МАКЕДОНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО ДРЖАВАТА ЊУЈОРК (26)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ)  НА СЛАВЕ КАТИН 

За историскиот развој на македонските православни цркви во делата „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“ и „Македонците во САД и во Канада“ од авторот на овие редови, Славе Катин, посебно место е дадено на првиот манастир во САД, Манастирот Св. Ѓорѓи во Рандолф, за кој е забележано:

3. Манастирот Св. Ѓорѓи во Рандолф.

Првиот македонски манастир во САД и во Канада е посветен на Св. Ѓорѓи и датира од 1977 година. Идејата првпат ја иницирал познат иселеник – донатор по потекло од Ресен по чие име и го добил манастирот Св. Ѓорѓи. Камен-темелникот за манастирот бил поставен во септември 1978 година, а по две години започнале градежните работи кои траеле четири години. Најзначаен датум за манастирот Св. Ѓорѓи бил 16 септември 1984 година, кога било извршено осветувањето.

По опожарувањето на црквата Св. Кирил и Методиј во Пасаик и изградбата на црквата Св. Кирил и Методиј во Сидер Гроув, подолг период манастирот Св. Ѓорѓи ги задоволувал религиозните и културните потреби на Македонците од тој дел на САД.  Членовите на манастирот Св. Ѓорѓи заедно со членовите на Св. Кирил и Методиј од Сидер Гроув, се учесници на парадата што секоја година се одржува на Денот на независноста на САД, 4 јули.

4. Св. Никола во Тотова.

Иницијативата за формирање на оваа македонска православна црква била покрената во почетокот на 1992 година кога било купено место на кое имало голем хангар кој е реновиран во храм. На 14 август 1992 година започнала изградбата на црквата. А истата година црквата била регистрирана кај властите во Њу Џерси. Потоа, на 14 август 1994 година црквата била завршена и осветена од архиепископот Михаил.

До црквата е изградена  голема сала која на 14 август 1999 година била осветена и во 2000-та година била целосно завршена.  Оваа црковна сала го носи името Македонски културен центар “Александрија”. Во рамките на црквата работи женската секција, играорната група “Македонка” и македонско неделно училиште.

1hal12Св. Ѓорѓи“ во Сиракјуз

V. ЊУЈОРК 

1.Св. Ѓорѓи во Сираќуз.

Првите собирања на Македонците од Сираќуз за формирање на своја национална организација биле во август 1963 година. Потоа, во април 1965 година во овој град пристигнала висока црковна делегација предводена од поглаварот на МПЦ г.г. Доситеј, кој во една протестантска црква ја отслужил првата света архиерејска литургија на македонски мајчин јазик. Подоцна, оваа зграда била купена и преуредена во македонски храм која на 21 јули 1967 година била осветена од надлежниот епархијски архиереј митрополитот Кирил.

Бидејќи се зголемило членството на црковната општина, во 1978 година Македонците од Сираќуз купиле место од десетина хектари на кое на 21 август 1979 година бил поставен крст за изградба на нова црква, а на 16 август наредната година бил положен камен-темелникот. На тоа место е изградена сегашната црква Св. Ѓорѓи која била завршена со изградба во октомври 1984 година и која на 15 септември 1985 година била осветена од митрополитот Кирил.  Црквата има иконостас, голем број икони, паркинг и парохиски дом. Денес црковната сала е зголеменаа и објектот е видоизменет со дополнети пропратни простории.

Во состав на црквата со успех работела играорната група “Китка” која 23 пати учестувала на Фестивалот на нациите. Денес е активен оркестарот “Китка”, спортската секција, секцијата за бинго и црковниот хор, а меѓу најактивните е, секако, женската секција.

2. Св. Димитрија во Рочестер.  

Првото помасовно организирање на Македонците во Рочестер било на крајот на 1966 година кога бил формиран Македонско-американскиот клуб. Тогаш, на 22 март 1967 година е избран иницијативен одбор на клубот кој постоел с# до 1969 година кога прераснал во Македонска православна црковна општина. Така, на 9 ноември 1969 година, членското собрание донело одлука да регистрира црковна општина под јуриздикција на МПЦ и да го носи името Св. Великомаченик Димитрија.

Оваа црква била регистрирана на 11 мај 1969 година пред американските влади на државата Њујорк. Потоа, на 12 мај 1974 година бил поставен и осветен камен-темелникот за изградба на денешниот мономентален македонски православен духовен и културно-просветен дом. На 19 август 1978 година храмот бил даден во употреба, а потоа бил изграден парохиски дом, училиште, паркиралиште и помошни простории.

Исто така, до црквата Св. Димитрија била доградена и мала црквичка посветена на Св. Недела. Црквата Св. Димитрија има сала за 600-тини посетители; до неа е изградена три кубна камбанарија; салата е проширена и во неа има помошни простории и кујна. До црквата е изграден парохиски дом, свеќоливница, фудбалско игралиште и голем паркинг.

Во состав на оваа црква работи македонскиот радио час, играорната група “Танец”, фудбалскиот клуб “Македонија”, кој е формиран во 1972 година, потоа културно-просветниот одбор, спортското друштво, како и женската секција што е формирана во 1971 година. Во состав на црквата работи и секција за бинго, готвење, црковен хор и библиотека. Членовите на оваа црква, особено младите генерации организираат културно-уметнички приредби, пикници, спортски и други манифестации.

Црквата била организатор на големо-македонскиот етнички фестивал, кој се одржува на црковното место во последниот викенд на јули.

3. Св. Климент Охридски во Њујорк. 

Основачкото народно собрание за формирање на оваа црковна општина било одржано на 17 мај 1987 година на кое било решено да се формира црковна општина што ќе ги задоволува духовните и културните потреби на Македонците од Њујорк и која ќе го носи името на охридскиот чудотворец и покровител на МПЦ Св. Климент Охридски.

Потоа, на 31 јули 1987 година оваа црковна општина била регистрирана пред државните власти во државата Њујорк, на 22 октомври истата година светиот архиерејски синод на МПЦ донел одлука црквата да биде примена под канонска и духовна јуриздикција на МПЦ, а со тоа да биде составен дел на Американско-канадската македонска епархија.

Во септември 2001 година бил поставен камен-темелникот на новиот храм, кој денес е во изградба. Во состав на црквата активна е женската секција како и новодојдени иселеници, претежно интелектуалци кои се очекува да помогнат на духовен, културно-просветен, научен, спортски и друг план.

Продолжува

1sla3Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “МАКЕДОНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО ДРЖАВАТА ЊУЈОРК (26)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *