МАКЕДОНИЈА – РОДНАТА ЗЕМЈА НА ИВАН ТРПОСКИ (5)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА

ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“ 

Ова продолжение ќе го посветиме на дел од активностите, случувањата и изразената љубовкон на Иван Трпоски кон родната земја Македонија, која му остана на срцето да ја сака, да се бори за неа и да ја афирмира. Меѓу другото, Иван напиша:

Ете, сум се родил во една многу пријатна фамилија, во едно убаво полско село и уште поубаво охридско-струшко поднебје. Но, иако сум се родил во една од најстарите европски држави, мојата татковина Македонија ја затекнав во барут, оган и крв. Ја затекнав со недефинирана своја државност, култура, историја, вероисповед итн. Во еден дел од распарчените четири делови (вардарскиот), кој од 1913 година до пред Втората светска војна го управуваше српската династија Караѓорѓевиќ, таа сега беше запоседната од германските и италијанските окупатори и бугар­ските и албански помагачи. Ете, токму во неа сум се родил јас.

Историјата на Македонија е мошне бурна и крвава. По падот на античка Македонија, од страв да не воскресне повторно, најпр­во ја распарчило Римското Царство, па кон крајот на деветтиот и почетокот на десетиот век ја покорила Византија. Не само војнич­ки туку и духовно. Мисијата на Св. Павле на Македонија не била случајна. И по поделбата на Римското Царство, Рим се обидувал да го ослабне православието, кое духовно се зацврстило во Кон-стантинопол. Во средниот век таквите активности ги продолжила и Отоманската Империја, која во Македонија се задржала токму 550 години.

По падот на Османлиската империја, во почетокот на двае-сеттиот век, за време на балканските војни, големите европски сили Англија, Германија и Русија, ја поделиле македонската те­риторија на четири дела и им ги подариле на нејзините соседи: Грција, Бугарија, Србија и Албанија. Како последица на немањето сопствена држава, се развиле две сорти на населението кон намет-натите окупатори. Едните што им се додворувале на актуелната власт за да преживеат, сеедно која и сеедно чија, а другите кои не­гувале симпатии спрема сите власти. Од таквите причини силно се развило кодошењето што го спроведувале додворувачите на власта врз своите сограѓани кои го негувале сопствениот идентитет. Кога на оваа појава ќе ѝ се додаде љубомората кон квалитетите, стану­ва јасно колку лесно можел некој да биде наклеветен и во колкав голем број видни интелектуалци завршувале во прогони и во зан-дани. Оваа појава продолжила да се развива и во времето пред и по Втората светска војна, а силно е присутна и ден денес.

По поделбата на Македонија, Македонците покрај тоа што биле принудени да зборуваат на јазиците од поробувачките земји (Србија, Бугарија, Грција и Албанија), тие морале и физички да ги бранат окупаторските граници, а тоа значи да пукаат еден во друг. За макотрпниот живот на Македонците најдобар одраз даваат стиховите на песната од Блаже Конески, кои ги боледувам и јас полни шест децении: „Уште рика маката во мене / дека сум роден во смачкано племе!“

По раѓањето на третото дете на сопружниците Љуба и На­уме, најпрво беа информирани кумовите за да му одберат име на бебето. Во тогашните временски периоди, адет бил името да се земе од најблискиот световен датум на раѓањето. Во овој случај најблиску е датумот 3 јули, кога се слави светецот свети Наум, но поради што таткото од детето се вика Науме, прифатен е 7 јули, поврзан со световното име свети Јован ‒ Иванден.

Па така, кумовите им го предложиле на родителите името Иван да му го стават на нивното новородено дете. Родителите не смееле да се спротивстават на одлуката од кумовите, затоа веднаш се согла-силе детето да се крсти Иван и секогаш да го прославува својот именден ‒ Иванден. По неколкунеделен период од раѓањето, ро­дителите од детето ги повикале кумовите и поблиските роднини за да го крстат Иван по сите црковно-православни обичаи. Па така кон средината на јули во домот на Билко и Науме Трпоски завладеа весело расположение. Новоизградената двокатна пли­тарна куќа била подготвена да ја пречека кумата и роднините на Ивановиот крштенички чин. Но, најпрво кумата Лиќарија Перова од Струга, го крена детето во своето нарачје и ѝ заповеда на тетка му на Иван, Македонка, да земе ѓумче в раце и да тргне со неа, на пат кон селската црква. Црквата „Св. Богородица“ се наоѓаше неколку стотини метри надвор од селото.

Таа навидум е нова, но нејзините темели се мошне стари. Всушност, црквата „Св. Бого-родица“ била запалена од албански разбојници во октомври 1925 година, а веднаш потоа со собрани парични средства од волинци, таа одново била изградена. До неа се наоѓа црковната камбана-рија, чија камбана е лиена во Битола меѓу 1912 и 1939 година. Црковниот имот изобилуваше со овошни и зимзелени растенија. Таквата шаренолика ткаенина од црешови, ореови, јаболкови, ло-зови, дренови, борови и други насади беше вистински плен за глетките на присутните.

Пред црквата раштркано опстојуваа пе­десетина фамилијарни гробови, градени од камен и бетон. Расле-ченото дете кумата му го предаде на свештеникот, за да го из­врши крштеничкиот чин. Иван беше среќен што се крштева во македонска црква и од македонски свештеник, што за минатите генерации тоа било само сон. Детето, раздразнато од мирисот на босилокот и темјанот, со нозете нервозно шлапкаше во водата од големата колимбра и со силен детски плач го нарушуваше мирот во црковната просторија. Тоа, тогаш, не беше свесно за важноста на овој негов православен македонски церемонијал, на кој за не­говото крштевање покрај кумата, тетката и свештеникот, сведоци ќе му бидат и сите светци чии ликови зографските четки ги на-сликале во волинскиот свети Богородичен световник. По свеште-ничката церемонија, кумата го забриша и облече во нови алишта сега веќе крстениот Иван и го завитка во поголемата пелена и со наполнатото ѓумче од крстената вода си заминаа за дома. Попат­но тетка ми Македонка на школското двориште го истури ѓумот молитвејќи: „Иван да расти, трча и да се просветува во идниот негов живот“.

По враќањето дома, мајката си го прегрна синот во својата прегратка и му го честита крштевањето. Таа, како по­дарок, по една риза им даде на кумата и тетка ми кои помогнаа во извршувањето на овој важен христијански чин. Помешаноста од мирисот на штотуку варосаните одаи и мирудиите од готвач-кото огниште беше вистинско доживување на присутните. Меѓу присутните на ручекот присуствуваше и свештеникот Методија, кој го благослови скромниот ручек приреден за гостите. По бла-гословот, сите присутни во еден здив наздравија, честитајќи му ја на Иван крштевката и посакувајќи му весело и безгрижно дет­ство и да порасне голем и да стане вистинско момче Македонче. Сите присутни на кумата ѝ посакаа да доживее и за свадба таа него да го венчава. По ручекот и муабетите, роднините весели го напуштија домот, а домашните уште повесели ги испратија нив.

По овој ритуал убаво е да спомнам дека јас сум ѝ бил по­следното дете од фамилијата Трпоски кое е крстено од кумата Лиќарија Перова.

Поради нашата фамилијарна делба, а и поради нејзината ста-рост, таа нас нѐ даде, за да ни кумува, на нејзиниот најстар син Никола, подоцна и на син му Танас Калајџијоски, а на деленицата им го даде нејзиниот најмал син Науме Калајџијоски.

Проодолжува

1sla2 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

One thought on “МАКЕДОНИЈА – РОДНАТА ЗЕМЈА НА ИВАН ТРПОСКИ (5)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *