ИВАН ТРПОСКИ – ЧОВЕК СО БОГАТО ИСКУСТВО (2)

ДЕЛ ОД ЖИВОТНАТА ПРИКАЗНА НА ИВАН ТРПОСКИ ОД СИДНЕЈ, АВСТРАЛИЈА

ВО ДЕЛОТО „ОВА Е МОЈОТ ЖИВОТ“Во првиот дел на предговорот на книгата „Ова е мојот живот“ на Иван Трпоски, проф. д-р Димитар Пандев напиша дека автобиографии пишуваат личности со богато животно ис­куство, исто како што биографии се пишуваат за големи луѓе, кои со своите дела и подвизи го означиле времето во кое живеат и активно создаваат

Во продолжение проф. д-р Димитар Панден напиша дека  времето поставувало бележити зна­ци по нивниот животен пат исполнет преживелици, низ кои не само што се калел човекот туку и се калемел, небаре „вејка на ветрот“, со корен во некоја митска земја и со става на распаќа меѓу една средина и друга, се оформувал низ една професија, во која поминал прво како низ сито, а потоа и во решето, до друга, особено од оние за кои не е неопходен особен влог, туку сигур­на рака, божја или своја, до оние во кои само умот и духот го водат човека како лотка фрлена во океанот. И секогаш се гледа светлината во далечината.

Не е исклучено, туку станува правило таквите личности, бележити со некој пален знак, или да станат писатели, за што понекогаш е доволно само перо и хартија, се разбира, и читачко искуство или, пак, другите што им станало тоа основна професија да пишуваат за нив, восхитувајќи им се на нивните дела. Кај личностите со богато животно искуство, по некое непишано правило, потврдено само низ народната песна и приказна, се јавува некоја неимоверна сила, што само бог ја дава, да опстојат низ сите, не само природни туку и разни општествени ветрометини, во кои ќе се сретнат со сѐ и сешто, со никој и нико­го, небаре со призрак на мртва стража, но и со секој и секого, и со царот и со говедарот, т. е. со полјакот и со претседателот, низ реалниот живот од меѓите меѓу двориштата селски до трибините на свечените сали светски. И сето тоа го претвораат во литера­тура и го преточуваат во само ним својствена уметничка форма опфатена со општ назив ‒ автобиографија!

И сето тоа му се случувало на нашиот славеник, Иван Трпо­ски, кој зачнат на „засушена есенска трева“, поминувал ден низ ден со бесконечна галерија луѓе, од оние што стрмоглавени во животни провалии налик на пеколот, врзувале камен врз камен и создава-ле грандиозни градби на кои генерации ќе им се восхитуваат, до оние што се издигнале на највисоките скалила на општествената хиерархија и речиси ништо добро не направиле за повисоки цели, имено, за народот.

И сето тоа Иван Трпоски го поминал во својот не така еднос­тавен живот и го вклопил во оваа, не само репрезентативна туку и полетно ведра книга, горд на себеси, прво што е волинец, што си го знае коренот и држи до својата татковина, и во онаа смис­ла во која за татковината зборувал своевремено Григор Прличев, но и во онаа смисла за која низ стихови говорел не само Блаже Конески, со кого нашиот Иван не само што се сретнал и се запоз-нал туку и писмено кореспондирал, во она време кога писмото беше речиси единствен начин за комуникација на далечина, како и други македонски писатели, со кои нашиот Иван, исто така, се среќавал in vivo, на средби од Струга до Сиднеј, што ќе рече – од Струшките вечери на поезијата до Литературното друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј, низ сите оние ѕвездени настани на ма­кедонската литература во Македонија и уште повеќе во Австра­лија, профилирајќи се, притоа, и самиот како автор, како новинар, поет и прозаист, но и како активен општествено-политички деец што целосно се посветил за опстојот на Македонија во бурни­те времиња на нејзиното осамостојување, кога бил дел од онаа „логистичка дипломатија“, која самоиницијативно се залагала за афирмација на македонската самобитност, како дел од една бес­конечна низа македонска емиграција, која низ светските метро­поли ја промовирала Македонија со сите расположливи средства, од рецитирање патриотска поезија до учество во македонските демонстрации во Австралија.

И сето тоа грижливо, поетски и новинарски, телеграмски и епистоларно, во форма на песна, но и на хроника, во состав на стихозбирка, но и на монографија, збиено во телеграма и раз-должено во писмо, запишано своевремено или забележано отпо­сле, еве, сега одново освежено и споено во оваа автобиографија, индексно насловена „Ова е мојот живот“, блика со животворечка енергија на писателот што повеќе учел од животот, но и од кни­гата отколку од училиштето, па има право да ја наслови својата биографија токму така.

Зашто, според една зацврстена претстава во теоријата на ли­тературата, постојат два вида писатели – писатели со биографија и без неа.

А, меѓу македонските писатели што имаат преисполнета би­ографија, писателот Иван Трпоски, бездруго, ако ја нема најбога­тата, тогаш секако ја има ‒ најсвојата, најличната или, поточно ‒најличносната.

Зашто, една од основните функции на автобиографијата е да го посочи патот на човекот до неговото најличносно остварување, кое Трпоски го остварува надвор од својата татковина, но го зацвр-стува токму преку воспоставување на релациите меѓу Македонија и Австралија, референцијално кажано, преку железницата во која поминал добар дел од својот живот, метафорично ‒ преку уметнич­ката композиција во која ја сместил својата автобиографија, вос-поставувајќи своевиден книжевен мост меѓу двете свои татковини и учествувајќи активно во турбуленциите на своите две татковини, од своето најрано детство, во кое се јавува во улога на градител, но и на бранител на пошироката тогашна негова „постојбина“, во онаа магискореалистична проекција во која овој збор се користи од Живко Чинго и за него, но и за сите оние што, ете, од којзнае какви причини, но најмалку од свои, не го добиле своето место под сон­цето во местото на своето постојанствување, па биле принудени, биле доведени до ситуација да се принудат, потем низа наместени бродоломи, самите да го одберат бродот во кој ќе го видат сјајот и бедата на човековата декаденција, сиот оној разврат што го прави парата, кога човек не знае што да прави со неа, но и маката и ра­доста на тешко спечалениот долар, што потта човекова секогаш го удвојува.

Проодолжува

1slave 1 Подготвил: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *