и Јужноафриканската Република на ниво на амбасадори.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *