СОСТОЈБИТЕ ЗА АЛЕКСАНДАР ПО УБИСТВОТО НА ФИЛОТА И ТАТКОМУ ПАРМЕНИОН (42)  

 

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Од друга страна, пак, Александар Македонски има вина за извршувањето на свирепото убиство на Парменион, таткото на Филота. Подоцнежните извори на информации што потврдуваат дека и Парменион беше осуден од Воениот суд, ја фалсификуваат историјата во корист на Александар Македонски. Меѓутоа, се претпоставува дека акцијата на Александар Македонски беше преземена со посебно овластување дадено од војската за да ја зачува својата безбедност.

Тоа се случи кога Александар Македонски на своја одговорност, веднаш по осудувањето на Филота, испрати наредба до потчинетите на Парменион во Медија да го убијат, а наредбата беше веднаш извршена. Тоа е најмрачниот дел во животот на Александар Македонски. За тоа во голема мера недостасуваат поцелосни извори на информации кои би дале нешто автентично, наместо претпоставки за мотивите на дејството.

Тоа би било многу важно за оценката на карактерот на Александар Македонски. Тој беше цврсто убеден дека Филота е виновен. Но, дали во некоја пригода претпоставуваше дека и татко му беше учесник во заговорот? На ова, всушност, тешко може да се поверува, доколку се земе предвид со каква лојалност Парменион му служеше како прв човек во неговата војска, како што му служеше и на Филип Македонски, иако одвреме навреме доаѓаше до различни мислења меѓу двајцата.

Освен тоа, доколку Александар Македонски веруваше во неговата вина, можеше да го затвори и да го испита пред војската како и неговиот син. Уште повеќе е веројатно дека Александар Македонски се плашеше од Парменион да не ја слушне веста за убиството на својот син Филота, што природно би го сметал за неправда, би можел да ја искористи својата значајна позиција, што пред неколку месеци му беше доверена во Екбатана, да се одмазди, потпирајќи се врз своите единици и царското благо, со кревање бунт против Александар Македонски во западниот дел на Блиска Азија.

Дали беше опасна ситуацијата што таткото на убиениот син ги контролираше комуникациите во заднината на Александар Македонски? Дали со тоа се објаснува големата брзина со која Александар Македонски ги испрати пораките со таинствена наредба за егзекуцијата, пред да се рашири веста за осудувањето на Филота? Секако, не постоеше друг начин да спречи веста да дојде до Парменион.

Така, како што вели Аријан, можно беше ваквите причини на државната политика да го принудат Александар Македонски да ја предложи смртта, како што може со право или не да се верува дека тоа е во интерес на самозаштитата од Парменион и за обезбедување на своето царство.

За Александар Македонски не беше тешко да предвиди дека овој акт ќе предизвика грозење и одвратност кај целиот антички свет, особено сред неговата војска, каде што Парменион беше многу ценет, а уште повеќе меѓу старите Македонци од школата на Филип Македонски. Се разбира, тој презеде остри мерки, кога по извршувањето на пресудата Македонците го изразија своето незадоволство.

Ги одвои луѓето во кои се сомневаше и ги изолира од војската. Меѓутоа, ваквата состојба веројатно не можеше долго да опстане. Иритиран од откривањето на заговорот и од незадоволството што го гледаше кај своите македонски придружници, Александар Македонски покажа дека не може да трпи опозиција.

Во врска со случајот на заговорот, Александар Линкестијан, кој му изрази благодарност при стапувањето на должност, но кој во последните три години беше в затвор под сомнение за предавство, беше изведен пред Воениот суд, потоа осуден и убиен.

Во изминатите две години Александар Македонски сé повеќе го прифаќаше начинот на живеење на Големиот крал. Околу есента 328 година тој беше во Мараканда по победоносната година на војување во Согдијана, каде што повторно се креваа бунтови. Подоцнежните извештаи ги обојуваат фактите за да им одговорат на теориите, така што тешко е да се определат деталите.

Веројатно најверодостојна информација е онаа на Плутарх, која се чини оди поназад до некои добри и стари извори во кои фактите биле едноставно потврдени. Според овој извор, Александар Македонски, една вечер откако добил овошје од приморјето, ги поканил своите пријатели на веселба.

Атмосферата сé повеќе се загревала поради виното од Туркестан, кога одеднаш по пеењето на една локална песна со подбив за сметка на некои македонски офицери што наскоро биле поразени, односно за храброста на античките Македонци, се поведе дискусија меѓу Александар Македонски и неговиот пријател Клит, кој пред тоа му го спаси животот на Граник.

Во текот на расправата на Клит му здодеаја погледите на Александар, па направи бесрамна алузија за него како син на Амон, а под влијание на слаткото вино не можеше да ја прикрие својата внатрешна интима, па му го кажа на кралот тоа што нему и на неговите другари од дворјанството им тежеше на душата за предностите што им беа дадени на Персијците и за усвојувањето на персиската облека.

Кога на крајот му рече дека подобро беше да ги поканел варварите и робовите, Александар Македонски, кој исто така се имаше напиено повеќе вино, во лутината фрли со јаболко и го удри Клит по главата, а овој посегна со раката кон камата. Меѓутоа, телохранителот брзо му ја фати раката.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *