За власта извештајот на ЕК го препознава напредокот на државата, за опозицијата ја покажува негрижата на владата за спроведување на реформите

Власта и опозицијата вчера излегоа со различно толкување на Извештајот што Европската комисија го објави за земјава. Додека за власта Извештајот е позитивен и ја препознава одржливоста на реформите, опозицијата со критика дека документот ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ вчера на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир, рече дека како земја која преговара за полноправно членство во Европската Унија и која е во процес на скрининг, Северна Македонија доби позитивен годишен Извештај на Европската комисија за 2022, прв по отворањето на преговорите во јули оваа година.

Маричиќ нагласи дека по направената анализа на Извештајот, го радува тоа што може да се каже оти земјата има одржливи реформи и препознаен напредок.

– На самиот почеток, Европската комисија го поздравува почетокот на преговарачкиот процес, што беше потврдено и од страна на комесарот Вархеји со изјавата дека „Одржувањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година е нова пресвртница во односите меѓу Северна Македонија и ЕУ, бидејќи пристапните преговори започнаа“. Ова е признание за континуираната посветеност на Северна Македонија и постигнувањата во спроведувањето на реформите, особено во Кластерот „Фундаментални вредности“, каде се оценува дека напредокот во правосудството расте и се бара да продолжи трендот на независно и самостојно работење, истакна тој.

Маричиќ и европскиот амбасадор Гир ги анализираа дел од кластерите, а главен акцент беше ставен на работата на Собранието.

– Имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Се нагласува потребата Собранието да биде форум за конструктивен политички дијалог, особено за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работат на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени, додаде Маричиќ.

Гир во своето обраќање посочи дека е потребен напор од сите политички партии со цел да се засили улогата на Собранието.

Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“, информираше вицепремиерот. Тој посочи дека од аспект на остварениот напредок, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области и поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90 отсто од областите имаме делумна или добра подготвеност.

– Ова покажува дека и покрај сите внатрешни, но и надворешни предизвици со кои се соочуваме, сепак имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да биде поттик повеќе за сите нас. Северна Македонија недвосмислено ја потврди стратешката определба кон Унијата, во еден нов геополитички контекст, меѓу другото и со фактот што беше прва земја од регионот која се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија на Украина со постигнување на 100 проценти усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додаде тој.

Маричиќ порача дека очекуваат земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување со енергија и храна. Како особено важен дел ја посочи констатацијата на Комисијата дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност.

Во однос на делот на медиумите, во одговор на новинарско прашање, Маричиќ рече дека во Извештајот на ЕК, останува оценката дека медиумите во Северна Македонија имаат соодветна средина за слобода за критичко новинарство.

– Во делот на слобода на изразување и медиуми, останува оценката дека медиумите имаат соодветна средина за работа која обезбедува критичко новинарство, но ни останува обврската за усогласувањето со правото на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги и реформирање на националниот радиодифузен сервис и подобрување на работничките права на медиумските работници, рече Маричиќ.

Дека земјава има остварено напредок во текот на минатата година, се согласува и премиерот Димитар Ковачевски, кој нагласи дека дополнително и исклучително важно е тоа што во последниот Извештај на ЕК е нотирано оти земјата ги почна преговорите со ЕУ.

Одговарајќи на новинарско прашање вчера на прес-конференција со министерот земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, тој посочи дека ова е прв Извештај на ЕК во историјата на извештаите каде што опозицијата е полошо оценета од Владата.

– Тоа е поради блокадите во Собранието, а нефункционалноста не е предизвикана од Владата, туку од опозицијата. Тоа е нотирано и во самиот извештај, вели Ковачевски.

Премиерот додаде дека на последната седница во Собрание посветена на пратенички прашања, ги повикал сите политички партии и пратеници заедно и обединето да се соочат со предизвиците за полесно справување со енергетската и економска криза, како и побрз пристап кон ЕУ.

– Веќе сме во процес на преговори, а во тек е скринингот. Во ноември почнува и билатералниот скрининг. Целта е целиот скрининг процес да заврши до ноември следната година. Следниот Извештај на Европската Комисија сигурно ќе биде подетален, бидејќи ќе содржи дополнително и податоци од објаснувачкиот скрининг и билатералниот скрининг, појаснува премиерот.

Како што додаде Ковачевски, во билатералниот скрининг, преговарачкиот тим на Северна Македонија ќе презентира во кој дел и колку државата е усогласена и напредната и порача дека е значајно сите во општеството да бидат дел од евроинтеграциите, бидејќи, како што вели, тоа е процес што ќе трае најмалку осум години.

И шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на неговиот Фејсбук-профил го истакна напредокот на земјава во однос на надворешната политика, што е потврден со највисока оцека во Извештајот на Европската комисија.

– Највисока оценка – многу добар напредок – во извештајот на Европската комисија за напредокот остварен во надворешната политика, почеток на преговорите со ЕУ како историски момент што означува нова фаза во пристапниот процес на земјава, целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ,  докажан доверлив партнер и стратешки ориентиран кон основните принципи и вредности на ЕУ, значаен придонес во регионалните односи и иницијативи, потенцираше министерот на Фејсбук.

Евроамбасадорот Гир вчера на предавањето на Извештајот на ЕК на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, рече дека нотирањето на активностите и напорите на овој Суд во Извештајот на ЕК е силен знак за неговата посветеност и придонес во реформскиот процес и дека реформите треба да продолжат со истата посветеност во интерес на граѓаните. Амбасадорот истакна дека професионалноста е најсилната гаранција за ефикасноста и за независноста на секое судство и дека капацитетот на институциите е од суштинско значење за остварувањето на правдата.

Пратеникот од СДСМ Миле Талески, пак, оцени дека Извештајот го препознава напредокот и одржливоста на реформскиот процес и го поздравува почетокот на преговорите со ЕУ со одржувањето на првата Меѓувладина конференција.

– Споредено со другите држави од Западен Балкан, Северна Македонија сè уште стои најдобро во регионот во Кластерот „Фундаментални вредности“, а оценката за вкупната подготвеност гласи „добро ниво на подготвеност“. Позитивниот извештај на ЕК е признание за напорите на Владата и парламентарното мнозинството предводени од СДСМ за реализација на реформите важни за евроинтегративниот процес, рече Талески.

Како што нагласи тој, додека сите честитаат на позитивниот извештај, единствено ВМРО-ДПМНЕ како „докажана антиевропска партија шири лаги и ја извртува содржината“ на Извештајот и оти критиката на ВМРО-ДПМНЕ е целосно спротивна на оценката на ЕК дека државата има издржан реформски напредок кон ЕУ.

– Вистината е дека во Извештајот најмногу критика има за опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивните блокади во Собранието каде имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ нема никакво право да дава оценка за Извештајот, затоа што нашата држава најлошите извештаи од Европската комисија ги имаше токму за време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Па така, во Извештајот од 2016 година, последната година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ стои дека имаме заробени институции, судски органи,  регулаторни тела и медиуми, каде меѓуетничките односи се оценувале како кршливи, биле нотирани притисоци врз јавната администрација, рече Талески.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, со став дека Европската комисија, како и во изминатите извештаи, и во овој Извештај прави детална и посветена вивисекција на правните, политичките и економските состојби во државата и оттука ја поздравуваат посветеноста на ЕК и ЕУ за деталната анализа на македонското законодавство, но и за имплементацијата на истото.

– Овој годишен Извештај јасно ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството. Главен заклучок на овој Извештај, кој се однесува на работењето на властите, е дека кај Владата во Македонија нема сериозна и суштинска посветеност на реформи. Постои недостаток на одлучни чекори за да се изгради моментум и да се продолжи процесот на преговори со ЕУ. Владата прибегнува кон ад хок иницијативи, кои ги заменуваат системските реформски пристапи, рече Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, ако се погледнат шесте клучни кластери, ќе се забележи дека земјава нема подобра оценка од претходните години во ниту еден од нив и оти во секој од кластерите, државата се смета како умерено подготвена, што е иста оценка со годините претходно.

– Огромен проблем за Владата е што Европската комисија ја наведува оценката дека нема никаков напредок во спроведување токму на препораките од ЕК од изминатата година. Тоа се однесува особено на препораките за реформа на јавната администрација, градење на конкуренција на пазарот, слободно движење на стоки и работници, како и правото на интелектуална сопственост. Ова значи дека Владата воопшто не ги земала предвид препораките на Европската комисија, оценува тој.

Според него, што се однесува до Собранието како главна институција за развивање на демократијата, Извештајот го пронаоѓа она што тие како опозиција подолго го нарекувале „самоволие на спикерот Џафери“.

– Извештајот го забележува повеќемесечното незакажување на седници за пратенички прашања, што се рашири од пред локалните избори во 2021 година, па се до април 2022 година. А, дури и за ЕУ е евидентно она што само Ковачевски не сака да го види – дека тој се плаши од дебата во Собранието, бега од истата, навредува, клевети и омаловажува. Најголемата болка на оваа Влада во Собранието, е исто така забележана од Извештајот. Законите со лажно европско знаменце со кои сомнителни законски решенија се обидуваат да се протуркаат низ Собранието, а истите продолжуваат да бидат проблем и за ЕУ. Според Извештајот донесени се вкупно 81 закон по скратена постапка. Затоа, ЕК ја споменува и злоупотребата на европското знаменце во носење на законите по кратка постапка. Според ЕК, овие закони треба да бидат значително ограничени бидејќи ги намалуваат можностите за инклузивни законодавни процеси и значајни дебати, рече Андоновски.

Тој наведува и дека големи критики во Извештајот се ставени и во делот на реформата на јавната администрација, затоа што таа останува на истото ниво на подготвеност, како и во изминатите години – оценета со нема напредок и државата е само умерено подготвена.

Директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ) Симонида Кацарска за МИА оцени дека е очекувано тоа што Европската комисија во извештајот генерално држи позитивен тон во однос на посветеноста на властите на ЕУ агендата, со оглед на тоа дека имавме пробив во јули во однос на процесот на отворање на преговорите и формален почеток на скрининг процесот.

Кацарска оценува дека во повеќето поглавја има одреден напредок и, вели, ако погледнеме споредбено со минатите години, нивото на подготвеност за преземање на обврските од членството останува релативно исто.

– Единственото поглавје во кое имаме зголемено ниво на подготвеност за преземање на обврските за членство е во поглавјето за заедничката надворешна безбедносна политика, вели Кацарска за МИА коментирајќи го Извештајот на ЕК.

Кацарска, меѓутоа, оценува дека и покрај напредокот, очигледно е дека има многу области во кои препораките се повторуваат и тие стагнираат.

– Дополнително, исклучително загрижуваат негативните проценки на Комисијата во однос на капацитетот за управување со средствата од претпристапните фондови кои се повторуваат неколку години по ред, вели за МИА директорката на ЕПИ Кацарска.

Извештајот на ЕК објавен во средата, е прв извештај за земјава по одржувањето на Првата меѓувладина конференција на 19 јули годинава. Во изминатите извештаи, почнувајќи од 2009 година, Еврокомисијата препорачуваше отворање пристапни преговори, додека во март 2020 година, Советот на ЕУ ја одобри одлуката за почеток на преговорите, но поради блокадата на Бугарија, не беа отпочнати се до јули.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *