Република Северна Македонија како земја од Западен Балкан која е насочена кон просперитет и развој, интензивно работи на обезбедување на енергетска стабилност и независност за што има донесено мерки и модели на краток, но и на подолг рок, но и нова Стратегија за инвестиции во зелена енергија, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград на панел дискусијата за можностите за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан на која учествуваат инвеститори од Норвешка.
-Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Ние сме првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во Осломеј, Кичево, на место каде што веќе градиме 120 MW соларна централа на местото на поранешниот рудник за лигнит. Ова е конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија и покажува силна волја за декарбонизација на нашиот енергетски сектор, а со тоа и декарбонизација на нашата економија, рече премиерот Ковачевски.
Целта на Конференцијата е да ја зајакне соработката во можностите за развој на капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан кои треба да обезбедат енергетска независност.