Ковачевски – Келин: Поддршка од Швајцарската Конфедерација за напредокот на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се сретна со Ирене Келин, претседателка на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарската Конфедерација.
На состанокот е заеднички констатирано дека Република Северна Македонија и Швајцарската Конфедерација се пријателски држави, коишто соработуваат низ блиски билатерални односи во трите децении од нивното воспоставување, што ќе биде одбележано следната година.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото пријателство со Швајцарската Конфедерација и за тоа што државата е најголем билатерален донатор во нашата држава, преку проекти од важност за демократијата и секојдневниот живот на граѓаните.
На средбата е поздравена определбата на нашата држава за демократски развој и се изразени честитки за почетокот на преговорите со Европската Унија, како стратешка цел на Република Северна Македонија. Исто така оценето е дека е важен придонесот на сите политички субјекти во Парламентот и во државата за натамошниот напредок на земјава, соопшти владината прес-служба.
– Носиме одлуки за добра иднина на граѓаните и на државата, со целосна заштита на идентитетските определби и на државните интереси. Практикуваме европски вредности и дома и во регионални и меѓународни рамки. Се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, како што отсекогаш оваа земја застанувала на вистинската страна на историјата. Сега сме посветени на решавањето на предизвиците со обезбедувањето енергија и храна, со што е соочен целиот демократски свет. И од големо значење се пријателствата што ги имаме, како со Швајцарската Конфедерација, во нашите определби кон натамошниот развој на државата, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е разговарано за актуелни политички прашања во Северна Македонија, како и во контекст на случувањата во светот.
Потврдена е и важноста на соработката во областа на доброто владеење, владеењето на правото, животната средина, што даваат резултати и е оценето дека може да се унапреди и во други важни сфери. Истакната е грижата што ја покажува Швајцарската Конфедерација за нашата дијаспора, како мост во добрата соработката меѓу двете држави.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *