Ги јакнеме билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Шведска, имаме силна поддршка за европската иднина на земјата

Продолжувањето и унапредувањето на соработката помеѓу Северна Македонија и Шведска, посебно во време на шведското претседавање со Европската Унија следната година и очекувањата за силна поддршка од Стокхолм во евроинтеграциските процеси, беа во фокусот на разговорите на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски со новата шведска амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Јаин.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот на средбата ѝ посака успешна мисија на новата амбасадорка и изрази задоволство за одличната досегашна билатерална соработка помеѓу двете земји, како и за засилените политички и пријателски врски.

Премиерот Ковачевски истакна дека земјава е фокусирана на просперитет, а тоа може да се постигне само со добрососедски односи и европска иднина.

Амбасадорката Ларсон Јаин на состанокот упати честитки за отпочнатите преговори на Северна Македонија со ЕУ и посочи дека земјава има подготвени тимови кои го водат скрининг процесот.

– Во рамки на разговорот, беше изразена благодарност за шведската поддршка за зајакнување на капацитетите на институциите на Република Северна Македонија, во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на животната средина, што се и дел од скрининг процесот. Исто така беше истакнато дека Република Северна Македонија како членка на НАТО Алијансата го поддржува пристапувањето на Шведска во НАТО, се наведува во соопштението.

Во мај нашата Влада го одобри пристапувањето на Финска и Шведска со членство во НАТО. Членството на Шведска и Финска во НАТО е придонес за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа, особено во контекст на руска воена агресија врз Украина, која доведе до промени во европската безбедносна политика. На 22 август, Северна Македонија го депонираше инструментот за ратификација на Протоколот кон НАТО за пристапување на Шведска и Финска во Стејт департментот на САД.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *