Мрежа за заштита од дискриминација: Да се спроведат препораките на Комитетот за правата на детето при ОН

Комитетот за правата на детето при ОН, во завршните согледувања за Република Северна Македонија, го нотира формирањето на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, но и понатаму е сериозно загрижен за постоењето на стереотипи и општествени норми кои доведуваат до дискриминација врз децата, особено врз децата Роми, децата со попреченост, ЛГБТИ децата и млади што доведува до дискриминација врз основа на социјален статус.

Комитетот, како што информираат од Мрежата за заштита од дискриминација која учествува со два извештаи во сенка и на пред-сесијата во февруари 2021 година, ја повикува државата: да обезбеди целосно спроведување на постоечките закони кои забрануваат дискриминација и да ги зајакне кампањите за јавна едукација, промовирање на толеранција, соживот, почитување на различностите, дијалог и вклучување на сите актери, кско и подигање на јавната свест за забрана за дискриминацијата; потоа да се зајакнат капацитетите и ефективноста на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на агенциите одговорни за примање претставки; да се зајакне имплементацијата на Стратегијата за еднаквост и недискриминација за периодот 2022-2026 година, обезбедувајќи учество на децата и граѓанското општество во нејзиниот дизајн и следење на нејзината ефикасност; како и да обезбеди истрага на случаи на дискриминација на деца.

Од Мрежата за заштита од дискриминација, информираат дека Комитетот го поздравува спроведувањето на новиот модел за проценка на попреченоста, базиран на пристап на човекови права, заснован на Меѓународната класификација на функционирање (МКФ); како и донесувањето на Националната стратегија за деинституционализација (2018-2027) и донесувањето на Законот за основно образование како правна основа за вклучување на учениците со попреченост во образовниот систем.

Сепак, Комитетот, се вели во соопштението од Мрежата за заштита од дискриминација, е загрижен за: празнините во собирањето на расчленети податоци за децата со попреченост; недоволни финансиски и човечки ресурси за спроведување на Законот за основно образование и моделот за проценка на попреченоста врз основа на МКФ; недостапноста и несоодветноста на училиштата, зградите, транспортните средства и просториите за деца со попреченост, што ја попречува нивната пристапност; како и постоењето на предрасуди кои имаат влијание врз маргинализацијата и дискриминацијата на децата со попреченост при пристапот до здравствени, образовани и услуги за заштита на нивните права.

Комитетот и препорачува на државата да се спроведат мерки за справување со повеќекратната и интерсекциската дискриминација врз децата со попреченост, како и зајакнување на мерките за промовирање на вклучувањето на децата со попреченост во заедницата и обезбедување на нивен еднаков пристап до сите услуги во заедницата, особено културните, спортските и рекреативните активности.

Од Мрежата, исто така, информираат дека Комитетот изразува загриженост за недоволните системски напори за справување со врсничкото насилство во училиштата, онлајн малтретирањето и насилството врз ЛГБТ младите, децата со попреченост и децата Роми. Исто така, Комитетот препорачува зголемување на пристапот до сексуално образование, односно сеопфатно, соодветно на возраста образование за сексуално и репродуктивно здравје и права, засновано на научни докази, кое вклучува информации за спречување на адолесцентна бременост и за високоризично сексуално однесување, кое пак ги вклучува прашањата на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, планирање на семејството и контрацептивни средства, превенција и третман на сексуално преносливи инфекции.

Мрежата за заштита од дискриминација ги повикува надлежните институции, а особено Министертвото за труд и социјална политика сериозно да ги земат предвид препораките на Комитетот за правата на детето и да усвојат соодветни планови и средства за нивно спроведување. Исто така, апелираат за итно спроведување на препораките кои постојано се повторуваат во однос на заштитата на децата од дискриминација и насилство.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *