БИТКИ НА АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ ВО ИНДИЈА (4)  

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Роман „Александа Велики“ од германскиот научник Улрих Вилкен (Ulrlich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), го преведе и прилагоди од англиски на македонски како „Александар Македонски“ Славе Николовски-Катин, а го издаде Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година, на 390 страници. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесет и пет години.

Тој ги отвори широко портите ние денешните Македонците да се запознаеме со нашето минато, а таа дејност да ја продолжат бројни интелектуалци, зошто во овој долг и богат со настани временски период, само два народа се нарекле Македонци: античките Македонци и сегашните Македонци кои денес живеат на просторот на етничка Македонија и на сите континенти во светот.

Сé уште се зачувани фрагменти од книга за Александар од Онесикрит, еден од неговите придружници, во кои, на романтичен стил и со филозофска и историска природа, го дава разговорот што го водел со некој од калуѓерите во Таксилија со помош на преведувач.

Како раскажување е двосмислено, а во фактот што разговарале Онесикрит и гимнософистите (калуѓерите) не треба да има сомнение; интересно е да се види како овој циник и ученик на Диоген, иако наишол на циничка доктрина во општа смисла кај овие индиски испосници со нивниот едноставен и аскетски живот, ги претставува како вистински циници со цинички идеи за монархијата и за државното право на светот.

Од друга страна, пак, во деловите што се зачувани од разговорот меѓу калуѓерите и Александар Македонски инвентивно се измислени во наредниот период и несомнено се пренесени сред членството на циничкиот круг, кои немаа почитување кон Александар Македонски, какво што имаше Онесикрит.

Таксил испрати свои амбасадори кај Александар Македонски во Согдијана, бидејќи со тоа се надеваше оти ќе се заштити од непријателските соседи, Абисар кралот на Кашмир и Порус, како што античките Грците го викаа кралот Паурава, чие големо кралство источно од Хидасп го присвои за себе.

Додека Абисар настојуваше да го измами Александар Македонски во своите вистински намери со испраќање на амбасадор и со вредни подароци, склучи сојуз со Порус, кој собра силна војска од другата страна на брегот на реката Хидасп за да го спречи Александар Македонски да ја премине реката. Таму, во средината на летото на 326 година се случи уште една значајна борба во која Александар Македонски учествуваше последен пат.

Што се однесува до историјата на војната и на судот на неговата способност како генерал, оваа битка е многу интересна. Таа е сосема различна од трите претходни. Во нив тој се придржуваше кон основните принципи на косиот строј на војување, но тука употреби сосема нови тактички идеи и без придржување кон некои определени шеми одлучи да војува според посебните услови. Неговата задача беше да го засили преминувањето и да го порази непријателот.

Отспротива, на левиот брег, се наоѓаше Порус со 200 слонови и 300 борбени коли, како и со голема пешадија и коњица. Згора на тоа, реката беше надојдена од тропските дождови. Бидејќи Александар Македонски не се осмелуваше директно да ја премине реката откај кампот што го имаше поставено на десниот брег, се послужи со воено лукавство. Повторувањето на ноќните маневри го замори непријателот, се додека не се откажа не верувајќи во сериозноста на непосредниот напад.

Една ноќ без да привлече внимание Александар Македонски отиде спротиводно до едно згодно место каде што успеа да ја премине реката со 5.000 коњаници и 6.000 пешаци, оставајќи го Кратер зад себе со својата војска. По пристигнувањето од другата страна, Александар Македонски наредното утро го започна својот марш против Порус. Тој лично одеше напред со коњицата и нареди пешадијата да го следи. На веста за она што таму се случуваше, Порус прво испрати во пресрет мала дивизија под команда на својот син, кој беше поразен и се предаде.

Во меѓувреме, Порус ги доведе своите главни единици и ги построи во борбена линија на погодно место. Во центарот беа 200-те слонови, меѓу нив и назад пешадијата од околу 20.000 до 30.000 луѓе, така што слоновите стоеја како градски бедем, а на крилата беше сместена коњица, чиј што број се движеше од 2.000 до 4.000, како и 300-те бор-бени коли.

Кога Александар Македонски се приближи и ја виде нивната силна позиција пред себе, премина право од марш во напад, како што тоа го направи кај Граник. Се соочи со вкупно околу 11.000 војници, многу супериорен број, но неговите 5.000 коњаници беа повеќе отколку на Индијците. Според тоа, тој настојуваше со брилијантен напад да ја ангажира прво коњицата пред да дојде неговата пешадија.

Планот беше исполнет до совршенство. Го задржа левото крило на коњицата под команда на Коен, додека Александар Македонски лично со десното го нападна спротивното лево крило на индиската коњица и, така, како што очекуваше, ја привлече непријателската коњица да дојде на помош.

Тогаш Коен со својот распоред направи круг: отиде напред во заднината на комбинираната индиска коњица која се судри лице в лице од двете страни. Како резултат на тоа, индиските јавачи на слонови почнаа да бегаат.

 

Продолжува

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 

SHARE