Премиерот кани на лидерска средба за уставните измени, партиите со свои услови

Премиерот Димитар Ковачевски вчера испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус. Од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека ќе ја прифатат ако се разговара за актуелните проблеми, но не и за измени на Уставот, бидејќи темата е дефокус и го поларизира општеството.

Од владината прес – служба вчера потврдија  дека поканата е испратена, а средбата е предвидено да се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Република Северна Македонија.

-Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопштија од владината прес-служба.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак изјави дека ќе прифати лидерска средба доколку на неа се разговара за актуелните проблеми на граѓаните, како тешката економска состојба, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза, а не за промена на Уставот, за што партискиот став е непроменет.

 

–Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ јавноста го знае, тој е непроменлив, константен дека под овие околности промена на Уставот нема, рече на новинарско прашање Мицкоски по посетата на населено место Мралино, Општина Илинден.

Во интерес на партијата, е вели да се разговара за една изборна единица, за предвремени парламентарни избори, но вели, подготвени се овие прашања да ги стават на страна и да разговараат за проблемите на граѓаните. -Ако мислат дека на сила ќе го сменат Уставот, како што правеа со Преспа, нема да сменат, јас го гарантирам тоа, рече Мицкоски.

Во однос на прашањето за укинување на одредбата „20 отсто“ за употребата на јазиците од Уставот за што се залагаат политичките партии на Албанците, Мицкоски вели дека е пострашно тоа што тие бараат формирање дводомен парламент, што според него, би значело де јуре и де факто федерализација.

– Тоа е многу погрешен потег и нарушување на унитарниот карактер на Македонија, бидејќи ниту на Европа, ниту на светот, не му е потребна уште една Босна, уште една нефункционална држава на Балканот. Ние сме против и рековме дека тоа е црвената линија за која што сме подготвени да ја браниме со сите средства и алатки кои што ни стојат на располагање како политичка партија, потенцира Мицкоски.

Пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева вчера изјави дека средбата што ја најави премиерот со парламентарните партии, е во насока на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ.

 

-Сите знаеме пред колкави предизвици е ставена нашата држава со тоа што треба да го направиме, кои се клучните чекори, а треба да бидат направени со широк консензус во Парламентот. Оттаму, сосема нормално и очекувано е во вакви моменти да се иницира таква средба што всушност не е и прва и треба да биде еден нормален процес бидејќи навистина имаме заеднички интерес, а тоа што побрзо да го изодиме патот кон полноправно членство во ЕУ, скрингот, билатералниот треба да почне, се надеваме до година ова време.рече Калевска Ванчева во изјавата во Собранието.

Во однос на барањата на повеќето политички партии од албанскиот блок да се повлече формулацијата од Уставот „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, таа вели дека не бегаат да разговараат за кое било прашање, но сепак, вели треба да се води грижа за она што е првенствено од интерес.

-Секое отворање на Уставот за кое било прашање, повлекување отворање и на некои други прашања. Ние мораме да водиме грижа дали сакајќи нешто да направиме, во одреден момент добро, дали некои други постулати и темелни вредности можат да бидат нарушени. Затоа реков дека многу се сериозни прашањата што се однесуваат на промена на Уставот, без разлика во кој домен во кој дел се однесуваат и треба многу внимателно. А форматот е овој – средби, разговори, анализи на факти и аргументи што треба да бидат вкрстени, оценува Калевска Ванчева.

Пратеникот и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Арбер Адеми вчера во Собранието  изјави дека сите политички партии, без оглед на својот етнички или идеолошки „бекграунд“ треба да седнат на иста маса и да разговараат за европската иднина на државата.

 

 

Прашан во врска со поканата на „Беса“ до лидерите на другите партии на Албанците за средба на која ќе се разговара за заеднички настап во барањето од Уставот да се избрише одредбата „20 проценти“, Адеми рече дека треба да им се остави простор, без предрасуди, без негативна енергија, како зрели политички партии да седнат на иста маса и да разговараат за сите можни отворени прашања. Како што рече, во моментов целта е да се зацврсти социјалната кохезија во државата.

Во однос на најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека на средбата со премиерот Димитар Ковачевски на маса ќе се отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори, Адеми рече дека сега не е време за избори.

-Ние максимално сме фокусирани на реализација на нашите програмски определби и имаме многу поважни прашања од избори. Не е време, не е одговорно, не е сериозно, во време на енергетска, економска и финансиска криза да се зборува за предвремени парламентарни избори. Треба да размислуваме да носиме државнички одлуки кои ќе носат подобро утре за сите граѓани, рече Адеми.

Од Алијансата за Албанците (АА) најавија дека денеска ќе донесат одлука за поканите за лидерски средби од премиерот Димитар Ковачевски и од Движењето Беса. Одлуката треба да ја донесе Комисијата за организирање на Конгресот, која ги има ингеренциите на раководството, а која денеска ќе одржи седница.

Потпретседателот на Движењето Беса, Арјанит Хоџа на завчерашната прес-конференција информира дека политичката партија БЕСА  ќе испрати покана до сите партии на Албанците за заедничка средба, на која, како што рече, треба да се разговара за измените на амандманот 5 од Уставот што БЕСА ги бара, односно да се смени формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.

Северна Македонија согласно францускиот предлог, за да ги продолжи преговорите за влез во ЕУ, треба да донесе уставни измени со кои треба да ги внесе Бугарите во преамбулата. За отворање на Уставот потребно е двотретинско мнозинство од 80 пратеници.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *