Шулц: Власта и опозицијата да го имаат предвид интересот на државата на патот кон членство во ЕУ

Поранешниот претседател на Европскиот парламент и прв човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц смета дека и власта и опозицијата треба да го имаат предвид повисокиот интерес на државата за надминување на пречките на патот кон членство во ЕУ, како и дека партиите треба добро да размислат и направат баланс меѓу нивната национална одговорност и тактичките чекори во домашната политичка борба.

Мој личен впечаток, порача Шулц денеска во Скопје, е дека опозицијата игра тактичка игра со цел да ја стави Владата во тешкотии.

– Не е мое да коментирам за внатрешните работи на земјата. Ќе дадам еден пример. Главната опозициска партија во земјава е дел од Европската народна партија (ЕПП). ЕПП пак го дели ставот на вашата Влада дека уставните измени се неопходни за напредок во ЕУ, изјави Шулц, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на вториот Социо-еколошки форум (СЕФ) денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Mеѓународниот центар „Олоф Палме“и Прогрес – Институтот за социјална демократија.

Шулц посочи дека најважно во меѓународната политика се довербата и доверливоста, додавајќи дека, според негово лично мислење, ЕУ направила грешка.

– Пред Договорот од Преспа, земјите членки и ЕУ дадоа ветување на оваа земја. Зоран Заев и Алексис Ципрас ја вложија својата целосна политичка тежина за тој договор. И по голем број дискусии и дебати во двете земји, мнозинството од граѓаните ги следа своите лидери и за мене ова беше историски момент за целиот регион. И тогаш јас, како и сите други, верував дека отворањето на ЕУ преговорите ќе може да почне. И тогаш дојде француското вето и тоа поради домашни причини. Тоа не беше фер и не беше праведно. И секако преку вакви дела се губи довербата. Потоа следуваше Бугарија. Затоа, ако владите и опозицијата ги користат ваквите работи како тактички поени, тогаш тоа е контрапродуктивно, изјави Шулц.

Затоа, нагласи Шулц, разбирам кога кажувате дека граѓаните губат доверба, но моето мислење е дека се може да се промени во позитивна насока.

Поранешната шведска министерка за надворешни работи Ан Линде, одговарајќи на новинарски прашања денеска во Скопје, рече дека најважно на патот кон ЕУ е да се направат потребните реформи, иако тоа е особено тешко, бидејќи некогаш се потребно големи промени.

– Зборуваме за уставните измени, кои сега сметам дека се важни. Сметам дека актуелниот премиер Димитар Ковачевски, поранешниот премиер Зоран Заев и поранешната министерка Радмила Шекеринска направија особено големи напори да ја донесат земјата во ситуацијата во која се наоѓа сега и искрено се надевам дека ќе има конструктивна опозиција, а не опозиција што само го отежнува патот на вашата земја за членство во ЕУ, изјави Линде.

Таа оцени дека не постојат скратени патишта, нагласувајќи дека земјата мора да ги направи болните и тешки промени за членство во ЕУ, но дека сето тоа вреди да се направи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *