Османи – Милков: Двете МНР први реагираат на говорот на омраза, тоа е долг процес, но оди кон подобрување

Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија се првите кои реагираат на говорот на омраза. Тоа е долг процес за којшто е потребно време, но оди кон подобрување. Ова е ставот на шефовите на дипломатиите на двете земји Бујар Османи и Николај Милков што го изразија одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Скопје.

Говорот на омразата беше една од темите која што беше високо на агендата во разговорот помеѓу двете страни кога се договаравме како ќе ги подобриме односите и таму во протоколот имаме точно пропишани начини како ќе пристапиме на говорот на омраза, како ќе реагираме и како ќе ги спречиме трендовите. Тоа што го констатираме заеднички при овие чести средби е дека најдобриот начин на спречување на говор на омраза е доколку доминира позитивниот договор помеѓу нашите две држави и токму тоа се обидуваме да го поправиме, рече Османи.

Според него, честата комуникација со неговиот бугарски колега, придонесува за да се наметне, како што рече, „позитивна агенда за да не дозволиме простор некој друг да ни наметне лоша агенда и злонамерна агенда“.

-А тоа е по правило. Ако оставите празен простор, вакум нема во односите, ако оставите празен простор некој друг ќе ги во пополни празниот простор. Бизнис форумот денеска е токму тоа – да пополни еден сериозен простор во нашите односи. Јас не очекувам некој денеска некој да зборува негативно во односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија, освен милијарда евра и понатаму. Меѓутоа, се разбира дека не можеме да игнорираме дека имаше провокации во текот на овие месеци, дека имаше обиди за киднапирање на агендата од двете страни – од иредентистички изјави на политичари во Бугарија до изјави овде на наши политичари, па напади врз клубови на бугарската заедница овде во Северна Македонија, кажа Османи.

Потсети дека со Протоколот, двете МНР ќе бидат првиот контакт поинт што ќе реагира, што ќе ги следи трендовите за да укаже дека нешто се случува за да го прекине тој тренд, за да ги информира министерствата коишто треба да преземаат конкретни активности.

-Од потпишување на протоколот досега веќе се воспостави традиција да министерствата бидат тие коишто први реагираат. МНР реагираше прво во неколку наврати за да укаже дека има обиди за наметнување на говор на омраза што некогаш е спонтан, меѓутоа некогаш е предизвикан и е злонамерен од некои центри од било каде. Реагиравме се разбира и на таквиот говор на омраза кој доаѓаше од Бугарија, реагиравме на говорот на омраза кој доаѓаше и од Северна Македонија. Не очекувам дека за една вечер ќе прекине и ние ќе живееме во еден идеален свет на односи. Ќе има проблеми, ќе има провокации, но затоа сме ние тука за да го пополниме тој простор за да полека влезе во нормално комуницирање дека ние сме две пријателски држави во коишто има многу потенцијал. Пак ќе има провокации и тоа не можам да го исклучам, меѓутоа ќе реагираме. Битно е како ние на тие провокации ќе одговориме, истакна тој.  

Милков, исто така, рече дека и во бугарското МНР има механизам во однос на говор на омраза, исто така има и механизам на заедничко информирање меѓу двете Министерства што е многу експедитивно.

-Најбитно е да го одржуваме тој контакт за да може да реагираме во секој случај. Имаме случаи на заеднички позитивни реакции во кои го известуваме другото Министерство со цел да бидат елиминирани тие негативни тенденции, и ние ги следиме тие состојби, како во Бугарија, така и во Северна Македонија и имавме реакции во однос на конкретни состојби, рече Милков.

Тоа што во што целосно се сложувам, додаде тој, е дека тоа е долг процес, тоа нема да биде завршено оваа година, може и наредната но ставот е дека тоа оди кон подобрување, а не обратно.

-Очигледно е дека имаме неиживеани историски комплекси, неиживеани историски проблеми, што се проектираат во сегашноста и важно е да не дозволиме тие да ја одредуваат нашата иднина, нагласи бугарскиот министер.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *