ВРАЌАЊЕТО ВО ВОЛИНО И ЗБЛИЖУВАЊЕТО СО НАДА ИВАНОСКА (12)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“

Ова продолжение ќе го посветиме на дел од активностите и случувањата на Иван Трпоски на љубовен план во неговото родно Волино, потоа за неговото влегување во брачните води со неговата љубена Нада Иваноска и други случувања. Еве што тој пишува за тие среќни моменти од неговиот живот:

По доаѓањето во Охрид, веднаш ја побарав мајка ми во град­ската болница. Добив одговор дека: Пред неколку денови Љубица ја испуштивме на домашно лекување! На средбата дома, мајка ми ми кажа дека боледува од чир на желудник и подолго време, рече таа, сè што ќе каснам го повраќам! За специјална исхрана немав­ме можност. Најстариот брат Диме замина во Австралија, остави борџови, јас и Ристана треба да се вршиме и свадби да правиме, Спаско се готви и тој за Австралија, ќе требаат пари. Ами пусти-те даноци од кои глава не можевме да крениме!? Расходи многу, а приходи од никаде. Многу луѓе за облека, прехрана… Ете, сите тие давачки, душата на пуста мајка ѝ ја искинаа. И плус, секое лето татко ми вежба го земаа, па таа мораше да води ред за да се собере бериќетот од по полето. Во ваквите маки и страданија, мајка ми го насетуваше нашето целосно откорнување за на печалба.

За кратко време се запознав со едно чудо нови моми, но од реченото за да ја земам волинката Нада Иваноска, не куртулив. Пр­виот спомен за неа го запишав уште за време на школските денови.

Вториот спомен кон неа е средбата во месноста Барски Пат. Таму каде се раздвојуваат патиштата ‒ едниот води за кон Бара и Пропас, а другиот за кон Метулчја Бавча. Јас ги терав ајваните за на пасење. Таа беше облечена во чисти селски алишта и носеше мотика на рамо. Рече дека му пушта вода на татко ѝ Косте кој вадел пченка во месноста Штица. Јас имав најдено некоја стара пара, па ја чистев за да видам од кое македонско ропство потекнува. Нада ме праша: „Дали парата е златна?“ Јас и реков: „Не е! Но, ако са­каш, еве, земи ја, ќе ти ја дадам тебе“. Таа ми рече во шега: „Чувај си ја, ќе ѝ ја дадеш на жена ти!“ Јас, исто така во шега, ѝ реков:

„Ајде биди ми ти жена!“ А таа при заминувањето ми дофрли: „Ќе си најдеш поубава жена од мене!“ Во истиот миг се истурија некол­ку Циганки што се враќаа од просење по село, а на кои шаторите им беа распнати во нашата ливада, во Метулчја Бавча. Меѓу нив една млада Ромка, која без наплата ми ја отвори дланката и почна да ми гата. Меѓу другото ми рече: „Ќе отпатуваш далеку, таму ќе се збогатиш и ќе станеш славен!“ А при кажувањето за женење, ми рече: „Ќе земеш жена од своето село, со првата буква од нејзиното име Н“. И, погледнувајќи кон Нада, која сè уште не беше замина-та, вџашено им проговори нешто по ромски на постарите жени, покажувајќи им кон Нада. Жените, најпрво погледнаа кон Нада, а потоа одмавнувајќи со рацете, нешто на ромски ѝ возвратија и ја повикаа гатачката за да ги следи. Еве, тоа беше вториот спомен кој го паметам за Нада.

А третиот и фатален спомен е свадбата од брат ѝ Јонче со Климента Танкоска од село Лажани, струшко, која се одржа на 14.11.1965 година. На свадбата од Јонче, на свадбата беше дојдена од Струга и Нада, а со неа беше дојдена и другарка ѝ Анче Ста-матоска, со која веќе подолго време таа работеше во текстилната фабрика „Стружанка“ во Струга. Анче е родена во село Годивје, Дебарца. Како сите селски момчиња што ѕркнаа по гостинката, така ѕркнавме и ние со Андон Стоески и Љубе Јакимоски. Но, по спогодбата, Анче им ја препуштив на Љубе и Андон, а моја жртва стана Нада. На свадбата од Јонче, иако не бев поканет, како и секој соселанец, така и јас се прибрав на нивната веселба. Вечерната блискост со Нада си го стори своето. Нејзината веселост, топлина и искреност, ме ставија во мат позиција. Од таа ноќ нашата врска стана нераскинлива. Идеше каде ќе ѝ речев, одев каде ќе ме пови-каше. Така со неа другарувавме и по други свадби, излети, мана­стири, кина, театри, циркуси и на многу другипретстави, низ кои нашата љубов се проткаа толку цврсто и толку долго, така што таа стана нераскинлив дел од мојот живот.

Едно летно попладне се собраа дома другарите Кристафил Трпоски, Јордан Ристески, Лазор Трпкоски и Гулапка Тупанче­ска. Малку по малку, тие на моите родители им препорачаа дека е време Иван да се сврши. По тоа следуваа разно разни имиња на девојки од село и од околните села. Гулапка ја фалеше Нада Ива­носка и предлагаше, ако не се сложувате за да ја земете, Иван нека прекрати да ја лаже. Нека ѝ рече на Нада да си бара друга среќа. Родителите знаеја дека јас веќе од поодамна одам со неа, но немаа смелост да ми одобрат во мојот избор. Работата се состоеше во следното: Нада работела со неколку други девојки на сортирање краставички, кои по откупот во буриња се киселеа и со камиони се транспортираа во Белград. Краставичките ги откупуваше сел­ската задруга „Победа“ од Волино, чиј магационер беше тетин ми Владо Велјаноски, а од белградска страна нив ги примаа вработе­ните белграѓани Илинка и Божо.

При вагањето на краставичките, некогаш се направила грешка, што, ете, за Нада, ќе биде фатална. Некои од гајбињата што веќе биле вагани, Владо инсистирал да се превагаат за предавање, а Илинка го тврдела спротивното, дека тие веќе еднаш биле вагани. Кога ги прашале вработените девојки за вистината на спорните гајбиња, Нада и другите вработени рекле дека гајбињата се вагани! Од тој ден Владо (не знаеме за другите), за Нада стана најголем непријател. Се фалел наоколу дека Ѓупка да сум земел ќе бил весел, но ако сум ја земел Нада, имотот ќе ни го распарчел. Поради тие причини моите родители ме предупредуваа дека: „со свршувачката за Нада, помисли убаво, ќе ги осиромашиш браќа ти“! Јас, пак, ја знаев намерата на тетин ми Владо, кој цел живот, сосе целата негова фамилија, нѐ гризеше нас и материјално и душевно, дека имот кога тогаш тој ќе ни земе!

И тогаш јас ја жртвував Нада. Им реков: „Ако Нада е спорната личност за поделба на нашиот имот, тогаш јас (писмено) се откажувам од Нада, а тетин ми Владо (писмено) нека се откаже од присвојување имот“. Така се сложија и моите родители, браќа ми, сестра ми и другарите. Па предложивме, татко ми и братучед ми Кристафил, уште веднаш, да појдат кај тетин ми Владо за да го разгатнат овој животен јазол. По нецел час се вратија мисионерите и ја донесоа следата порака: Тој (се мисли на мене) нека прави што сака, а јас (се мисли на Владо) ќе правам што сакам! По овие зборови мајка ми ја одврза крпата со која ја имаше заврзано заболената глава и рече: „Синко, што си наумил прави! Господ нека ти е на помош. Јас му велев на мажот ми, Науме, дај им што им се следува на време, зашто ем ќе нѐ јадат цел живот, ем еден ден ќе ни земат братски дел од имотот!“ Тој не веруваше. А сега верува. „Синко, пули си го ќејфот, сега ни браќа ти, а ни сестра ти нема да ти се лутат. Сведоци се и тие (се мисли на Спасе, Ангеле, Трпе и Ристана), покрај нас родителите, сведоци се и твоиве другари…“

Од младинските активности, убаво е да спомнам дека за првпат на 26. 3. 1966 година, се вклучив во собирната акција на доброволни донации од нашите соселани-волинци. Со Ристо Се­кулоски и Трајан Шкуртески собравме извесна количина грав и јајца, кои ги продадовме и од парите купивме фудбалска топка.

На состанокот што се одржа на 30. 3. 1966 година бев из­бран за претседател на селскиот младински актив. А меѓувреме овластивме двајца претставници од нашиот актив за да земат учество на регионалниот младински состанок кој се одржуваше во село Врбјани, Охридско, а тоа беа младинците Спаско Трпоски и Борис Терзиоски.

Прва моја организирана акција беше поправка на сретсел-скиот мост. А првата делегација која ја предводев во Младинскиот комитет во Охрид беше на 5. 4. 1966 година. На разговорот со сек­ретарката Марика Стојанова, по повод узурпацијата на Селскиот дом од страна на „Струшко Поле“ од Струга, беа и Јордан Ристе­ски, Андон Стоески и Стојан Кожески. Ги ископавме лозјата на црковниот имот од Света Богороди­ца во село Волино, од чија каса ни беа доделени 10.000 динари за купување фудбалска топка (Замора).

На православниот празник Руса Среда, ние младинците од село Волино бевме во село Мислешево, каде одигравме фудбалски натпревар, на кој победивме со два спрема нула. Еден од головите го постигнав јас, а другиот сами си го дадоа.

На 25. 5. 1966 година во Волино се изврши јавна лицита-ција на селските објекти: Домот, тракторската гаража пред Дра­ган Шкуртески, казанчето пред Трпковци, како и земјиштето во Гранка, Шабана Дупка, Св. Петка… По колапсот на селската за­друга, селскиот имот му беше отстапен на Земјоделскиот комби­нат „Струшко Поле“ од Струга, кој со распродажбата на селските објекти и земјиште требаше да си ја надополни штетата. А винов-никот за колапсот никогаш не беше обвинет.

На 31 јуни дојде трактористот Ќире Далчески и нас со Сер­гија Секулоски нѐ повика за да го спречиме, да не го изора фуд­балското игралиште во месноста Ѓоргов Мост. Нему му наредил претседателот на Земјоделската задруга, негов зет за сестра Томо Шкуртески. И јас играв фудбал, па не сакам од пет игралишта да останиме без ни едно! Благодарение на Кире игралиштето остана да живее до денешни денови.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

SHARE