Пендарвски: Повторното актуелизирање на Берлинскиот процес е одлична вест

Во вакви околности, повторното актуелизирање на Берлинскиот процес со нова програма за работа е одлична вест. Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во Европската Унија, туку инструмент за побрзо приклучување на сите шест држави од Западниот Балкан во ЕУ, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната конференција „Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа“.

Претседателот наведе дека потпишаните три договори за минување на границите меѓу државите од регионот со лични карти, за признавање на високообразовните и на професионалните квалификации на докторите по медицина и стоматологија, како и на архитектите, се голем чекор напред кон создавањето на заеднички регионален пазар. Тој нагласи дека не гледа ниту една причина тие договори да не бидат брзо ратификувани во националните парламенти за да може да влезат во сила, а потоа и да се имплементираат така како што се замислени, во интерес на граѓаните од целиот регион.

– Берлинскиот процес е заедничка иницијатива на државите членки на Европската Унија и државите од Западниот Балкан што е многу значајно во поглед на одговорноста за неговото функционирање, бидејќи врз неговата активност постои мониторинг од аспект на примената на европските стандарди и правила. Во Берлинскиот процес учествуваат сите шест држави од западен Балкан со што се постигнува вистинска инклузија и се избегнува можноста некој да биде маргинализиран или изолиран од процесот, посочи Пендаровски.

Тој потенцираше дека најавената поддршка за справување со енергетската криза за нашите држави од претседателката на Европската комисија во вредност од една милијарда евра е израз на европската солидарност и чекор кон враќање на довербата кај големото мнозинство граѓани во вредностите на европската интеграција.

Специјалниот претставник на германската Влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, на конференцијата потсети дека Владата во Берлин во ноември соопшти дека ќе има билатерална германска поддршка за регионот во износ до 500 милиони евра на краток рок, со цел да им се помогне на западнобалканските земји во справување со енергетската криза, како и 2,2 милијарди евра наменети за проекти за германската економска соработка со регионот.

– Така што можете да видите дека Германија не само сака да го поддржува напредокот на регионот во Европската Унија, туку сакаме да го придвижиме регионалниот пазар. Исто така, сме ангажирани за праведна енергетска транзиција во регионот заедно со институциите. Сакаме да направиме многу повеќе во оваа област со цел да бидеме добри партнери на регионот, истакна Сарацин.

Претставникот од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), Блажен Малески потенцираше дека треба да се вложат повеќе сретства во државните институции и во младинските организации и институции и да се даде поголема моќ на гласот на младите за да прават политички чекори кон тоа што треба да биде иднината. Тој оцени дека со вложување во младите ќе се врати довербата во институциите.

Малески посочи дека исто така треба да се вложува и во демократијата, односно младите да можат да учествуваат во одлуките што се носат за нив.

– Германија игра голема улога во водење на оваа дискусија, но многу е важно да се разбере дека овој процес е наш. Германија може да инсистира и може да направи многу работи, но ако ние самите не преземеме иницијатива и ако не извршиме притисок за уште поголеми резултати во Берлинскиот процес, тогаш ивесната иднина на Берлинскиот процес нема да трае, заклучи Малески.

Директорот на Фондацијата „Фридрих Еберт“ (ФЕС) во Северна Македонија Рене Шлее, зборувајќи за патот на земјите од Западен Балкан кон членството во ЕУ рече дека државите членки на Унијата, се уште се скептични во однос на проширувањето, но можеби не се целосно свесни кои се безбедносните импликации што ги предизвикува успорувањето на процесот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *