Ковачевски – Шентоп: Поддршка од Турција за напредокот на Северна Македонија

Традиционално добрите односи помеѓу Северна Македонија и Турција, што бележат унапредување, се потврдени на денешниот состанок во Скопје меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на турското Големо национално собрание, Мустафа Шентоп.

Тоа, како што е констатирано, може да се согледа и од фактот дека Турција е меѓу нашите најголеми трговски партнери, а во државава има и значителен број турски инвеститори кои веќе инвестираат или се заинтересирани за инвестирање.

На средбата, информираат од владината прес-служба, е пренесен поздрав од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган до премиерот Ковачевски и силна поддршка од Турција за напредокот на земјава во делот на евроинтеграциите, по почетокот на преговорите.

Заеднички е констатирано дека европските интеграции се значајни за перспективите на нашата земја, но и за стабилноста на целиот регион, како и на Европа.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за значајното, искрено, долгогодишно и континуирано пријателство и поддршката од Турција за нашата држава, од осамостојувањето до денес, што продолжува да се развива во рамки на партнерството на двете земји во НАТО.

Во таа насока посебно е истакната соработката во областа на одбраната. Разговарано е и за значењето на поддршката од Турција и соработката во областа на енергетиката.

На состанокот, во пресрет на утрешниот државен празник за турската заедница во земјава – Денот на наставата на турски јазик, премиерот Ковачевски нагласи дека Владата останува посветена на развојот на Северна Македонија, како успешен пример на мултиетничка, функционална демократија во регионот и во Европа. Во рамки на овие определби е посочено и на поддршката за отворање нови паралелки на турски јазик во училиштата во државава.

На состанокот беше посебно истакната соработката во областа на културата помеѓу двете земји, што резултира и со отворените културни центри во Скопје и во Истанбул, како и реализацијата на други проекти што се во насока на унапредување на соработката на овој план.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *