Шоле ја одложи посетата на Скопје поради позитивен Ковид тест

Советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, потврди дека ја одложува посетата на Балканот, а во тие рамки и на Северна Македонија, за по Нова Година, поради позитивен резултат на Ковид тест.

– Жалам што морам да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен тест за Ковид. Ќе останам ангажиран по сите прашања во однос на регионот на Балканот, и со нетрпение очекувам патувањето да го направам на почетокот од наредната година, објави попладнево високиот американски дипломат на неговиот официјален твитер налог.

Шоле требаше в среда, како што првично беше најавено од Стејт депратментот, да ја посети Северна Македонија. Од Американската амбасада во Скопје, порано денеска, за МИА потврдија, дека посетата е одложена за по Нова Година, но без детали за причините за одлагањето.

Заедно со Шоле во Скопје се очекуваше да допатува и заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој од вчера е во Косово.

Според првичната најава од Стејт департментот, Шоле во Скопје требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.

Освен земјава, во програмата на Шоле од 11 до 17 декември, беа и посетите на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија.

– Оваа посета ја нагласува трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, информираа од Стејт департментот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *