ДОАЃАЊЕТО НА ЕВРЕИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА (31)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин е во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од Прилеп, издадено во 2017 година, на 376 страници, на англиски, македонски и хебрејски јазик, а рецензенти се Горан Садикарио, Мане Јаковлевски и Берта Романо-Николиќ. Тоа е

прво дело за двете „Свети земји“ Издраел и Македонија, во кое е пренесено авторовото патувањето во Израел кое  беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум  светот.  Исто така, во оваа монографија е пренесена и судбината на Евреите во Македонија, при што е забележано следното:

Според пишаните документи првите Евреи пристигнале во Македонија за време на Римското Царство, кога Евреите пребегувале од Израел поради гонење. Најстар доказ за постоењето на Евреите во Македонија е старата синагога која потекнува од III век пр.н.е. и се наоѓа во античкиот град Стоби

Еврејската заедница во Македонија добро котирала и во општеството на Македонија под Отоманската Империја кога дошол и втор поголем бран еврејски доселеници од Шпанија и Португалија.

Во текот на 1360 година, многу Евреи навлегле на Балканскиот Полуостров, прво, во Бугарија во Видин, Никопол, Плевен, а потоа се населувале во Сер и Солун, каде еврејските општини биле многубројни. Овие еврејски емигранти биле од Унгарија, Германија, Полска  и Австрија – кои во македонските еврејски општини наоѓале заштита од црковните прогони.

Нив македонските Евреи ги нарекувале Ашкенази, кои зборувале на еврејски дијалект со многу германски зборови. Тие, бидејќи не го знаеле елинскиот јазик, не се зачленувале во „романиотските“ еврејски општини, како што биле нарекувани, туку си создале свои ашкенски општини, какви што имало во Солун и Едрене.

Турските владетели и народот не биле заедно со антиеврејските пропаганди, и кон Евреите се однесувале како и кон сите други немуслимански народи, и имале исти граѓански права, а еврејските рабини се изедначиле со христијанските свештеници. Тие, имале право да живеат секаде во империјата, да ја проповедаат својата вера и без пречки да тргуваат.

Најмногу Евреи во овој период имало во градовите Битола, Охрид, Бер и Костур каде постоеле еврејски општини. Благодарение на Евреите, градот Солун, станал значаен трговски и текстилен центар, но во Солун биле населени и многу Турци, така што градот добил и ориентален елемент. Способните Евреи, биле ценети од страна на Турците, а тоа се докажува со изборот на неколку еврејски рабини, од страна на султанот, во државниот совет, таканаречен Диван. Султанот Мехмед II  многу од Евреите преселил во Охрид и во Цариград, каде сè до XIX век постоела Охридската синагога.

Десетици илјади Евреи побегнале од Шпанија и Португалија и султанот Бајазит II со добредојде ги пречекал во Отоманската Империја. Тие набрзо се стекнале со одредени права во рамките на Империјата, меѓу кои право на лична сопственост и изградба на синагоги. Поголемите македонски градови како што се Скопје, Битола и Штип привлекле голем број Евреи и оваа заедница била во мошне добри односи со другото население во Македонија.

Голем број од Евреите го зборувале јазикот ладино. Новодојдените Евреи биле помногубројни од староседелците. Тие биле со висока културна свест, знаеле јазици, а многу од нив имале завршено образование на шпанските и португалските универзитети. Нов бран на Евреи има со повикот на рабинот Царфати во 1475 година, да дојдат во Турција, каде имаат загарантирана безбедност и работа. Дојдените Евреи, најмногу се населиле во Солун, и сами го нарекле градот „мајка на Израел“.

Од овој период датира и првата отворена печатница во Цариград и Солун како и првите печатени книги на еврејски јазик. Доселувањето продолжило во XV и XVI век, но во помали групи, семејства и слично. Најмногу Евреи се населиле во Солун, Битола, Скопје, Бер и Сер.

При крајот на XIX век, во Германија и Австро-Унгарија сè повеќе се развивале антисемитски пропаганди и тоа движење станало сè пожестоко, а, пак, се повториле лагите од средновековието за „ритуалните убиства“ кај Евреите. Ваквиот влошен однос кон Евреите довел до повторно прелевање во Империјата, а со тоа и во Mакедонија.

Кон крајот на XIX век, во Русија се појавиле антисемитски пропаганди, така што имало уште еден прилив на Евреи во Македонија, односно во Солун каде најмногу се населувале Евреите поради еврејската општина која била најсилна.

Како сите граѓани во Отоманската Империја така и Евреите биле подложени на плаќање разни даноци, кои биле доста високи, и често биле принудени да се жалат кај султанот. Но иако оптоварени со даноци, Евреите биле задоволни со животот во Отоманската Империја, бидејќи немало физички истребувања и програми какви што имало во цела Европа.

Пред Втората светска војна, во делот на Македонија која била под окупација на тогашна Југославија брoјoт на Евреите бил следниот: во Битола живееле околу 8.000 Евреи, во Скопје околу 3.000,  а во Штип околу 500 Евреи.

Меѓутоа, во април 1941 година, судбината си поиграла со Евреите, кога бугарската војска, која била сојузник на Силите на оската, навлегла во Македонија и окупирала голем дел од територијата. Во тоа Бугарија видела можност да си ја зголеми територијата и вовеле построги мерки. Така, на 4 октомври 1941 година, Бугарите вовеле закон со кој меѓу другото им забраниле на Евреите да бидат како било вмешани во општеството.

Малку подоцна, Бугарите ги собрале, речиси, сите Евреи од Битола и ги преместувале во посиромашни и помизерни делови за живеење. Наскоро, во 1942 година, Бугарите во Македонија и Егејска Македонија (северна Грција) започнале со депортирање на Евреите.

Така, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година, биле уапсени сите Евреи во Македонија и затворени во Монополот, денеска Тутунски комбинат, кој тогаш бил привремен концентрационен логор. Најмногу Евреи имало од Битола, Скопје и од Штип и по неколку семејства од помалите градови. Според евиденцијата на тогашните бугарски и германски окупаторски власти, биле уапсени 7.144 Евреи.

Продолжува

1sla1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “ДОАЃАЊЕТО НА ЕВРЕИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА (31)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *