Пристапните преговори со ЕУ и илегалната миграција, теми на средбата на Спасовски и Схинас

Почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ и  предизвиците со илегалната миграција беа теми на денешната средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас.
Спасовски, како што соопшти МВР, на средбата во Владата изрази задоволство од започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, како децениска стратешка цел на Северна Македонија и изрази уверување дека процесот ќе обезбеди просперитет и напредок на земјата, а  реформите на подолг рок ќе донесат бенефит за граѓаните.

-Мотивирани сме и посветени на имплементирањето на европските вредности во нашето општество, вклучително и во миграцијата. Имаме добра основа, но и политичка волја и капацитет тоа да го направиме. Чекориме по европскиот пат и израз на нашето заедништво ќе биде и потпишувањето на Договорот со Европската гранична и крајбрежна стража. Наведениот договор е израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање на одржливи, трајни решенија во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал. Нашата досегашна соработка на ова поле покажа дека кога работиме заедно, можеме успешно заеднички да ги решиме предизвиците, истакна министерот Спасовски. Изрази  благодарност до ЕУ за континуираната поддршка за зајакнување на капацитетите на Граничната полиција преку обезбедување советодавна помош и обуки, како и преку набавка на специјализирана опрема за зајакнување на граничниот надзор.

Министерот Спасовски како особено значајно го истакна присуството за странските полициски службеници од соседните земји и земјите партнери од ЕУ, кои учествуваат во заеднички гранични операции на јужната граница и успешно се справуваат со мигрантските предизвици.

-Како резултат на тоа во делот на криумчарењето на мигранти, во периодот од јануари до јули регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи од 119 отсто во однос на истиот период лани, додека бројот на откриени криумчарени мигранти е зголемен за 141 отсто, што укажува на зголемена ефикасност во откривањето на вакви случаи, нагласи Спасовски.
Трендовите, како што рече, укажуваат дека регистрираните бројки во областа на илегалната миграција, криумчарењето на мигранти и поднесените барања за азил се зголемени во поглед на истиот период минатата година, но тие немаат значителен импакт во однос на националниот систем за управување со миграции. Сепак, од особена важност, според Спасовски, е поддршката од ЕУ во процесот на потпишување и имплементација на договорите за реадмисија со земјите на потекло во сите фази на враќањето.

-Затоа сакам да истакнам дека Република Северна Македонија и МВР продолжуваат да бидат активен дел од широкиот фронт, заедно со нашите соседи и земји партнери, а особено со ЕУ и нејзините институции, како наш стратешки партнер, преку интегрираното гранично управување целосно усогласено со европското законодавство. Притоа, неопходно да се продолжи соработката во сите споменати сегменти, особено важноста од редовна размена на информации меѓу земјите од регионот и на рутата, како и учество во активностите на ФРОНТЕКС, но и поддршка на сите меѓународни иницијативи кои имаат за цел да ја зајакнат соработката и безбедноста во регионот, вклучувајќи ја и безбедноста на целиот Европски континент, рече Спасовски на средбата со потпретседателот на ЕК, Схинас.

На средбата се потврди посветеноста на Северна Македонијa во решавањето на предизвиците со илегалната миграција, чија улога како земја кандидат станува сѐ поклучна во продолжување на бескомпромисната борба со криумчарењето на мигранти.

Потпретседателот на Европската Комисија Схинас ја оцени како многу продуктивна средбата со Спасовски во Скопје.

-Сè поблиската соработка на Северна Македонија за миграцијата е дел од нејзиниот пат кон ЕУ и договорот за статусот што се потпишува со нашата европска агенција за гранична и крајбрежна стража ќе биде силен доказ за тоа. Одиме напред, треба да продолжиме да работиме заедно на усогласување на визната политика, борбата против шверцот и управувањето со границите, рече Схинас.

 

One thought on “Пристапните преговори со ЕУ и илегалната миграција, теми на средбата на Спасовски и Схинас

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *