ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

МАКЕДОНСКИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ ДРЖАВИТЕ МИЧИГЕН И ЊУ ЏЕРСИ 1drs1

(25)Македонските православни цркви во САД се најзначајните и најмасовните собиралишта на Македонците од сите делови на Македонија. Во тие македонски храмови, покрај богослужбата, слободно се слуша македонскиот збор, мајчиниот јазик донесен од стариот крај. Меѓу нив се следните во државите Мичиген и Њу Џерси:

4. Свети Никола во Кентон.

Оваа црковна општина е формирана на 10 јуни 1977 година, а на 14 август 1977 година се одржала првата конференција на која е решено да се изгради македонска православна црква, што ќе биде под јуриздикција на МПЦ.  Со акт на Св. Синод на МПЦ општината била примена во крилото на Св. Климентовата црква на 19 октомври 1977 година, а на 25 август 1979 година на купеното место од неколку хектари бил поставен и осветен крст за изградба на црква и културно-просветен центар.

Таа година за првпат била извршена богослужба на мајчин македонски јазик во тој регион. Потоа на 16 август 1981 година митрополитот Кирил го положил камен-темелникот за изградба на црковната сала. На 21 декември 1985 година на свечен начин салата била предадена во употреба. На тоа свето македонско место во Охајо, каде што е изградена сала за 500 луѓе се одржуваат пикници и други манифестации, а до неа е црквата Св. Никола, чиј камен-темелник бил осветен на 17 септември 1989 година од архиепископот г.г. Гаврил.

Осветувањето на црквата Св. Никола е извршено на 13 септември 1998 година од владиката Кирил. Новата зграда на црквата е копие на архитектурата на црквата Св. Богородица во Калиште – струшко. Покрај иконите во неа има живописен изрезбан иконостас изработен во Охрид, кој претставува единствен пример од таков вид на северноамериканскиот континент. Во рамките на црквата работи: женската секција, играорната група “Пелистер”, неделното македонско училиште и бинго секцијата.

III. МИЧИГЕН

1.Раѓање на Пресвета Богородица во Детроид.

Иницијативата за изградба на оваа македонска православна црква била покрената во декември 1973 година, а во 1974 година било решено да се организира македонска православна црковна општина. Потоа на 14 јануари 1975 година била формирана црквата Раѓање на Пресвета Богородица во Ворен дел од Детроид.

Првата архиерејска служба била отслужена од надлежниот архиереј, митрополитот Кирил во една римокатоличка црква во 1975 година, а потоа бил организиран пикник на кој била собрана поголема сума на средства. Во периодот кога се одбележувала 75-годишнината од Илинденското Востание, на 13 август 1978 година епархијскиот архиереј извршил осветување на купеното место и положил камен-темелник за градба на црква. Потоа на 24 декември 1978 година била купена црковната зграда и била осветена на 20 јули 1980 година.

Денес стариот објект на црквата е продаден а изградена е нова црква која претставува соборен храм и најголем објект на МПЦ во САД.  До храмот се изградени големи сали и други простории што претставуваат убав македонски архитектонски комплекс.  Местото било осветено на 25 септември 1995 година, а на 21 септември 1998 година е поставен камен-темелникот. Новиот објект на Св. Богородица, поточно салата е осветена од архиепископот Стефан и митрополитот Кирил на 21 септември 2000 година, а црквата била осветена на 21 септември 2002 година.

Во состав на црквата работат: женската секција, фолклорната група “Танец”, македонскиот радио час, хорската и други секции, неделното македонско училиште и пензионерското друштво.

2. Св. Ѓорѓи Кратовски во Фармингтон Хилс. 

Оваа македонска православна црква е основана на 19 декември 1993 година. Првата богослужба била одржана во една либанска православна црква која привремено се користела и за одржување на други црковни активности во период од една и пол година.  Потоа во 1995 година била купена куќа која е пренаменета во црква, која на 27 август 1996 година била осветена од архиепископот Михаил. Целосно осветување на црквата било извршено на 8 септември 1998 година, исто така, од архиепископот Михаил.

Црквата Св. Ѓорѓи Кратовски е адаптирана во македонски православен храм со приспособен олтар што порано се користел во друга македонска православна црква. Храмот собира стотина верници, а во подрумските простирии е адаптирана мала сала за  црковни и други потреби. Во рамките на црквата активна е женската секција, а работи и неделно црковно училиште.

1drs12

МПЦ „Свети Кирил и Методиј“ во Пасаик

IV. ЊУ ЏЕРСИ 

1.Св. Кирил и Методиј во Пасаик. 

Основното собрание за изградба на оваа македонска православна црква било одржано на 23 декември 1972 година.  Потоа светиот архиерејски синод со писмо од февруари 1973 година ја прифатил под своја јуриздикција и оваа МПЦ. Потоа на 15 март 1973 година црквата Св. Кирил и Методиј била регистрирана кај американските власти во Њу Џерси. На 27 мај истата година, надлежниот архиереј, во една руска православна црква ја отслужил првата света литургија на македонски јазик.

Потоа бил купен објект кој бил преуреден и адаптиран за потребите на македонските верници, а кој на 24 ноември 1974 година бил и официјално осветен од митрополитот Кирил.

За жал, на 27 февруари 1992 година, од непознати причини црквата Св. Кирил и Методи била опожарена и до темел изгорела. Во неа биле активни: женската секција, неделното училиште, црковниот хор, библиотеката и КУД “Гоце Делчев”. Денес активноста на оваа црква е пренесена во црквата Св. Кирил и Методиј во Сидер Гроув.

 2. Св. Кирил и Методиј во Сидер Гроув.

Како продолжување на традициите на изгорената православна македонска црква Св. Кирил и Методиј во Пасаик, Македонците од Њу Џерси во 1993 година решиле да градат нова црква. Така е купено место од десетина хектари заедно со времена сала во 1994 година. На кое е изградена македонска православна црква, исто така во стилот на Св. Богородица во Калиште, односно по планот на црквата Св. Никола во Кентон, Охајо, но со зголемени димензии.

Потоа на 7 август 1993 година бил осветен камен-темелникот од митрополитот Михаил. На оваа свеченост меѓу другите присуствувал и тогашниот претседател на Р. Македонија г-дин Киро Глигоров и првиот македонски амбасадор во САД.

Во рамките на црковната општина активно работи КУД “Гоце Делчев”, фудбалскиот клуб “Македонија”, Комитетот за човекови права, неделно училиште, женска секција, црковен хор, библиотека и неколку музички состави.

Продолжува

1sla3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ВТОР ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *